/ Прочитано:

1.110

ПРАЗНИЧЕН РОКОВНИК: Ден од новата година нè дели – поставете си нови цели

Секоја година иста песна. Сетете се на минатиот декември. Сигурно ќе ви текне каде прославивте Нова година, но помните ли со какви намери влеговте во неа? Мал е бројот на оние што не ги заборавиле своите намери од лани. Неумешноста доследно да се истуркаат сопствените ветувања е толку распространета што сè поретко може да се наиде на луѓе што се трудат да исковаат какви било планови за иднината. Психолозите тврдат дека лицата што умеат да го состават својот живот како извештај на хартија се посреќни, позадоволни и поздрави. Македонската култура, од семејна и од деловна перспектива, речиси и не располага со вакви практики, но влијанијата од западниот свет активно ја менуваат свеста на професионалецот. Три аспекти сè повеќе ја наметнуваат својата важност, барајќи го вниманието на адвокатот.

Скротете го времето

Управувањето со времето е предизвик за целата адвокатска фела, но кој е најдобриот начин за постапување со него е прашање што треба секој самостојно да си го одговори. Обидете се да планирате секојдневно. Наутро одвојте петнаесет минути за да го распоредите денот. Со тоа ќе си помогнете самите себеси да поставите приоритети и да согледате како најквалитетно да ги завршите своите обврски. Створете си дневна рутина наместо акутен притисок. Преиспитајте се во кој дел од денот сте најпродуктивни. Ако сте човек што подобро функционира наутро, нурнете се под обврските веднаш откако ќе стигнете на работното место, а административните задачи оставете ги за попладне.

Делегирајте. Ако имате соработници и помошен персонал во адвокатската канцеларија, ползувајте ги кога ви се потребни. Така ќе си ослободите време за да ѝ се посветите на правната работа за којашто сте се образувале и за којашто ви плаќаат. Ако трошите време на „бркање“ други ситници, како што е обемната бирократија, ќе се уназадите на професионален план. Очекувајте го неочекуваното. Одвојте време за неочекувани обврски, за спонтани иницијативи и за проекти што траат подолго отколку што сте мислеле на почетокот. Понекогаш роковите можат да ви бидат скратени, така што секогаш треба да бидете на штрек.

Подобрете го писменото изразување

Пишувањето е една од главните алатки за успешно вршење на адвокатската дејност. Пишувајте повеќе, и тоа на различни места и за различни нешта. Ретки се компетенциите што можат да му помогнат на адвокатот да се профилира како професионалец, како што го чини тоа писменото изразување. Сепак, мнозина забораваат дека пишувањето во јавната комуникација има еднаква важност како и зборувањето. Затоа, поставете си ја целта да му се спротивставите на опширното пишување што се провлекува со децении низ домашното правосудство. Ако почнете умислено да работите на своето пишување, тоа неизбежно ќе ви помогне да станете подобар комуникатор и во канцеларијата и во судницата.

Секогаш имајте ја на ум целната публика. Писменото обликување во голема мера зависи од тоа дали е написот наменет за судиите, за клиентите или, пак, за приправниците. Прераскажете му ја приказната на својот клиент на едноставен јазик . Правните работи не се врзуваат само за правото, ами многу повеќе за тоа како влијаат фактите од неговиот случај врз неговиот живот и каков одраз може да има случајот врз окружувањето. Оттаму, за да може граѓанството со полна сила да ја разбере заднината на некој судски предмет, адвокатот мора да се сфати себеси како посредник и доследно да маневрира со јазикот.

Створете си пријател од интернетот

Додека повеќето адвокати не сакаат да се одделат од мастилните пенкала и од своите бироа од масивно дрво, правосудството и, воопшто, државниот апарат сè повеќе се дигитализираат. Идеалното сценарио што си го посакуваат засегнатите секоја година е судските предмети непречено да напредуваат во електронскиот систем, и тоа од полицијата до судот. Во тој теснец, адвокатот нема друг избор освен принципиелно да ракува со интернетот и да создаде складна слика за себе на светската мрежа. Според повеќе истражувања, првата адреса на којашто се обраќа граѓанството кога има проблем е интернетот, особено во поглед на пребарувањето услуги.

Сеприсутноста на интернетот неодложно ја бара присутноста на адвокатот. Вистинскиот професионалец е свесен за оваа нужност и, затоа, има своја интернет-страница. Оние што ја немаат губат и клиенти и пари, а вложувањето во неа е минимално. Добрата интернет-презентација значи дека потенцијалниот клиент во секое време може да се запознае со личноста и со дејноста на адвокатот. Направете впечатлива приказна за својата адвокатска канцеларија за да го привлечете клиентот. Грижливо избирајте ги содржините и објавувајте го само она што би сакале да го видите вие како читател и како човек што бара правни услуги. Фотографиите од новогодишниот дочек нека останат во приватната архива.


Подготви: Далибор Стајиќ

Објавено: 31.12.2014