/Прочитано:

1.073

Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Комисијата за заштита на конкуренцијата потпишаа Меморандум за соработка

Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Горан Коевски и претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Благој Чурлинов, потпишаа Меморандум за соработка, со цел размена на искуства, знаења, едукација, литература и усовршување на кадри од областите во кои двете институции имаат кадровски и други интереси.

„Во зависност од меѓусебниот интерес, Комисијата за заштита на конкуренцијата и Правниот факултет ‘Јустинијан Први“ ќе соработуваат во изработка на заеднички истражувачки проекти и ќе даваат меѓусебна поддршка во организација на работилници, научни собири, тркалезни маси и друг вид настани“, велат од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Комисијата за заштита на конкуренцијата е одговорна за спроведување на Законот за заштита на конкуренцијата. Правото на конкуренција е воспоставено заради заштита на слободната конкуренција помеѓу претпријатијата на пазарот.

Слободната конкуренција е од пресудна важност за сите држави чиишто економии се темелат врз начелото на слободен пазар, каде што распределбата на средствата е резултат на односите на понудата и побарувачката на пазарот, а не последица на мерките со кои државата интервенира во односите помеѓу претпријатијата.

Примената на правилата на конкуренција има за цел воспоставување на пазар на кој претпријатијата учествуваат рамноправно и под еднакви услови, а нивната позиција на пазарот е да се вреднува првенствено според квалитетот на производите, односно услугите што ги нудат.

Во таа смисла, задача на правото на конкуренцијата е да ги спречи поединечните практики и деловни активности на пазарот, кои одредени претпријатија можат да ги доведат во позиција која е неоправдано поповолна во однос на другите претпријатија, а со тоа да ја загрози слободната конкуренција помеѓу претпријатијата.

M.В