/ Прочитано:

2.083

Правното образование во Македонија: Критичка ретроспектива на реформите во високото образование – Гоце Коцевски

Првиот допир со правото сите правници го имаат за време на студирањето на правните факултети. Тогаш, со запознавањена основните принципи на правото како и на најважните правни гранки, идните судии, јавни обвинители и адвокати го започнуваат својот професионален развој.

Знаењето, вештините и вредностите кои тие ќе ги стекнат за време на студирањето во голема меркаги одредуваат нивните лични капацитети и интегритет кои се потребни за успешно да одговорат на предизвиците на мошне одговорните правнички професии. Според тоа, независен и професионален правосуден систем е невозможен без доброорганизирано и квалитетно високо правно образование. Кажано сликовито, денешните студенти по право за дваесет години од сега ќе бидат судии кои ќе одлучуваат за слободата, имотот и правата на други лица врз основа на стручност која во голема мера е одредена од образованието кое го стекнуваат денес.

Поради ваквото значење системот на правното образование мора да биде предмет на зголемен надзор од страна на претставниците на правосудниот систем, правната фела и академските кругови кои треба активно да бидат вклучени во сите процеси кои го засегаат или менуваат начинот на којшто се едуцираат идните правници. Со цел да придонесе во отворање на дебата во однос на ситуацијата во која се наоѓа правното образование во РМ, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) спроведе неколку истражувачки активности врз основа на кои ја објави анализата „Правното образование во РМ во периодот од 2003 до 2013 година – Анализа на реформите кои (не) го унапредија правното образование“. Оваа анализа се фокусираше на промените во правното образование чии наоди ги опишуваме подолу во текстот.

Правното образование во Македонија претрпе длабоки реформи во последните десетина години кои го променија начинот на којшто се студира право. Реформите во најголема мера беа последица или се поврзани сововедувањето на принципите на „болоњскиот процес“ и Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) во високото образование. Значајно за правните студии е што се намали времетраењето на додипломските студии од четири на три години, се воведоа нови титули за завршени правни студии (Правник со 180, 240 и 300 кредити, наместо дотогашната дипломиран правник), наставната програма претрпесуштински измени и се воведе нов метод на оценување на знаењето на студентите. Паралелно, со либерализацијата на високото образование се основаа повеќе нови приватни правни факултети, а малку подоцна како резултат на државната политика се основаа и нови правни факултети во состав на државните универзитети во Штип, Тетово и Битола (во Битола се обнови правниот факултет што постоел претходно) што пак го зголемибројот на слободни места за упис на правни студии.

Реформите сами по себе беа потребни и очекувани. Неспорно е дека претходниот систем на правно образование со сите напластени проблеми беше зрел за реформа. Застарената наставна програма, отсуството на непосреден контакт помеѓу студентите и професорите, занемарувањето на практичните правни вештини беа само дел од предизвиците кои требаше да бидат надминати. „Болоњскиот процес“ е европски стандард и како таков, неговите принципи порано или подоцна мораа да бидат имплементирани. Влегувањето во единствен образовен простор со развиените западноевропски држави и мобилноста на студентите се придобивки кои му се особено потребни на македонското образование. Исто е и со потребата од либерализација на високото образование и со овозможувањетода сеосноваат приватни високообразовни институции кои ќе нудат правно образование како би се зголемила можноста на избор на идните студенти по право каде ќе го стекнат своето образование.

Она што буди сомнеж не е очигледната и несомнената потреба за реформи, туку начинот на којшто се спроведоа тие, избрзано, без согледување на ризиците и во отсуство на дебата дали е избран најадекватниот модел. Зошто е ова така? Уште при самото планирање на овие две реформи беа мошне очигледни замките кои тие ги носеа и на кои мораше да се внимава. Кај ЕКТС предизвикот беше во тоа што обична реформа во образовен систем директно навлегува во веќе воспоставен систем на правно образование и професионална надградба со промената на траењето на студиите и новите титули. Со други зборови со ЕКТС се менува системот кој постои повеќе од половина век во чија основа се: четиригодишното правно образование, две години практична работа и правосудниот испит. Од друга страна, либерализацијата на високото образование во држава која нема традација на приватно финансирано образование си го носеше ризикот од основање на приватни правни факултети кои наместо кон високи стандарди ќе целат кон големброј на студенти кои ќе ги плаќаат високите школарини. Основањето на повеќе нови државни правни факултети пак, очекувано резултираше со зголемување на слободните места за студирање и со тоа зголемување на бројот на студенти по право без претходна анализа дали пазарот на трудот може да ги прими новодипломираните правници.

За жал, успеавме да влеземе во двете замки. Ниту очигледноста на овие ризици ниту пак компаративните искуства (воведувањето на болоњскиот процес на правните факултети во СР Германија предизвика сериозни реакции од страна на факултетите и од професионалните асоцијации, што беше повод за огромен број научни и стручни трудови и јавна дебата која сѐ уште не е целосно завршена) не беа доволни за да се пристапи кон овие две реформи со поголемо внимание како би се избегнале проблемите кои можеаи накрај произлегоа.

Она што е поразително и за изненадување е тоа што овие процеси не предизвикаа посериозен интерес помеѓу професионалната јавност и професионалните организации на правници. Речиси и да нема анализа на влијанието на спроведените реформи ниту пак јавна реакција, коментар или пак дебата од страна на претставниците на професијата чие образование се реформира. Правното образование треба и мора да биде предмет на интерес на професионалната фела како најзасегната и сите реформи кои се спроведуваат мораат да бидат внимателно дизајнирани исклучиво по консултации и дебата со правничката фела.

Кои се проблемите и предизвиците на правното образование во моментот?

Тригодишни наспроти четиригодишни додипломски студии

Болоњскиот процес и ЕКТС воведоа тригодишни додипломски правни студии со кои се заменија претходните четиригодишни студии кои се спроведуваа по т.н. стара програма. Оваа реформа отвори многу прашања на кои се одговори конфузно и неподготвено. Прво, која ќе биде титулата на новодипломираните правници, како истите ќе се вреднуваат во споредба со дипломираните по „стара програма“ и што ќе можат да работат овие лица? Правник, дипломиран правник со 180 кредити или нешто трето? Законите оперираа со повеќе поими за дури во 2012 со Законот за високото образовние да се воедначат и законски уредат стекнатите титули. Во однос на прашањето како ќе се вреднуваат новите титуливо споредба со претходно стекнатите во прво време се прифати (во Законот за правосуден испит, Законот за судовите итн.) дека титулата дипломиран правник со четиригодишно образование е на исто ниво со правник со 300 кредити согласно ЕКТС со тоа што на последните стажот потребен за полагање на правосуден испит им е намален за половина. Сепак овој принцип беше нарушен со практиката на Академијата за судии и јавни обвинители, која во конкурсите за упис на почетна обука, наметна услов да студентите со четиригодишно правно образование (по „стара програма“) кои се пријавуваат на Академијата морада достават и диплома/уверение за завршен втор циклус на студии. Ова создаде огромна конфузност и de facto значеше израмнување со тригодишните правни студии. Ваквата конфузност во системот на правното образование и професија е погубна и мора да се надмине.

Неадекватна проверка на знаењето на студентите

Воведувањето на „болоњскиот процес“ го промени начинот на оценување на студентите. Факултетите во најголем дел прифатија комбиниран метод каде најголем дел од бодовите се стекнуваат преку писмени тестови (т.н „на заокружување“) со избор на еден од повеќе можни одговори,а помал дел од активност, редовност на предавања и некаде состав на есеј. Ваквиот метод, иако концепиран сосема солидно да ги опфаќа сите аспекти на студирањето и да гарантира некоја објективност, сепак наместо учење и разбирање на правото во  практиката резултираше со меморирање на однапред достапни одговорени прашања и аритметичко положување на испитите (со собирање на потребниот бројпоени) наместо со совладување на материјата. Понатаму, отсуството на усен испит како и на писмени испити преку кои ќе можат да се проверат вештините на правно резонирање и пишување не дава објективна оценка на стручнатаподготвеност на студентите. Несоодветноста на овој метод се докажа исо неговата замена на најголемиот правен факултет во РМ, Јустинијан Први во Скопје кога почнувајќи од учебната 2012/13 се реформираше системот на проверка на знаењето на студентите на тој начин што се намали учеството на успехот од тестовите на заокружување во формирањето на завршната оцена и се воведе усен и/или писмен завршен испит.

Практичните правнички вештини ги нема во правното образование

Практичните вештини кои се особено важни за професионалниот развој на идните правници речиси воопшто не се застапени за време на студирањето што го прават сегашното правно образование некомплетно. Секој правник мора да располага со вештини за правно расудување и анализа, правно пишување и говор како и правно истражување. Дисциплина како номотехниката која е суштинска во правото е изоставена од задолжителните наставни програми на правните факултети. Запоставувањето на овие вештини ги прави новодипломираните правници неконкуретни при вработувањето и го одолговлекува нивниот професионален развој. Од друга страна, пак, се наметнува потреба на работодавците да ги остручат нововработените правници (обврска која не секогаш ја исполнуваат). Покрај вештините кои правното образование треба, а не ги всадува во студентите по право, не доволно внимание се посветува и на пренесување на вредностите на правничката професија кои вклучуваат посветеност кон клиентите, почит кон владеењето на правото и етичките кодекси и норми, почитување на работата на колегите и многу други. Овие вредности се важни за изградба на правници со висок личен интегритет. Отсуството на овие вредности од наставниот курикулум го остава стекнувањето на овие вредности го остава на индивидуалните моралните вредности на поединецот наместо да се градат колективни норми кои ќе ги споделуваат сите правници.

Нови државни и приватни правни факултети

Новооснованите државни и приватни правни факултети, иако воведоа конкурентност и можност за избор на идните студенти, не успеаа суштински да го зголемат квалитетот на правното образование. За жал, ниту еден од овие правни факултети не успеа да се наметне како елитна установа за образование на правници, чии студенти поради стекнатото знаење ќе бидат барани од адвокатските канцеларии и правосудните институции како нивни идни работодавци. Наместо тоа се создаде огромен број на слободни места за студирање што ги воведе факултетите во борба за студенти во која факултетот кој ќе има високи и строги стандарди во поглед на запишувањето и оценувањето на крај ќе излезе како губитник, со што се влезе во магичен круг чиј излез е неизвесен.

Расте бројот на запишани студенти по право додека бројот на слободни работни места за правници стагнира

Бројот на запишани студенти во прва година на правни студии во 2013 година е за 58% поголем од бројот на запишани студенти во 2003 година, додека бројот на дипломирани студенти на додипломски студии во 2013 е дури за 114% поголем во споредба со пред 10 години.(Извор: Правното образование во РМ во периодот од 2003 до 2013 година – Анализа на реформите кои (не) го унапредија правното образование, МЗМП, 2014, стр.28 и 29).Забележливо е дека порастот на запишаните и дипломираните студенти по право е поинтензивен од порастот на вкупниот број на запишани и дипломирани студенти во земјата, што ни говори дека правните факултети се интересни и атрактивни за студирање. Ваквиот податок се должи на отварањето на дисперзираните студии во 2005 година, како и на основањето на новите правни факултети во рамки на државните универзитети каде се отворија многу слободни места за студирање. Растот на интересот да се студира право сам по себе не е проблематичен доколку истиот е резултат на реалните потреби на пазарот на трудот кој е подготвен да ги прими новодипломираните правници.

Ако претпоставиме дека потребите на пазарот на трудот за определена професија се воочуваат преку бројот на отворени работни места и секако платата која работодавците се спремни да ја платат набљудувајќи ги македонскитеуслови ќе добиеме сосема друг одговор. Бројот на отворени работни места за правници стагнира, а пазарната вредност на работниот ангажман на правник со положен правосуден испит не отстапува значително од просечната плата во земјата. Ваквата ситуација кога се зголемува бројот на правници, а притоа не се отвораат нови работни места, може да предизвика дисторзии во понудата и побарувачката на труд особено во слободните правнички професии чиј влез не е ограничен со одлука на надлежен државен орган како што се адвокатурата и правниците во приватниот сектор.

Како ќе се едуцираат идните судии, јавни обвинители и адвокати е мошне важно прашање за правниот систем и владеењето на правото. Квалитетно правно образование гарантира професионални правници кои совесно и стручно ќе се справат со одговорностите на своите  професии. Во спротивно правно образование кое се соочува со сериозни проблеми нема да успее да го произведе човековиот ресурс потребен за нормално функционирање на правосудниот систем.

Правното образование е мошне сложен систем каде кон сите реформи мора да се пристапи мошне внимателно со предвидување на долгорочните ефекти од промените. Поради тоа професионалната фела никако не смее да биде оставена немо да ги набљудува реформите туку треба активно да се вклучи во нив и гласно да укажува на проблемите кои можат да имаат последици кон професијата и правосудниот испит.Само на овој начин, би можеле да се избегнат опасностите од наивните реформи во правното образование и да се изгради систем на квалитетно правно образование, кое ќе одговара на стандардите на правничката професија и на потребите за овој кадар во земјата.

За АДЕМИК: Гоце Коцевски, Македонско здружение на млади правници

15.09 2014