/ Прочитано:

902

ПРАВНА БИТКА ЗА ТРГОВСКА МАРКА: Американец го тужи фудбалскиот ас Роналдо поради брендот „CR7“

Четврток, 7 август 2014 – Најдобриот светски фудбалер во моментов, Кристијано Роналдо, познат и по кратенката CR7, под која лансираше и моден бренд, се соочува со тужба од американскиот државјанин Кристофер Рензи, кој регистрирал трговска марка под ова име уште во 2009 година. 

Имено, Американецот поднел тужба против фудбалската ѕвезда и данската компанија „JBS Textile Group“ која продава долна облека под називот „CR7“, што е комбинација од иницијалите на Роналдо и бројот на неговиот дрес. Адвокатот на Рензи вели дека неговиот клиент бил испровициран да преземе правни дејствија бидејќи  адвокатите на „JBS Textile Group“ му се заканиле да се откаже од својот бренд.

„Другата страна тврди дека Рензи се обидел да заработи на славата на Роналдо, но нема никаква вистина во тоа тврдење“, вели адвокатот Мајкл Фелдун. 

Американецот, брендот го регистрирал во Службата за патенти и трговски марки на САД уште во 2009 година. Според зборовите на неговиот адвокат, Рензи го користи логото „CR7“, неговите иницијали и денот кога се родил – 7 октомври, на облека за вежбање.

Фелдун тврди дека дека европската текстилна компанија му понудила и пари на неговиот клинет со цел да престане со користење на овој заштитен знак, но тој не сака да открие колку, бидејќи според него се работи за многу мала сума. 

Со тужбата се бара Судот да утврди дека Рензи не го прекршил законот на ниту еден начин, ниту пак дека тој присвоил нечиј бренд. 

„Роналдо е најпознатиот корисник на брендот, тоа никој не му го оспорува, но овде прашањето е кој прв го користел спорното „CR7“ за комерцијални цели во САД! Тоа е господиниот Рензи!“, подвлекува адвокатот.