/ Прочитано:

1.775

„Пред нас постои историска шанса за создавање закон што ќе овозможи квалитетни кадри и граѓани со критичка мисла“ – Александра Живковиќ

Во моментов пред нас постои историска шанса за создавање закон што ќе создаде солидна база за развој на квалитетни кадри, кои во иднина ќе ја унапредуваат државата на економски, културен и социјален план, но за воспоставување на практика на општествено одговорни граѓани кои ги води критичката мисла. Сметам дека е особено важно периодов да се скенираат повеќе аспекти поврзани со образованието во Македонија, како: академската и студентската мобилност, начинот на одвивање на студентската пракса, литературата на која се учи на факултетите, курикулумите, техничката опременост на високообразовните институции, информатичките системи на факултетите, студентскиот стандард, финансирањето на универзитетите, истражувачката дејност, улогата на студентите во универзитетските и факултетските тела, вели во интервјуто за Академик Александра Живковиќ, автор на истражувањето „Перцепцијата на студентите на УКИМ за студентското организирање и студентските претставнички тела“ и постдипломец по деловно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Која беше иницијалната замисла и целта на истражувањето за перцепцијата на студентите на УКИМ за студентското организирање и студентските претставнички тела?

Истражувањето беше спроведено со цел добивање податоци кои се вистинските ставови на студентите по прашањето на студентско организирање. Често се случува  во јавноста да преовладува одредено мислење, но сосема друго да покажат резултатите од истражување спроведено на терен. Една од иницијалните замисли беше да се евалуира работата на СПУКМ, како организација која директно се финансира од УКИМ и од студентите на овој универзитет и чии претставници би требало да ги претставуваат ставовите на студентите во универзитетските и факултетските тела каде што се носат одлуки од круцијално значење за високообразовните текови на најголемиот државен универзитет во Македонија.

Првичниот мотив беше да согледаме што мислат студентите на УКИМ за своите претставници, колку често се вклучуваат во политичките процеси на својот универзитет, дали гласаат на студентски избори и дали се запознаени со своето активно и пасивно избирачко право, дали воопшто се запознаени кои се нивните студентски претставници, како и дали се вклучуваат во активностите што ги организираат студентските парламенти на нивните факултети и на УКИМ.

Како беше спроведено методолошки?

Во истражувањето зедоа учество 239 студенти од 13 факултети во склоп на УКИМ. Бројот на студенти вклучени во истражувањето претставува 1% од вкупниот број студенти на УКИМ во академската 2013/14 година. Се работеше за пригоден примерок.

За потребите на истражувањето како основа беше користен прашалник од претходно спроведено истражување од страна на Младинскиот образовен форум во 2012 година. Дел од прашањата беа модификувани во согласност со условите, а беа додадени и десетина нови прашања со цел подетално испитување на ставовите на студентите.

Во поглед на хипотезите, тргнав од четири премиси – дека студентите на УКИМ во мал број учествуваат во студентски организации; дека во мал број се запознаени со работата на студентските претставници; студентите не се запознаени со нивното право преку избрани претставници да учествуваат во работата на Универзитетот и на нивниот факултет; и дека оние што се вклучени во работата на Студентскиот парламент (студентската претставничка организација според Статутот на УКИМ) имаат позитивни ставови за активностите и за функционирањето на парламентите.

До какви заклучоци дојдовте по спроведувањето на истражувањето, што говорат податоците?

Генералната оцена е дека студентите на УКИМ во многу мала мера се запознаени со начинот на избор, со работата и со финансирањето на Студентскиот парламент. Така, само 23% од нив ги препознаваат СПУКМ како студентска претставничка организација на нивниот факултет, а дури 86% од студентите никогаш во текот на своето студирање не гласале на студентски избори на нивниот факултет. Исто, тие не знаат на колкав временски период се одржуваат избори за студентски претседател на нивниот факултет (80%), ниту, пак, избори за претседател на студентите на УКИМ (78%). Дополнително, студентите на УКИМ не го знаат името на претседателот на СП на нивниот факултет (84%), ниту пак на претседателот на СП на Универзитетот (70%). Што се однесува на членувањето на студентите во студентската претставничка организација, само 2,5% од студените на УКИМ изјавија дека се членови на парламентот на нивниот факултет, а 1,7% се членови во СПУКМ. На прашањата за вклученост во работата на студентските парламенти, дури 70% од студените на УКИМ велат дека немаат учествувано во ниту една активност спроведена од СПУКМ, а активноста во која најмногу се имаат вклучено останатите студенти е посета на студентска забава организирана од СПУКМ (19%).  Дополнително, 70% од студентите на УКИМ не знаат дали тие имаат право да учествуваат во работата на универзитетските и факултетските тела. Испитано беше и дали студентите што се сметаат за членови на СПУКМ изразуваат позитивни ставови за работата на оваа организација, и резултатите покажаа дека нема значителна разлика во споредба со оние што не се членови на СПУКМ.

Исто, беше испитано колку студентите на УКИМ се вклучени во студентски организации, под претпоставка дека здруженијата можат да бидат збиралиште на студентски размислувања и можат да акумулираат легитимни ставови за студентските потреби и барања. Истражувањето покажа дека студентите на УКИМ во многу мал број членуваат во студентски организации, па така дури 91% од испитаниците одговорија негативно на ова прашање.

Горенаведените податоци говорат дека постои целосна незапознаеност на студентите на УКИМ со нивните претставници. Така, сериозно се става под прашање легитимитетот на студентските претставници на СПУКМ како организација.

Дел од елаборацијата на истражувањето се и правни акти, за кои акти станува збор?

При пишувањето на текстот за истражувањето беа анализирани неколку одредби од Законот за високо образование (во кои се уредуваат формите на студентско здружување), Статутот на УКИМ, правни акти на УКИМ за распределба на средствата од давачката за информативни, културни и спортски активности (ИКСА) преку кои се финансираат СПУКМ, Статутот на СПУКМ, и останати правни акти на СПУКМ, како деловници и правилници кои поспецифично уредуваат прашања како: студентски избори, седници на парламентите, поставеност на телата во склоп на СПУКМ. Анализата на акти е важна за да се согледа правната рамка во која дејствуваат парламентите на матичните факултети и на Универзитетот, за да се добие знаење со кои сè надлежности располагаат студентските претставници и која е структурата на овие организации.

Би сакала да нагласам дека правните акти на СПУКМ не се јавно достапни, па пристап до нив мораше да се обезбедува преку Централниот регистар или преку лични контакти со поранешни членови на СПУКМ. Со ова, СПУКМ директно ја прекршува одредбата од Законот за здруженија и фондации, која вели дека овие правни ентитети имаат обврска за објавување на Статутот на нивната веб-страница.

Несомнено, истражувањето може да се користи за едукативни цели. Колку се потребни ваквиот тип истражувања за пошироката јавна расправа за Законот за високото образование?

Спроведувањето анализи и истражување е од круцијално значење кога креираме одредена политика, уште повеќе кога создаваме нов закон. Високото образование е местото каде што треба да се опремат идните економисти, правници, лекари, уметници, хемичари, програмери со квалитетни знаења и вештини. Така, за да создаваме правна регулатива во оваа област, мора да постојат претходно точно измерени состојби, врз чии темели ќе се развиваат политики кои ќе одговараат на условите и на потребите на засегнатите страни. За жал, во Македонија многу малку се посветува внимание на овој дел при креирањето политики, па затоа често се случува одредени засегнати групи да изразуваат незадоволство спрема законските решенија. Уште повеќе, кај нас е ретка праксата за следење на состојбите во образованието од страна на надлежните институции, како и мерење на ставот на учениците, студентите, претставниците на академската заедница, наставниците, родителите за одредени образовни мерки.  Затоа, сметам дека е неопходно прибирање на претходно сторени истражувања за овие проблематики, но и сериозно анализирање на состојбите и праксата на терен за да се увиди каде се реалните проблеми во високото образование и кои се конкретните причини за статус кво.

Дополнително, сметам дека УКИМ треба да ја поттикнува истражувачката дејност кај студентите и да ги охрабрува да бидат партнери во добивањето информации за она што се случува на факултетите, но и пошироко. Ова треба да се прави не само во моменти кога треба да се носи нова политика или закон, туку континуирано како механизам за мониторинг и евалуација на работата на институциите, вклучувајќи го и универзитетот. УКИМ треба да создава практика кај студентите активно да земаат улога во создавањето на политики преку академското пишување и анализа.

Во таа насока, на што особено треба да внимава при структурирањето на Законот со цел да се изнајде најпозитивно решение за високото образование?

Во моментов пред нас постои историска шанса за создавање закон кој ќе создаде солидна база за развој на квалитетни кадри, кои во иднина ќе ја унапредуваат државата на економски, културен и социјален план, но за воспоставување на практика на општествено одговорни граѓани кои ги води критичката мисла. Сметам дека е особено важно периодов да се скенираат повеќе аспекти поврзани со образованието во Македонија, како: академската и студентската мобилност, начинот на одвивање на студентската пракса, литературата на која се учи на факултетите, курикулумите, техничката опременост на високообразовните институции, информатичките системи на факултетите, студентскиот стандард, финансирањето на универзитетите, истражувачката дејност, улогата на студентите во универзитетските и факултетските тела.  За да направиме добар закон, мораме прво да лоцираме кои се недостатоците, па да смислуваме решенија за нив. Исто, потребно е и разгледување на странски позитивни примери и размислување за адаптирање и прифаќање на дел од нив, секако во согласност со условите кај нас. Потребна е константна отворена дебата со вклучување студенти, професори, декани, претставници на министерствата, но и луѓе што имаат знаења од оваа област како истражувачи од странство и поранешни министри за образование. Дополнително, потребно е и ревидирање на политиките во средното образование затоа што не може да очекуваме квалитет во високото образование, без студенти со одредени предзнаења и развиена логика.

M.B / veljanoskim@akademik.mk

24.05.2015