/ Прочитано:

6.907

„Правничкиот ентузијазам за владеењето на правото ги обединува младите правници“– интервју со Зоран Дранговски, нов претседател на МЗМП

„Обединети во идејата за владеењето на правото, младите правници мора да бидат вклучени во градењето на квалитетен правен систем за кој сите имаме надеж дека може да се создаде – надежта на младиот правник што се запишува во прва година, наивниот идеализам што се родил кај сите нас во првите години на студии, сè до првото соочување со шалтер или со судница; надежта на чесен и квалификуван судија кој секојдневно се бори да не биде ставен во иста група со другите судии; надежта на еден млад правник кој верува дека во Македонија има место и за него”, вели Зоран Дранговски, нов претседател на Македонското здружение на младите правници.

„Пред 13 години, 10 млади правници одржаа состанок и ги поставија темелите на организацијата што ќе ги обедини младите правници во борбата за заштита на човековите права и владеење на правото. Нивните идеали, нивната желба никогаш на била поблиску до остварување отколку денес. Тоа е една од задачите кои си ги дадов кога одлучив да се кандидирам за претседател на Македонското здружение на млади правници – да го продолжам патот на оние што беа пред мене“, вели новиот претседател на Македонското здружение на млади правници, Зоран Дранговски.

Она што ги обединува младите правници денес, нагласува Дранговски, е владеењето на правото, суштинското почитување и применување на законите и желбата за општествени промени. Нашето здружение е организација која е базирана на членство, а енергијата и мотивацијата ја црпиме токму од нашите членови – млади правници кои носат свежи идеи и нов ентузијазам.

„Поттикнати од правничкиот индивидуализам кај младите правници, ние се бориме и за унапредување на правничката професија. Ако знам дека некој млад колега во трета година правни студии не знае што со себе кога ќе заврши факултет, ако знам дека мојот сосед кој завршил со највисок просек моментално работи како приправник и не е ценет за својот придонес, ако знам дека огромен број луѓе не можат да си дозволат пристап до правда, тогаш е јасно дека треба да се направи нешто за да се промени тоа, а желбата за промени е поттикната од  основното чувство на одговорност кое пулсира во Македонското здружение на младите правници“, вели Дранговски.

Присетувајќи се на своите почетоци како штотуку дипломиран правник, Дранговски раскажува дека веднаш по дипломирањето, учеството на обука организирана од МЗМП ги проширило неговите видици како правник. Додава и дека во текот на правните студии тој и неговите колеги немале многу можности да се здобијат со правничка пракса и дека постојано провејувал прифатениот стереотип дека еден млад правник по завршувањето треба да бара работа во државна институција или кај адвокат. Сепак, додава Дранговски, правото подразбира и професија на проширени видици, во тоа, всушност, е и неговата убавина.

„Имав среќа во 2010 година да се пријавам на обука организирана од МЗМП која се однесуваше на Европската конвенција за заштита на човековите права. Тогаш првпат дознав дека правото има пошироки димензии и дека неговата цел не е само работата кај адвокат, или пак во државна институција. Еве сум, седум години подоцна имам чест да говорам за предизвиците на младите правници. Денес, од организација која целеше да ги обедини младите правници и да им даде знаење што ги надминува традиционалните концепти, успеавме да обучиме генерации и генерации правници. Денес тоа се едни од најуспешните професионалци во правната професија во Република Македонија. Сето тоа е благодарејќи на посветеноста на МЗМП и на оригиналниот придонес што го дава во професионалниот развој на младите правници“, истакнува Дранговски.

Новиот претседател на Македонското здружение на млади правници подвлекува дека една од заложбите на Здружението е промената на начинот на размислување од страна на институциите и од страна на граѓаните. Го промовираме нашиот начин на размислување, вели Дранговски, а тоа е како да се заштитат човековите права преку владеењето на правото.

„Суштината на примената на еден закон е што во применливоста се јавуваат различни практики, а со неспроведување или преку погрешно спроведување на законите се вршат повреди на човековите права. Мора да изградиме доверба во овој правен систем затоа што немаме друга алтернатива. Ако правната сигурност не може да се добие од судот, тоа создава фрустрации. Има голем број пресуди кои не се во согласност со законите и со Уставот. Овие пресуди не треба да поминуваат незабележано без да се утврди кој е виновен. Сигурен сум дека голем број граѓани и адвокати се соочуваат со вакви пресуди. Не постои магична формула за решавање на овие проблеми, но ние постојано го нагласуваме она што се случува во пракса, во насока на почитување на владеењето на правото. Тоа е постојана борба за младите правници“, истакнува Дранговски.

Тој подвлекува дека МЗМП денес вработува 50 лица на пет локации во Република Македонија. Ангажираме 37 адвокати кои ги водат постапките преку Здружението. Од своето основање Здружението има водено преку 800 постапки и оттука, вели Дранговски, тоа е врска помеѓу луѓето и адвокатите.

„Имаме 70 активни членови и повеќе од сто члена кои поради навршување на старосната граница сe т.н. алумни на Здружението. Со сигурност можам да кажам дека МЗМП во секое време располага со 200 правници и адвокати кои стојат на располагање за каков било предизвик“, вели Зоран Дранговски.

Во таа насока, новиот претседател на МЗМП посочува дека денес Здружението организира пракса за млади правници кои одат кај адвокати, во судови, кај Народниот правобранител и во државни институции. По завршувањето на праксата, овие млади правници одат на обуки и семинари. Речиси 300 млади правници поминале низ оваа пракса и, како што истакнува Дранговски, тие се инвестиција во иднината.

„Со ова сме овозможиле 300 млади правници да добијат насочување и дополнителна пракса во областа на човековите права. Ќе бев среќен да имав можност и јас да бидам дел од ваква пракса кога завршив правен факултет. Треба да се истакне дека голем дел од овие правници продолжија да работат понатаму кај адвокатите и во институциите“, вели Дранговски.

„Исто така, нашата работа е директно поврзана со работа на терен и со соработка со институциите. Ние обезбедуваме бесплатна правна помош и до нас за правна помош се обраќаат преку 400 лица годишно. Но, нашиот фокус е насочен кон три главни области, а тоа се: стратешкото застапување преку водење предмети од областа на човековите права, кои имаат цел да донесат општествени промени; понатаму, обединување на младите правници кои имаат интерес и желба и мотив да направат повеќе во Република Македонија; конечно, третата област е Програмата за азил, бегалци и миграција“, посочува Зоран Дранговски.

Тој додава дека уште од 2010 година во Здружението редовно се следеле извештаите на „Фронтекс“ и дека оттогаш третата област на која е фокусирано Здружението се идентификувала како важна област за Р Македонија.За време на бегалската криза бевме присутни на терен, на границите и во сите полициски станици каде што имаше баратели на азил. Во целиот период, додава Дранговски, имаше два паралелни процеси во врска со бегалците кои се однесуваа на хуманитарна заштита, како и процесот на правото, постапките и законодавството.

„Македонија долго време се мачи со оваа проблематика од аспект на законодавството и ние постојано укажувавме дека мора да се направат соодветни законски измени за да може да биде функционален и системот за азил. Кога се случи кулминацијата на бегалската криза, имавме одлична соработка со институциите. Нашето мото е јасно – се водиме од законот и ако се работи според законот, тогаш сите сме на иста линија. Факт е дека голем број од институциите се соочија со оваа проблематика за првпат….

…Македонија бавно ја градеше праксата од оваа област, а имаше и претходни кризи. Сепак, факт е и дека не постоеше толку добро организиран систем за менаџирање на ситуацијата и за справување со бегалската криза. Ниту една друга организација во Европа немаше толку одговорна задача како МЗМП. Бевме одговорни за регистрација на мигрантите. Тоа зборува за капацитетот и за визијата на институциите, а особено Министерството за внатрешни работи кое препозна партнер во МЗМП. Денес секаде го истакнуваме ова како голема предност за државата како пример за функционална соработка помеѓу државна институција и граѓанска организација, вели Дранговски.

Зоран Дранговски избран за нов претседател на Македонското здружение на млади правници

M.В