/ Прочитано:

640

Правната наука не е доволно вклучена при донесувањето на прописите за јавните набавки

Четврток, 2 јули 2015 – За  правниот систем на јавните набавки треба поголема вклученост на правната наука, велат од Државната комисија за жалби по јавни набавки. Според Комисијата, за развојот на правниот систем на јавните набавки недостига правна анализа, истражување, статистички податоци и теоретски научни публикации.

Пракса без теорија

Академската заедница (правните факултети, научни установи и др.) не е во доволна мера вклучена при донесувањето на прописите и развојот на правниот систем на јавни набавки. Јавните набавки како правна област се изучуваат и на додипломски и на постдипломски студии, но, сепак, за оваа област недостига правна анализа, истражување, статистички податоци и теоретски научни публикации“, истакнуваат од Комисијата, од каде што додаваат дека правната пракса ја развиваат на тој начин што секојдневно ги објавуваат поднесените жалби, како и донесените одлуки.

5.234.164 денари на име надомест за водење на жалбена постапка

Од Државната комисија за жалби по јавни набавки истакнуваат дека високиот прилив на финансиски средства во државниот буџет на име надомест за водење на жалбена постапка треба да се искористи за учество на едукации и обуки.

„Во текот на 2014 година во Буџетот на Република Македонија уплатени се вкупно 5.234.164,00 денари на име надомест за водење на жалбена постапка. Со оглед на фактот што овој уплатен износ од страна на економските оператори кои започнале постапка за правна заштита пред Државната комисија за жалби по јавни набавки е релативно висок, Државната комисија смета дека доколку се уплатуваат одреден процент од средствата на нејзина сметка, тие би биле од голема корист за Државната комисија и би можеле да бидат искористени за едукација и обуки“, велат од Комисијата.

Нови законски решенија

Понатаму, во Годишниот извештај се оценува дека со новите законски решенија во областа на јавните набавки е направен квалитативен чекор напред во уредувањето на правната заштита во постапките за доделување на договори за јавни набавки, концесии и јавното – приватно партнерство.

„Со формирањето и со започнувањето со работа на Државната комисија за жалби по јавни набавки се обезбеди законска основа за брза и ефикасна правна заштита во постапките за доделување договори за јавни набавки. Надлежностите на Државната комисија вклучуваат одлучување за законитоста на дејствијата и пропуштањата за преземање на дејствија, како и за законитоста на одлуките донесени во постапките за доделување на договор за јавна набавка. Со доделувањето на надлежноста за решавање по жалби во постапките за доделување на договори за концесии и јавно–приватно партнерство се овозможи и овие области да бидат опфатени со повисок степен на контрола, имајќи предвид дека и на одлуките по наведените постапки донесени од страна на Државната комисија, незадоволната страна има право на тужба до Управниот суд на Република Македонија“ велат од Комисијата.

Во Годишниот извештај на Комисијата понатаму се вели дека во текот на 2014 година во Буџетот на Република Македонија се уплатени вкупно 5.234.164,00 денари на име надомест за водење на жалбена постапка.

Жалбени предмети до Државната комисија

„Во текот на 2014 година до Државната комисија за жалби по јавни набавки пристигнати се и оформени се вкупно 591 предмет со вкупно 654 жалби, од кои 28 предмети се пренесени од 2013 година (од причина што овие предмети не биле комплетирани со документација бидејќи жалбите во овие предмети се пристигнати кон крајот на декември 2013, при што рокот за доставување на документација од страна на договорниот орган, кој изнесува 5 дена од денот на приемот на жалбата, истекувал на почетокот на наредната 2013 година), а останатите 563 предмети се новопристигнати во 2014 година. Од вкупно 591 предмет за работа во 2014 година, решени се 575 предмети со вкупно 638 жалби, додека нерешени предмети поради некомплетна документација и пренесени во 2014 година се 16 предмети со вкупно 16 жалби“, образложуваат од Комисијата.

Број на постапки за јавни набавки кои се обжалени пред Државната комисија за жалби по јавни набавки

Во 2014 година, од вкупно 575 решени предмети, 310 постапки за јавни набавки биле спроведени со отворена постапка, 125 постапки спроведени со барање за прибирање понуди со објавување оглас над 5.000 евра, 108 постапки со барање за прибирање понуди со објавување оглас до 5.000 евра, 14 постапки со преговарање без претходно објавување оглас, 3 постапки со преговарање со претходно објавување оглас и 9 постапки се спроведени во согласност со членот 17 од Законот за јавните набавки.

„Од вкупно решените 575 предмети во 2014 година, 4 предмети се однесуваат на доделување на концесии и 2 предмети за воспоставување на договор за јавно приватно партнерство“, истакнуваат од Комисијата.

Број на управни спорови против одлуките на Државната комисија во 2014 година

Во 2014 година до Државната комисија биле пристигнати и оформени вкупно 591 предмет, од кои решени се вкупно 575 предмети. Против решенијата донесени од страна на Државната комисија, според податоците на Управниот суд на Република Македонија, во текот на 2014 година изјавени се вкупно 66 тужби.

Структура на решени предмети според донесена одлука во 2014 година

Во 2014 година до Државната комисија пристигнати се и заведени вкупно 591 предмет, од кои 575 се решени предмети, додека нерешени предмети поради некомплетна документација се 16 предмети.

„Од вкупно 575 решени предмети, во 2014 година поднесени се 12 барања за продолжување на постапка, а не е поднесено ниту едно барање за поништување на постапката поради недоставување документација. Од вкупно 591 предмет со вкупно 654 жалби, Државната комисија за жалби по јавни набавки постапувала и донела одлуки по вкупно 575 предмети, односно по 638 жалби“, посочуваат од Комисијата.

Доведени се во опасност животите на вработените

Вклучувањето на правната наука не е единствен проблем на Комисијата, кој е посочен во Годишниот извештај. Имено, Комисијата се жали дека објектот во кој е сместена комисијата поради својата дотраеност ги загрозувал животите на вработените.

 „Објектот и просториите во кои е сместена Државната комисија од мај 2009 година се веќе дотраени и во многу лоша состојба и се доведуваат во опасност животот и здравјето на вработените. Од тие причини, потребно е во најкус можен рок да се обезбедат нови простории кои би биле соодветни за овој државен орган“, велат од Комисијата.

M.В / veljanoskim@akademik.mk