/ Прочитано:

766

Пратениците го усвоија пакетот закони за образование –државниот испит ќе биде пробен првата година

Четврток, 15 јануари 2014 – Со 67 гласа „за“ и 9 „против“, Собранието вчера ги изгласа предложените измени на Законот за високо образование и воведувањето на државeн испит во високото образование. 

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми го прифати амандманот со кој се дополни предлог-законот државниот испит, што ќе го полагаат студентите, првата година да се спроведе како пилот-проект.

„За МОН и Владата овој амандман е прифатлив. Станува збор за организирање пилот-државен испит пред да се спроведе државниот испит. Резултатите од пилот-државниот испит нема да имаат правни последици за тие што ќе бидат опфатени со него, а за тоа кои факултети, кои универзитети, студенти и кои студиски програми ќе бидат опфатени во пилот-државниот испит ќе се усогласи со Одборот за акредитација и евалуација“, рече Адеми, пренесе МИА.

Лилјана Поповска од ДОМ во расправата рече дека нема да гласа за овој Закон. 

„Неговата содржина ќе ја искомплицира допплнително состојбата во високото образивание  и нема да го унапреди, што е главна цел на Законот“, рече Поповска. 

Таа смета дека со државниот испит  се ризикува студентите да одат на студии во соседните земји во кои нема државен испит. Не се согласува ни со одредбата странец да биде ректор или декан и со изедначувањето на бројот на објавени научни трудови од општествените и хуманистичките науки со природните науки.

Спорно за Павле Трајанов од Демократскиот сојуз е што нема сеопфатна и компаративна анализа и темелна и стручна научна расправа. 

„Разговараме за реформи. Сите зборуваме дека се неопходни, но недостасува темелна анализа и стратегија за насоката во која ќе се движат овие рефрми.  Има контроверзни и провокативни решенија за кои треба да се разговара, а има и добри решенија“, рече Трајанов.

Според него, не е лоша идејата странец да биде ректор или декан или да се објавуваат трудови во списанија со импакт-фактор но, како што рече,  не е сигурен кои решенија се најприфатливи и дека тие решенија треба да произлезат од универзитетите.

Роза Топузовска, Љубица Буралиева и Солза Грчева побараа повлекување на Законот. Истакнаа дека се за издржани реформи, а не за закони кои се спротивни на Уставот. Грчева побара од претседателот Ѓорге Иванов да стави вето на Законот, а Буралиева и Топузовска  ги повикаа пратениците да го слушнат гласот на повеќе од 10.000 студенти и на повеќе од 300 универзитетски професори кои со петиција бараат повлекување на предлогот. 

Беким Фазлиу од ДПА рече дека неговата партија не прифаќа закон кој не е во полза на Албанците и кој, како што рече, го македонизира високото овразование. Го обвини министерот Адеми дека соучествува во донесувањето штетен закон кој, според него, ќе доведе до  затворање на Државниот универзитет во Тетово. 

Во попладневниот дел од седницата беа донесени и измените и дополнувањата на Законот за основното образование и Законот за средно образование, Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење и Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование (Закон за педагошки факултети).

Студентите и професорите, пак, вчера вечерта со свеќи и некролози во рацете поставија и крст пред Собранието, со што симболично го погребаа македонското високо образование. Ако се изгласа Законот, ќе бојкотираме, ќе блокираме и ќе окупираме, порачаа тие на вчерашниот протест пред Собранието. 

>> (ФОТО) СТУДЕНТИТЕ ПРЕД СОБРАНИЕТО: Ако се изгласа Законот, ќе бојкотираме, ќе блокираме и ќе окупираме!

1. Предлог Закон за изменување и дополнување на Законот за високото образование 

3. Предлог-закон за наставници во основните и средните училишта