/ Прочитано:

1.016

Правните студии под товарот на шематизмот: крик за враќање на слободната универзитетска мисла

Наместо да им се предава за самостојно размислување и за самосвесно дејствување, на студентите по право сè помасовно им се пренесува папагалско знаење. Петер Истман, професор по граѓанско право и по историја на правото на Универзитетот во Минстер, Германија, ги расветлува неизбежните последици на современото универзитетско секојдневие и потсетува на заборавените идеали на универзитетот. Неговата благородна цел е кај младите да поттикне љубопитност ослободена од какви било испитни стеги и, уште повеќе, да предизвика одушевување за студентски живот воден од глад за знаење. Во продолжение ги пренесуваме највпечатливите моменти од неговата опсежна интроспективна опсервација објавена во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Петер Истман, професор по граѓанско право и по историја на правото на Универзитетот во Минстер, Германија

„Кон крајот на октомври добив допис од една студентка. Предавањата беа почнати пред две недели, а по околу пет наставни единици од ‘Граѓанско право за прв семестар’, колешката се јавува со свое прашање: еден час било премалку да се објаснат стилските правци во правните науки и историскиот развој на правото, па во поглед на натамошниот тек на студиите би сакала да знае колку ќе бил важен овој материјал за предметот во иднина. Останав без зборови. Токму тоа е проблемот! Луѓето се запишуваат на универзитет со надеж да истражуваат во областа на којашто професионално ќе ѝ се посветат по неколку години, но само по еден месец почнува да им се губи првичната отвореност. Она што им е најважно е дали ќе се падне материјалот на испит. Што треба да сторам јас како универзитетски професор?“, се прашува Истман себеси.

Еден поглед во амфитеатарот е доволен за да се спушти човек на земја. Повеќе од петстотини бруцоши го слушаат неговиот предмет; тие седнуваат во факултетските клупи со најразлични интереси и, од практични причини, речиси и немаат шанса за здружување и за познанство со професорите. Според него, сто до двесте од нив ќе го паднат првиот правен испит, иако не се согласува со нашироко распространетото мислење дека студентите по право се мрзеливи. Во денешно време дури и бруцошите интензивно му се посветуваат на учењето. Сосема природно, тврди тој, притисокот е сè поголем, пазарот на трудот сè потесен, а очекувањата за добри оценки однапред вивнати в облаци.

Заборавените идеали на универзитетот

Класичниот идеал на образованието од деветнаесеттиот век е преубав за да биде вистинит, раскажува Истман. Образованието тогаш не се однесувало на натрупување фактичко знаење или работи вештини, ами на доследна изградба на сопствената личност: секој поединец настојувал да продре колку што е можно подлабоко во што повеќе области од живеењето. За тоа биле потребни цврсти основи, а меѓу другото и запознавање со науката. Оттаму, универзитетот намерувал на три главни цели: образование наместо обучување, соединување на науката и истражувањето, самостојност и слобода, но во заедница со учениците.

Студиите не биле насочени кон постигнување работни квалификации; токму тоа му отворило на универзитетот огромен слободен простор. Тој бил ослободен од потребата секогаш и секаде да се грижи за употребливоста и за применливоста на своите содржини. Извесниот степен на оддалеченост од практиката, според тоа, не бил за прекор, туку нешто што се подразбирало само по себе. Животот бил доволно долг, а практичните искуства можеле да се стекнат подоцна и на други места; затоа и не било сè само обично пренесување знаења. Единството меѓу науката и истражувањето требало да покаже дека професорите не им пренесувале само површно обработени четива на студентите, туку дека им овозможиле да добијат непосреден увид во нивната научно-истражувачка работа.

На тој начин студентите требале преку пример да согледаат како самостојно се препознаваат проблеми и како се решаваат. Многубројни области неизбежно морале да бидат изоставени, па голем дел од нив биле задача за самостојно учење на секој поединец. Самостојноста и слободата нужно биле поврзани со ризици. Кој не можел наутро брзо да се освести, често денгубел и веќе по неколку семестри бил вбројуван во малограѓанскиот кош. Тогаш се мислело на заедница со добра волја, па оттаму и називот на универзитетот како заедница или севкупност на учителите и учениците. Оваа заедница, којашто надминувала какви било возрасни граници и статусни симболи, можела постојано да раѓа сила за нови идеи.

Од испит на испит, од реформа на реформа, нигде ѕирка ни проѕирка

„Современите правни студии можеби немаат многу цврста врска со науката, но тие се далеку од едноставни. За тоа еднакво се виновни и професорите и студентите. Професорите од година на година сè повеќе го истанчуваа материјалот од задолжителните предмети, воведувајќи стеснети тематски целини, чија содржина честопати ја пренесуваа адвокати или нотари на гостински предавања. Строго структурираните студиски програми, постојаните проверки на знаењето, како и мајсторски усовршената техника на решавање зададени шематски случаи речиси и не оставаат простор за фрлање поглед налево или надесно или, воопшто, за гледање подалеку од видокругот. Мартин Лутер не рекол попусто дека правникот што е само правник е сирота. Сепак, не сум сигурен оти сред ваквите околности навистина сакаме нешто да се промени“, образложува професорот.

Сè позастапеното фиксирано учење од испит на испит, тврди професорот, им оди во прилог на практичарите. Од друга страна, образованието во својата најширока сеопфатност се покажува и се докажува во личен разговор и, во најсреќен случај, при дискусија на часовите по некој од изборните предмети. Меѓутоа, мнозинството студенти слуша само еден изборен предмет зашто од нив се бара само еден, а повеќето професори не можат да се наметнат со воведување уште еден зашто програмите веќе се доволно набиени. Така, образованието паѓа во замката на масовната универзитетска индустрија; за наука се интересира едвај видливо малцинство. Во преден план на современите студии стои обучување наместо образование во вистинската смисла на зборот. Оние делови од студиските програми, коишто имаат интердисциплинрана природа и општообразовна цел, како што се серија гостински предавања, подробни научни разгледи или специјалистички средби, во суштина не наоѓаат голем одѕив во современото универзитетско секојдневие.

„Зошто на усните испити се решаваат случаи, а не се дискутира за правни текстови? Зошто нема речиси никаква поткрепена критика од страна на студентите за шематизирањето, за безбројните картички и за дефинициите научени напамет? Зошто не одат повеќе студенти на опера или на концерт? Таму е поевтино отколку в кино. Каде се читателските кружоци, во коишто професорите и студентите разговараат за поезија и за проза? Кој има храброст да ја размрси сложената постапка на пријавување испити? Наводно, ниту една генерација студенти во последните две децении не била толку аполитична како денешнава. Каде остана отпорот на оние што никому не допуштаа да ги влечка од реформа на реформа? Би бил пресреќен ако некој ми противречи, но се плашам дека и тоа ќе изостане“, заклучува Истман.


Подготви: Далибор Стајиќ

Објавено: 22.12.2014