/ Прочитано:

2.399

ПРЕДАВАЊЕ ЗА ЕМОЦИОНАЛНАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА: На фирмите им се потребни емоционалнo интелигентни менаџери и мотивирани работници

Клубот на менаџери-претприемачи реализираше едукативно предавање на тема: „Важноста на емоционалната писменост во работни организации“ со м-р Катерина Наумовска-Ристовска, психолог и сертифициран тренер по емоционална писменост. Овој настан, велат од Стопанската комора на Македонија, беше многу корисен за менаџерите во Клубот на менаџери- претприемачи, при што менаџерите имаа можност да ги споделат своите искуства и знаења преку реални примери од практиката кои се однесуваа на моделите на управување со резултати и квалитет во работењето што поттикна размена на свежи идеи и високо ниво на комуникација.

Тема за дискусија, беше истакнато на предавањето, е многу актуелна и сите многу често си го поставуваме прашањето – кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат компаниите? 

Компаниите, пред сѐ, мора да се изборат и да се приспособат на масовната брзина на промените, потребно е да управуваат со сѐ поголемите количини информации, работниците треба да бидат сѐ повеќе мотивирани и посветени, потребно е да работат подобро заедно, да се согласуваат и да одржуваат добри меѓучовечки односи, а менаџерите е потребно да ја зголемат лојалноста на клиентите, да ги користат талентите со кои располагаат, да ги препознаваат лидерите, да носат добри одлуки и да постигнат добри релации со вработените.

Тоа ќе им овозможи да ги поттикнат вработените на искреност, мотивираност, лојалност и задоволство од работата. Токму тука, беше подвлечено на советувањето, е нагласена важноста на емоционалната интелигенција во работната организација. Доколку таа недостасува, а зачестуваат психолошки игри, со текот на времето се јавува незадоволство кај сите, што понатаму негативно се манифестира врз развојот на работната организација.

„Затоа организациите можат да го зголемат нивото на организациска емоционална интелигенција најпрво преку едукација на менaџментот, бидејќи емоционалната интелигенција ги диференцира добрите од просечните менаџери, оние со високи перформанси од оние со просечни перформанси. Следен чекор е да се образуваат вработените на емоционална интелигенција и интегрирање на јазикот на емоционална компетенција, што би довело до пораст на самосвесност, организациска снаодливост, меѓусебна соработка и партнерство“, беше образложено на советувањето.

Според психологот Катерина Наумовска-Ристовска, емоционалната интелигенција овозможува поединецот полесно да се справи со конфликтните ситуации без преголем стрес и нарушување на хомеостазата на организмот. Развивањето вештини за самоконтрола, самоиницијатива, учење за соочување со проблемите, фрустрациите и стресот, учење за справување со емоциите што произлегуваат од проблематичните ситуации, придонесува за развој на квалитетен живот од кој би биле целосно задоволни како менаџерите така и работниците.

M.В