/ Прочитано:

3.156

Правниот факултет „Јустинијан Први“ ги отфрли решенијата предложени од Ректорската управа за студентското организирање

Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“ го отфрли предлогот на Ректорската управа при УКИМ со кој се предвидуваат измени во однос на сегашното функционирање на Студентскиот парламент. Измените не се суштински и ние ќе предложиме измени какви што навистина треба да има, коментираат членови на Наставно-научниот совет на најстариот правен факултет во земјава.

Правен факултет

Како што велат членови на Наставно-научниот совет на Правниот факултет, измените што ги предлага Комисијата на Ректорската управа се проблематични првенствено од аспект на правниот субјективитет на Студентскиот парламент на УКИМ. Имено, од Правниот факултет не се согласуваат со постојните  решенија и со ставот дека Студентскиот парламент при УКИМ треба да остане да функционира како невладина организација, под засилени контролни механизми.

„Потребно е Студентскиот парламент да биде дел од УКИМ, а не да остане невладина организација како што е досега. Во таа насока, одредби од сегашниот Статут на УКИМ се во спротивност со Законот за високо образование и постои само едно решение за студентското организирање, а тоа е тело во рамките на Универзитетот и факултетите. Правниот факултет ќе испрати предлог-решение до Ректорската управа“, образложуваат професори од Правниот факултет.

Прашањето за темелни реформи на системот на студентско организирање се актуализира и во анализата „Студентското организирање и учество во Република Македонија”, која беше проследена со јавна трибина на УКИМ.

Она што може да се заклучи од целокупната анализа е дека на системот на студентско организирање му е потребна темелна реформа, пред сè на нивото на регулација, структура и редефинирање на односот на претставничката форма во однос на студените и образовните институции. Во анализата се нагласува дека реформирањето треба да се случи откако ќе се случи општ консензус како насока кон промена на постојната правна рамка.

На јавната трибина дел од професорите и студентите изразија зачуденост од фактот што Студентскиот парламент е регистриран како невладина организација. Ваквото решение, беше елаборирано на трибината, е парадоксално.

„Во принцип, Универзитетот претставува правно лице кое го сочинуваат сите професори, студенти, бивши професори, односно нешто што ние го нарекуваме академска заедница, кон која и правно и суштински припаѓа Студентскиот парламент“, беше нагласено на јавната трибина.

М.В