/ Прочитано:

4.337

Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Народниот правобранител организираа стручна расправа за правото на образование во РМ

Денеска Правниот факултет „Јустинијан Први“ - Скопје и Народниот правобранител на Република Македонија организираа стручна расправа на тема „Правото на образование во Република Македонија, неговото остварување и заштита“.

Во своето воведно обраќање, деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ истакна дека соработката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Народниот правобранител датира уште со основањето на институцијата Народен правобранител како заштитник на човековите права. Таа соработка, нагласи деканот Коевски, отсекогаш била насочена кон човековите права како врвна демократска вредност.

„Покрај продолжувањето на успешната соработка помеѓу Народниот правобранител и Правниот факултет, еден од непосредните поводи за денешната стручна расправа се податоците и од истражувањата дека еден голем дел од младите не можат да го остварат своето право на образование и  дека дел од младите се функционално неписмени. Во таа насока, целта на денешниот настан е да се дискутира за овој проблем, во смисла на обезбедување на функционално но и на квалитетно образование. Се надевам дека денешниот настан ќе предизвика понатамошни дискусии во однос на унапредување на системот на образование“, истакна Коевски.

Поздравувајќи го денешниот настан и потенцирајќи го значењето на соработката помеѓу Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Народниот правобранител, правобранителот Иџет Мемети истакна дека темата на денешната расправа е една од фундаменталните теми за македонското општество. Правото на образование на децата во основните и средните училишта треба да е јасно утврдено и без недоречености.

Според Народниот правобранител, недоволното познавање на децата за своите права е причина поради која не ги препознаваат повредите на правата, а и многу малку ги користат механизмите за нивна заштита. Во Законот за основното образование и другите законски и подзаконски акти кои се однесуваат на образованието,  попреченоста отсуствува како основа за дискриминација, со што во редовните училишта инклузијата е исклучок, а издвојувањето е правило.

Образованието не само што е право, подвлече народниот правобранител, туку претставува и клуч за успехот што нè води низ животот. Образованието е предизвик, но и дејствување. Тоа подразбира рационалност, храброст и знаење. Секој млад човек, рече правобранителот Мемети,  кој сака да ја осигура својата иднина, не смее да биде нем набљудувач, а уште помалку да не го сподели наученото на патот кон своите поставени цели. Не треба, додаде правобранителот, да целиме кон образование кое ќе биде приспособливо кон општествените промени, туку ќе целиме кон образование кое ќе ги поттикнува општествените промени на подобро и кое ќе продуцира квалитетни кадри кои ќе бидат носители на тие промени.

Проф. д-р Борче Давитковски истакна дека едно од суштинските прашања кое се наметнува е дали во Македонија на сите им е пристапно образованието. За жал, нагласи професорот, на голема група луѓе не им е обезбедено образованието, иако правото на образование е регулирано и во Уставот на Република Македонија. Во член 44 од Уставот се пропишува дека секој има право на образование. Образованието, се вели во Уставот, е достапно за секого под еднакви услови.

„Како јавна служба, образовните институции мора да се темелат врз трите принципи, кои постојат во светот, а тоа се: еднаквост на корисниците, континуитет на вршење на дејноста и адаптација кон новите услови. Не само што секоја држава има должност да го обезбеди пристапот до образованието, туку секоја држава мора да води сметка дека сè што е ново во светот мора да биде инволвирано во образованието“, истакна Давитковски.

На денешната расправа, проф. д-р Ана Павловска-Данева говореше за проблемот на постоење на функционалната неписменост кај младите и за потребата од подобрување на регулативата и нејзината имплементација, во насока на обезбедување квалитетно и функционално образование.

„Во однос на функционалната неписменост, според последниот извештај на Светска банка, Македонија е на 68. место од 70 држави. Ние сме само пред Косово и Доминиканската Република. А што е функционална неписменост? Тоа значи дека младите знаат само да читаат и пишуваат. Тоа значи дека таа своја писменост не можат да ја стават во функција и не можат да одат на пазарот на труд“, нагласи професорката, потенцирајќи дека мора многу да се работи на тој план, бидејќи функционалната писменост која подразбира одлична едукативна подготовка е од круцијално значење за младите.

Но, додаде професорката, функционалната неписменост е еден од проблемите во образованието. Проблем се и лошите законски решенија и непристапноста до образование на маргинализираните групи, особено во поглед на физичката пристапност на лицата со хендикеп. Професорката нагласи дека иако постојат пристапни рампи до факултетите, сепак нема приспособен јавен превоз, ниту пак приспособени амфитеатри.

Друг проблем е, додаде професорката, е отсуството на буџетски средства за доследно почитување на создавање квалитетно образование, но и доследно овозможување на правото на образование. Образованието е скапо, но необразованието е уште поскапо, нагласи Данева, додавајќи дека за квалитетно и функционално образование, потребна е и подобрена законска регулатива, а не донесување аконски решенија кои не се во интерес на студентите.

„Потребно е да се зацврсти автономијата на Универзитетот и потребно е да се изменат брзоплетите законски решенија за високото образование. Законот за високото образование е толку менуван што е крајно конфузен. Извршната власт воведе целосна супремација врз Универзитетот и ние како универзитет сме виновни што со своето сервилно однесување го дозволивме тоа. Мора што поскоро да се измени Законот за високото образование и во тој поглед, во подготовката на тој закон мора да учествуваат и студентите и професорите“, истакна Данева додавајќи дека никогаш повторно не смее да се дозволи во образованието да се наруши и начелото на секуларност, но и да се дозволи толкав број факултети кои не спроведуваат квалитетна едукација.

Заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа подвлече дека соработката со студентите и народниот правобранител, исто така има огромно значење. Потребно е, истакна Бајрамовска, заеднички да придонесеме за квалитетно образование и донесување подобра регулатива, која ќе биде функционална во практиката и која ќе обезбеди функционално образование. Особено е важна, подвлече заменик правобранителот, соработката помеѓу правниците која започнува уште за време на студиите.

„Кај народниот правобранител често доаѓаат студенти по право кои проучуваат како да се помогне во случаи на заштита од дискриминација и кои се   запознаваат со улогата, мандатот и надлежностите на Народниот правобранител во промоција, превенција и заштита на човековите слободи и права, со посебен акцент на новите надлежности на Народниот правобранител, во согласност со измените и дополнувањата на Законот за народниот правобранител. Тие треба да покажат особен интерес за начинот на заштита на правата на ранливите групи, за заштита на деца и лица со попреченост и заштита од дискриминација, како и за националниот превентивен механизам“, истакна Бајрамовска-Мустафа.

Оваа и сите видови соработка мора засилено да продолжат. Народниот правобранител како механизам може многу да помогне во тој поглед“, истакна Бајрамовска-Мустафа.

M.В