/ Прочитано:

2.491

ПРЕДИЗВИЦИТЕ ОД ЗАКОНОТ ЗА ПРОБАЦИЈА: Англиски, велшки и хрватски искуства за општокорисната работа и за условниот отпуст

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со ИПА-проектот „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и промоција на условната казна и алтернативните мерки“, организираше Тркалезна маса на тема: „Општокорисна работа и условен отпуст во светло на новиот Закон за пробација“.

foto akademik

На Тркалезната маса на која присуствуваа јавни обвинители, адвокати и претставници од релевантните домашни институции се говореше за новите предизвици во делот на условниот отпуст во светло на решенијата од новиот Закон за пробација. На настанот се дискутираше и за предизвиците во делот на општокорисната работа во светло на решенијата од новиот Закон за пробација.

Целта на советувањето беше да се претстави новата рамка на условниот отпуст и општокорисната работа, во смисла на новите решенија од Законот за пробација, и во таа насока потребата од почесто изрекување на овие мерки, како и да се направи анализа на импликациите од новите законски решенија за судиите, обвинителите, обвинетите и заедницата во поширок контекст.

Со овој закон се уредуваат пробациските работи и постапката за извршување на алтернативните мерки: условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор; обврските изречени во кривична постапка во согласност со закон, како и извршувањето на условниот отпуст изречен по одлука на суд, кои се извршуваат во заедницата; целта, положбата на лицата во постапката за извршување на алтернативни мерки и обврски и надзор над извршувањето.

foto akademik

Извршувањето на алтернативните мерки и обврски изречени во кривична постапка е со цел заштита на заедницата од криминал и ресоцијализација и реинтеграција на лицата спрема кои се извршуваат пробациските работи.

Посебен акцент на Тркалезната маса беше ставен на предизвиците за пробациските службеници, судиите и обвинителите кои би се соочиле со примената на новото законско решение, поконкретно за прашањата што се однесуваат на условниот отпуст и општокорисната работа.

Свои обраќања до присутните учесници на настанот имаа: Анета Арнаудовска, директор на Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“; Енди Стелман, меѓународен експерт за пробација, клучен проектен експерт за пробација на ИПА 2010 проектот за „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и унапредување на условната казна и алтернативните мерки“; Весна Бабиќ, експерт за пробација, поранешен директор на пробациската служба на Република Хрватска и Јордан Апостолски, адвокат, главен правен експерт на ИПА 2010 проектот за „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и промоција на условната казна и алтернативните мерки.

foto akademik

Директорката Арнаудовска нагласи дека денешниот настан како континуитет во реализирањето на советувања и тркалезни маси посветени на пробацијата има големо значење  за едукацијата за пробацијата и применувањето на најдобрите искуства во таа насока.

„Идејата на овие советувања и тркалезни маси е повеќе да се развие свеста, да се говори и да се дискутира за тоа која е целта и суштината на Законот за пробација за соодветно да се примени“, истакна Арнаудовска, поздравувајќи го присуството на реномираните експерти, судии, адвокати, обвинители и претставници на Министерството за внатрешни работи, на Министерството за правда и на Министерството за труд и социјална политика.

Има повеќе аспекти кои се поврзани со примената на системот на пробацијата, истакна настанот адвокатот Јордан Апостолски.

foto akademik

„Првиот предизвик е дали како држава ќе бидеме подготвени, кога ќе истече вакацио легис, да започнеме да го примениме системот. Следниот предизвик е дали ќе имаме доволно обучени пробациски службеници кои би давале добри резултати и податоци до судот дали да се изрече условен отпуст или дали воопшто да примени други мерки, како што е куќниот затвор и другите мерки предвидени од Законот за пробација и во измените на ЗКП и Кривичниот законик. Потоа, следен предизвик е дали имаме доволно ресурси да го примениме овој систем. Ќе бидат потребни не само човечки ресурси туку и други, еве, на пример, алките за следење на надзорот при условниот отпуст или, пак, при куќниот притвор. Таквиот систем е обезбеден преку ЕУ и се чека применувањето на законските можности за тоа. Имено, алките се веќе набавени и се чека да профункционира Законот. Треба да се нагласи дека ние не измислуваме ништо ново, туку ги користиме позитивните практики и искуства. Поточно, ги користиме искуствата на Англија и Велс“, рече адвокатот  Апостолоски.

Експертот Енди Стелман, повикувајќи се на англиските  и велшките искуства кои имаат над стогодишна традиција, рече дека суштината на системот за пробација е дека тој систем треба да биде поприфатлив и рехабилитационен, особено во контекст на структурата и целта на целокупниот казнен систем.

foto akademik

„Пробацискиот систем ја редуцира затворската популација и помага за реинтеграцијата во општеството, помага сите да се почувствуваат побезбедни во општеството. Она што е многу важно е што преку него се јакне јавната доверба во казнено-поправниот систем, како и во правосудниот систем во поширока смисла“, рече Стелман, посочувајќи дека во таа насока и во Република Македонија треба да се овозможи спроведувањето на меѓународно признатите стандарди во делот на пробациската служба и казнениот систем.

Експертката Весна Бабиќ во своето излагање истакна дека Хрватска има 15-годишна традиција во применувањето на пробацискиот систем и дека хрватските искуства од применувањето на пробацискиот систем се позитивни.

„Долго време имавме проблем со пренатрупаност на затворите. Имаше лоши услови во затворите. Од Управата за извршување секогаш се бараа средства, но буџетот за тоа секогаш беше на крајот на приказната. И почнаа апликации, жалби до Стразбур, кои жалителите затвореници ги добиваа. Па, наместо да се вложи во затворите и во условите, им се плаќаше на затворениците надомест за лошите услови“, рече Бабиќ.

foto akademik

Таа потенцираше дека најголемата предност од пробациската служба, всушност, ја имаат државата и општеството, а предноста на пробациската служба најдобро се согледува во смалувањето на пренатрупаност на затворите,  применувањето на општокорисната работа од која добива локалната заедница, постоењето на  социјалната вклученост и интеграција и  дестигматизација на затворениците.

Во однос на Македонија, на настанот беше нагласено дека сите субјекти треба да бидат подготвени за примената  на овој закон за да може да профункционира. Како што беше посочено, меѓусебната доверба на сите фактори во правосудството е клучна за обезбедување на функционална пробациска служба, особено во делот на изрекувањето на алтернативните мерки за кои се дискутираше на денешниот настан.

foto akademik

Пренесувајќи ги своите искуства, македонските судии и адвокати коментираа дека слабото изрекување на алтернативните мерки во голем дел се должел на непостоењето на добар надзор над извршувањето на овие мерки. Тие изразија надеж дека со новиот Закон за пробација судиите ќе може да ги спроведуваат овие мерки, односно условната осуда со заштитен надзор, условниот отпуст и општокорисната работа. Исто така, порачаа дека за таа цел се потребни и измени во Кривичниот закон во смисла на тоа да се даваат повеќе алтернативни мерки за повеќе кривични дела.

СЕ ВОВЕДУВА ПРОБАЦИСКАТА СЛУЖБА: Законот за пробација и измените на КЗ пред пратениците

Куќен затвор, условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа… – што предвидува НАЦРТ-ЗАКОНОТ ЗА ПРОБАЦИЈА

ПРОБАЦИСКА СЛУЖБА: Електронски алки за лицата со изречена казна куќен затвор или мерка притвор

М.В