/ Прочитано:

2.111

ПРАВОСУДЕН ИСПИТ: Што содржат новите законски измени чија цел е подобрена база на прашања и заострени казни

Среда, 12 август 2015 – Основната цел поради која се предлагаат измените на Законот за правосудниот испит е да се  подобри транспарентноста при полагање на испитот и, воедно, да се да се заострат казнените мерки во однос на постапката при спроведување на испитот, како за кандидатите така и за овластените претставници кои учествуваат во спроведување на испитот, се наведува во законското образложение на измените на Законот за правосудниот испит, чиј текст го објави Министерството за правда во насока на јавната расправа за предложените законски решенија.

Основна цел: да се  подобри квалитетот на базите на прашања

Со Законот за правосудниот испит се уредуваат условите и начинот на спроведување на постапката за полагање на правосудниот испит на дипломирани правници од правните факултети.

Испитот се полага заради проверка на стручната оспособеност на дипломираните правници за самостојна примена на прописите во практиката и за вршење правни работи за кои со закон или со друг пропис е предвиден тој услов. Испитот се состои од два дела и тоа: теоретски дел, со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите, и студија на случај, со која се проверува способноста за примена на законите во практиката.

„Со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за правосудниот испит се очекува да се подобри квалитетот на базите на прашања, како и да се подобри транспарентноста при полагање на испитот и, воедно, да се да се заострат казнените мерки во однос на постапката при спроведување на испитот, како за кандидатите така и за овластените претставници кои учествуваат во спроведување на испитот и за овластеното правно лице кое го спроведува испитот“, велат од Министерството за правда.

Што содржат измените на Законот за правосудниот испит?

Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за правосудниот испит е систематизиран во  6 законски члена.

Со членот 1 се врши измена на членот 8 став (3) од Законот, на начин што ревизијата на базата на прашања се врши двапати во година и се менуваат најмалку 30% од прашањата, а притоа да се имаат предвид промените на правните прописи на кои е засновано прашањето, односно случајот, бројот на кандидати што го одговориле, успешноста во одговарањето на истите, како и други критериуми што можат да влијаат на подобрувањето на квалитетот на базите на прашања. По ова се додава нов став со кој е предвидено паричен надомест за овластените претставници кои го спроведуваат испитот.

Со членот 2 е предвидено стручните и административните работи за спроведување на испитот да ги врши лице овластено од министерот за правда.

Со членот 3 се менува членот 14 став (2) на начин што кандидатите на кои им е одобрено барањето за полагање на испитот во јавноста преку веб-страницата на Министерството за правда и Јавниот радиодифузен сервис се информираат за датумот и времето  на полагање на испитот, најмалку 8 дена пред одржување на испитот, а Агенцијата за електронски комуникации двапати годишно во две сесии, по случаен избор, врши мерења за блокирање на радиофреквенцискиот опсег, за што доставува извештај до Министерството за правда, а доколку се утврди дека не е блокиран радиофреквенцискиот опсег, предвидена е глоба во износ од 5.000 евра за правното лице кое технички го спроведува испитот. Исто така, во насока на усогласување со новиот Закон за прекршоци, во ставот 6 кој станува став 8 се предвидува глоба во фиксен износ.

Со членот 4 се предлага измена на членот 15. Имено, се додаваат два нови става, 9 и 10, во насока на донесување на решение на министерот за правда за изрекување на забрана за полагање на правосудниот испит во траење од една година, како и право на поведување управен спор против донесеното решение.  Во ставот 11 кој станува став 13 се предвидува изрекување на глоба во фиксен износ во насока на усогласување со новиот Закон за прекршоци. По ставот (13) се додаваат два нови става од Законот на начин што глоба во износ од 500 до 1.000 eвра во денарска противвредност ќе им се изрече на овластените претставници од членот 14 став (5) од овој закон ако дозволат кандидатот да постапи спротивно на ставовите 2, 3 и 4 од членот 15.  Глоба во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на кандидатот што постапува спротивно на ставовите 2, 3 и 4 од членот 15 на овој закон.

Одредби од Законот за  правосудниот испит кои се менуваат и дополнуваат 

Со членот 5 се предлага измена на членот 27 став (4) во насока на тоа што се пропишува дека Комисијата за ревизија се состанува после секоја одржана сесија и врши ревизија на спроведување на испитот, но не порано од денот на примената на овој закон, за што доставува извештај до Министерството за правда, а со ставот (5) е предвиден надомест за комисијата која врши ревизија на спроведување на испитот.

Од почетокот на оваа година правосудниот испит започна да се полага во електронска форма

Од почетокот на оваа година правосудниот испит започна да се полага во електронска форма и да се спроведува во Центарот за полагање на правосудниот испит, од каде што за почетокот на новиот процес на полагање на испитот истакнаа дека  една од предностите на полагањето на испитот по електронски пат е брзината во добивањето на резултатите.

Во врска со транспарентноста на испитот, од Центарот укажаа дека целиот процес на полагање на правосудниот испит  се снима и дека тоа ќе биде практика за сите наредни полагања кои ќе бидат емитувани во живо на веб-страницата  на Министерството за правда.

Инаку, кандидатите полагаат во согласност со прашањата изработени од членовите на комисиите надлежни за спроведување на испитот, како и од Академијата за судии и јавни обвинители во согласност со Програмата изработена во рамките на Министерството за правда.

ПРАВОСУДЕН ИСПИТ: Подобрување на базата на прашања, заострени казни и зголемена транспарентност

М.В / veljanoskim@akademik.mk