/ Прочитано:

740

Пратениците слабо „имале муабет“, а кога имале – се степале

Вторник, 14 октомври 2014 – Дискусијата околу законските предлози во Собранието останува слаба. Пратениците покажаа најмногу интерес да расправаат за Предлог буџетот за 2015 година, Законот за градење, за утврдување на нацрт амандманите на Уставот, годишниот Извештај на Државниот совет за превенција на детско престапништво и Предлог-законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Извештајот, во кој се посочува наведеното,  е дел од мониторингот кој се одвива во рамките на проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“ финансиски поддржан од Европската Унија.

„Со ова јавноста повторно остана осиромашена од квалитетна дебата за голем дел од законските решенија. Испуштена е можноста преку дискусија да се тестира валидноста и издржаноста на изнесените аргументи на пратениците и можноста тие да бидат оспорени или надополнети што би придонело за изработка на поквалитетни одлуки во прилог на општото добро и јавниот интерес“, се вели во извештајот на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и Институтот за Источна и Централна Европа и Балканот (ИЕКОБ).

Според Извештајот, зголемената интеракција се забележува во поголемиот број на реплики и контрареплики околу дел од законските предлози, а тоа овозможи јавноста на неколку теми да добие видувања од различни агли. Сепак, најголем дел од точките од дневниот ред поминаа со мала и еднострана или без никаква дискусија.

Карактеристично за овој период е што покрај отсуството на најголемиот дел од пратениците на опозициската коалиција предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во текот на целиот месец, септември, работата на парламентот ја бојкотираат и пратениците на опозициската Демократската партија на Албанците (ДПА).

„Пратениците и во овој период останаа „секој во своите ровови“. Најмногу дискутираа секој за себе односно преку нивните говори не успеаја да разубедат ниту еден пратеник да ја промени својата почетна позиција. Истовремено со ова пратениците повторно не покажаа интерес или подготвеност за менување на своите ставовите и позиции поради добри аргументи изнесени од други пратеници во расправата („сила на подобар аргумент“). На почетокот од периодот кој го опфаќа овој извештај на 26 август на седницата на Комисијата за финансии и буџет на која се расправаше за Предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2014 година се случи физички инцидент меѓу пратеници на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и ДПА. Во текот на седницата во говорите на пратениците се забележани форми на недоличен говор и лични напади, но и целосно игнорирање на изнесените аргументи од страна на мнозинството и надгласување без никакво образложение што кулминираше со физичка пресметка“, се наведува во Извештајот.