/Прочитано:

258

Правата на туристите според Законот за туристичка дејност и специфики на договорот за ангажирање угостителски капацитети според ЗОО

Во тек е сезоната на летни одмори кога се склучуваат разни договори со туристички агенции и угостители во кои тие и лицата што уплаќаат за летување имаат свои права и обврски. Како поука од минати многубројни случаи на сторени неправилности и измами при облигационите односи помеѓу тристисите и агенциите, овој текст го претставува договорот за алотман кој подетално е претставен во македонскиот Закон за облигационите односи и воедно поблиску ги запознава граѓаните со нивните права и обврски при патување на годишен одмор, како и со обврските помеѓу агенциите и угостителите.

Со овој договор, кој мора да биде склучен во писмена форма, угостителот се обврзува во текот на определено време да ѝ стави на располагање на туристичката агенција определен број легла во определен објект, да им даде угостителски услуги на лицата што ќе ги упати агенцијата и да и плати определена провизија, а агенцијата се обврзува да настојува да ги пополни, односно да ги извести во утврдените рокови дека тоа не го може, како и да ја плати цената на дадените услуги доколку ги користела ангажираните хотелски капацитети.

Членот 943 од ЗОО ги уредува обврските на туристичката агенција која е должна да го известува угостителот за текот на пополнувањето на сместувачките капацитети, а доколку не е во можност да ги пополни сите сместувачки капацитети, агенцијата е должна во договорените или вообичаените рокови да го извести угостителот за тоа и да му ја достави листата на гостите, како и во известувањето да го определи рокот до кој угостителот може слободно да располага со ангажираните капацитети. Туристичките агенции за вршење на дејноста мора да имаат лиценца „A“ или „Б“.

Многу важен дел за правата на туристите е членот 944, кој вели дека туристичката агенција не може на лицата кои ги праќа во угостителски објект да им засметува поголеми цени за угостителските услуги од оние што се предвидени со договорот за алотман или со угостителскиот ценовник, а исто така агенцијата е должна на лицата кои ги праќа врз основа на договорот за алотман да им издаде посебна писмена исправа која гласи на име или на група, која е непренослива и содржи налог за угостителот да ги даде услугите што се наведени во неа и таа исправа служи како доказ дека лицето е клиент на туристичката агенција која со угостителот склучила договор за алотман.

Што се однесува до обврските на угостителот, тој презема конечна и неотповиклива обврска во тек на определено време да стави на користење договорен број легла и да им даде на лицата кои ги упатува туристичката агенција услугите наведени во посебната писмена исправа и е должен на лицата кои ќе ги упати туристичката агенција да им даде услуги под истите услови, како и на лицата со кои непосредно склучил договор за угостителските услуги.

Угостителот не може да ги менува договорените цени ако за тоа не ја извести туристичката агенција најмалку шест месеци однапред, освен во случај на промена во курсот на размената на валутите што влијаат врз договорената цена и тие можат да се применуваат по истекот на еден месец од нивното доставување до туристичката агенција, а секако новите цени нема да се применуваат врз услугите за кои е веќе доставена листа на гости.

Исто така, туристичката агенција има право привремено да се откаже од договорот за користење на ангажираните сместувачки капацитети, а со тоа да не го раскине договорот за алотман ниту да создаде за себе обврска за надомест на штета на угостителот, доколку во договорениот рок му прати известување за откажувањето од користењето. Туристичката агенција може да се откаже од договорот во целост без обврска да ја надомести штетата ако известувањето за откажувањето го испрати во договорениот рок.

Со договорот за алотман може да се предвиди посебна обврска за туристичката агенција да ги пополни ангажираните угостителски капацитети. Ако во тој случај не ги пополни ангажираните угостителски капацитети, туристичката агенција е должна да му плати на угостителот надомест за неискористено легло во ден и тогаш агенцијата нема право преку навремено известување да го откаже договорот делумно или во целост.

Што се однесува до пакет-аранжманите за патување, според Законот за туристичка дејност, се дефинираат како однапред договорена комбинација од најмалку две од следниве услуги продадени или дадени на продажба со тоа што вкупната услуга да трае подолго од 24 часа или вклучува сместување со ноќевање, односно сместување и тоа:
а) транспорт,
б) сместување и
в) други туристички услуги што не се опфатени со транспортот и сместувањето и се значаен обем во рамките на туристичкиот пакет-аранжман.

Во случај кога туристичката агенција го откаже туристичкиот пакет-аранжман од која било причина, освен поради грешка на корисникот пред договорениот датум на тргнување, корисникот на услугите има право:
1) да земе туристички аранжман што му одговара или друг сличен пакет-аранжман од повисок квалитет таму каде што туристичката агенција може да му понуди како замена. Ако туристичкиот пакет-аранжман на замената е од понизок квалитет, туристичката агенција ќе му ја врати разликата во цената на корисникот или
2) да му се врати целата сума што ја платил по договорот, во рок кој не може да биде подолг од 15 дена од денот на откажувањето на договорот, освен кога откажувањето е резултат на виша сила. Под виша сила се подразбира сè она што е регулирано со Законот за облигациони односи.

Ако по тргнувањето голем дел од услугите не се остварени/дадени или ако туристичката агенција увиди дека не е во можност голем дел од услугите да ги изврши, ќе предложи алтернативни аранжмани што одговараат за продолжување на пакет-аранжманот, без дополнителни трошоци за корисникот и ако треба ќе му компензира на корисникот за разликите меѓу понудените и добиените услуги.

Ако не е возможно да се направат алтернативните аранжмани, во смисла на претходниот став од овој член или тие не се прифатени од корисникот поради оправдани причини, туристичката агенција ќе направи алтернативни аранжмани какви што одговараат без дополнителни трошоци за корисникот, со еквивалентен превоз назад до местото на тргнување или на некое друго место каде што корисникот се сложил и ако треба ќе го компензира корисникот.

С.М.