/ Прочитано:

1.019

ПРАВНИОТ ДИЗАЈН КАКО СПОЈ НА УМЕТНИЧКАТА КРЕАТИВНОСТ И ПРАВОТО – Александра Девендра, американска адвокатка и консултант за правен дизајн

Александра Девендра е адвокат по професија, но нејзиниот афинитет кон дизајнот беше клучен да се определи за правен дизајн и во консалтингот, покрај нејзината посветеност на практичната примена на правото. Адвокатката Александра Девендра е родена во Њујорк, а во Калифорнија го оформува своето образование, стекнувајќи се со универзитетска диплома од реномираниот „Помона колеџ“. Покрај правното образование, адвокатката Девендра има завршено и студии по француски јазик.

akademik foto 1

„По завршувањето на студиите по француски јазик, започнав да работам како билингвален извршен асистент за француска компанија во Њујорк. Се работи за француска компанија за мебел, па така, на некој начин бев непосредно поврзана со дизајнот. Во оваа компанија всушност се и почетоците на мојот интерес за внатрешниот дизајн, што понатаму, по завршувањето на правните студии се преточи и во интерес за правниот дизајн, за визуализацијата на правото и за естетските модели на правото“, вели  Девендра.

Креативната американска адвокатка раскажува дека во посветувањето кон проблематиката на правниот дизајн и визуализацијата на правото одлучувачка улога одиграла и нејзината љубов кон уметноста. Правниот дизајн, вели Девендра, е спој на уметноста и правото, кој во себе содржи не само естетска конотација туку и филозофија и начин на размислување.

„Ја сакам уметноста, особено француската уметност и тоа веројатно е и мојата предодреденост да се занимавам со правниот дизајн. Мојот омилен уметник е Шагал. Може да се каже дека интересот за уметноста на француските сликари, особено на Шагал, влијаеше за тоа да гледам кон правото и на поинаков, естетски покреативен начин, секако, од аспектот на дизајнот“, вели Девендра.

Тргнувајќи од таквата естетска содржина и претпоставка на правниот дизајн, а во контекст на визуализацијата на правото, Девендра објаснува дека правниот дизајн е иновативна дисциплина која употребува креативни методи од дизајнот во насока на нивно применување во правото, во правните информации и услугите. Тоа, вели адвокатката, им овозможува иновативен и флексибилен пристап на фирмите и адвокатите кон своите клиенти, заснован на  комуникациски ефективен, технолошки експедитивен и естетски креативен начин.

foto akademik

„Правниот дизајн во себе ја носи сервисната ориентација кон клиентите и кон барањата на потрошувачката јавност. Во таа смисла, има повеќе креативни начини и алатки што можат и што треба да се искористат. Иновативната типографската визуализација, графиконите, виртуелното претставување на слики, се само дел од алатките што нудат извонредни можности. Тие не само што обезбедуваат подобра деловна комуникација туку се ориентирани и кон луѓето и клиентите, па така обезбедуваат и полесна комуникација и разбирање од страна на лаиците“, вели Девендра.

Таа образложува дека правниот дизајн како дисциплина опфаќа повеќе аспекти на дизајн, како што се графичкиот дизајн и информатичкиот дизајн, чија цел е да биде прифатен не само од адвокатите и правниците туку и од пошироката публика.

„За адвокатите посебно е важно тоа што правниот дизајн е дисциплина на правните трендови и секако дека е сегмент од она што се нарекува иднината на правото во глобални рамки. За тоа говори и интересот на сè повеќе правни факултети да се проучува оваа дисциплина, а и интересот на самите адвокати во поново време кои сè повеќе ја сфаќаат важноста од правниот дизајн и визуализацијата на правото, а во насока на нивната комуникација со клиентите и интерно во самата адвокатска средина. За таа цел, адвокатите би можеле да ја подобрат функционалноста на професијата и комуникацијата со клиентите не само со примена на типографијата, туку и сите аспекти на графичкиот дизајн, информатичкиот дизајн и дизајнерското размислување. Всушност, клучната порака на правниот дизајн и на визуализацијата на правото е како правото да биде подостапно и поубаво,“, истакнува Девендра, советувајќи ги адвокатите да гледаат кон нештата и низ, како што вели, очите на клиентот.

foto

„Обидете се да погледнете на проблемот од перспективата на клиентот. Потребно е да се гледа на проблемот и од тој агол,  адвокатот треба да го има тоа предвид секогаш. Со таквата матрица на размислување адвокатот му додава вредност на она што значи ориентираност кон клиентот, што всушност е и една од целите на визуализацијата на правото и на правниот дизајн – секогаш да се гледа од аспектот кој е најблизок и најприфатлив за клиентите“, советува креативната американска адвокатка, која своите познавања ги сподели и на минатогодишната Конференција за правни ризици во организација на Академик.

М.В