/ Прочитано:

3.568

Правата на лицата болни од Алцхајмерова болест или кои имаат симптоми на деменција во Австралија, Ирска и САД

Повеќе здруженија од Ирска, САД и Австралија, чија задача е советување и грижа за болните од Алцхајмерова болест и за оние што имаат деменција, објавиле насоки и препораки како тие да ги разберат правните прашања со кои би се соочиле во иднина и како да ги заштитат своите права. За лица кај кои е дијагностицирана деменција или Алцхајмерова болест е многу важно да се определи границата до каде тие поседуваат капацитет за да донесуваат сопствени одлуки.

Деменцијата е синдром или група синдроми што најчесто се јавуваат заедно. Не станува збор за посебна болест, туку за состојба која подразбира збир на симптоми кои вклучуваат губење на меморијата, тешкотии при размислувањето, решавањето проблеми и проблеми со јазикот. Деменцијата е предизвикана од оштетување на мозочните клетки, а бидејќи Алцхајмеровата болест е болест што го уништува мозокот, таа е една од најчестите причини за деменција, така што околу 50 до 70 проценти од сите случаи на деменција се предизвикани од Алцхајмерова болест.

Повеќе здруженија од Ирска, САД и Австралија, чија задача е советување и грижа за болните од Алцхајмерова болест и за оние што имаат деменција, објавиле насоки и препораки како тие да ги разберат правните прашања со кои би се соочиле во иднина и како да ги заштитат своите права.

За лица кај кои е дијагностицирана деменција или Алцхајмерова болест е многу важно да се определи границата до каде тие поседуваат капацитет за да донесуваат сопствени одлуки. Во врска со ова прашање, во австралиското законодавство тоа се разликува во зависност од државата. Така на пример, во државата Квинсленд лицето е способно да ги сфати природата и ефектот од своите одлуки и постапки каде што јасно ќе ја изрази својата волја на некаков начин.

Доколку некој од блиските роднини на болното лице се посомнева дека тоа веќе не е способно за носење на лични одлуки и постапки, може да поднесе барање до судот кој врз основа на медицинска документација и искази на психијатри донесува одлука за одредување на капацитетот на личноста. Сѐ додека лицето е во можност да донесува разумни одлуки со полномошно, судот може да одреди лице кое во негово име ќе носи одлуки откако тоа нема да биде во можност да го прави тоа во врска со неговите финансии, грижа за неговото здравје, имот итн.

Така, во Австралија постојат повеќе називи за таквите лица. Обично се ангажираат адвокати кога се работи за финансиските прашања на болното лице, а за прашања во врска со здравствените проблеми се ангажираат т.н. „трајни чувари“.

Тоа полномошно може да биде со ограничена моќ, во зависност од одлуката на судот и од волјата на лицето што го дава полномошното. На пр. адвокатот што се грижи за имотот на лицето може да презема работи што се однесуваат на плаќањето на сметките и долговите, но не и на сите работи што се однесуваат на имотот.

Пред судот да го назначи лицето што се грижи за здравјето на болниот („трајниот чувар”), треба да ги земе предвид нивните меѓусебни односи, финансиската способност на лицето што ќе се грижи за болниот човек, дали се работи за роднина или познајник итн.

Во врска со работните односи на лицата на кои им е дијагностицирана деменција, тие не можат да бидат отпуштени од работа само затоа што имаат такви симптоми и сѐ додека се способни за работа, ги имаат истите права како и секој вработен, во согласност со правото на Комонвелтот т.е. Законот за антидискриминација (Disability Discrimination Act) од 1992 година. Покрај тоа, работодавачот е обврзан доверливо да ги чува податоците за работникот во врска со неговата болест.

Во врска со другите права на болниот според австралиското законодавство, тој е кривично одговорен како и сите граѓани, а судот во текот на кривичната постапка ќе ја земе предвид состојбата на осомниченото/обвинетото лице што ги има симптомите или болеста.

Во државата Кентаки, САД, Здружението „Алцхајмер асосиешн“, меѓу другите работи, на болните лица им помага и во врска со остварувањето на нивните права: да состават тестамент, да им ги посочат правата ако се решат за патување во друга држава, да изготват полномошна, договори за доживотна издршка итн.

Во Ирска, според Законот за еднаквост од 2000 година и Законот за еднакви работнички права од 1998 година, граѓаните со деменција се заштитени од директна и индиректна дискриминација во врска со купување на предмети, користење на јавните услуги и работните односи, а доколку лицето што нема наполнето 66 години заболи од Алцхајмерова болест или има симптоми на деменција и поради тоа ја загуби работата, му следува финансиска помош од Министерството за социјална заштита.

С. М.