/ Прочитано:

1.325

Предизвиците на современата адвокатура

Сè поголем замав зема и давањето на правна помош и правни услуги преку интернет кои, мора да се признае, го претставуваат побрзиот пат до „почетната правда”. Такви услуги им се даваат и директно на клиентите, па поради тоа адвокатските канцеларии го намалуваат бројот на приправници, соработници и на административниот персонал. Поради можностите што се нудат на овој начин, некои клиенти не сакаат да плаќаат адвокати и адвокатски услуги и самите ги подготвуваат потребните документи, или барем не сакаат да плаќаат, сметајќи дека можат сами да ја завршат работата.

библиотека

Уште во 2011 година познатиот неделен магазин „Економист“ во свој текст објавил дека современата адвокатура станала бизнис наместо професија и дека пред неа се поставени голем број предизвици, дилеми и прашања кои претходно биле запоставени, па дури и забранети. Иако многумина мислат дека најголемо влијание врз адвокатурата имала светската економска криза од 2008 година и рецесијата како последица од неа, постојат и мислења дека рецесијата само ги забрзала промените кои биле неизбежни. Без оглед на сето тоа, адвокатите мора да бидат подготвени да се приспособат на глобалниот пазар, на технолошките достигнувања и на промените за да бидат конкурентни, како во професијата така и во деловните односи надвор од адвокатурата во целина.

Технологијата и порано имала влијание на правната професија, но денес е сè поголемо тоа влијание. Софтверите можат да обработат сè поголем број податоци, што претходно била работа на адвокатите. Технолошки помогнатото истражување на онлајн базите на податоци сè повеќе се користи за пронаоѓање, за пребарување и за преглед на големиот број правни документи и обрасци, а дури и за пронаоѓање на одговори на некои правни прашања. Освен тоа, сè поголем замав зема и давањето на правна помош и правни услуги преку интернет кои, мора да се признае, го претставуваат побрзиот пат до „почетната правда”. Такви услуги им се даваат и директно на клиентите, па поради тоа адвокатските канцеларии го намалуваат бројот на приправници, соработници и на административниот персонал. Поради можностите што се нудат на овој начин, некои клиенти не сакаат да плаќаат адвокати и адвокатски услуги и самите ги подготвуваат потребните документи, или барем не сакаат да плаќаат, сметајќи дека можат сами да ја завршат работата.

Адвокатите денес, исто така, се соочуваат со зголемена конкуренција во својата професија. До пред дваесетина години односот меѓу клиентите и адвокатите бил траен. Тие биле поискрени едни кон други и секогаш еден на друг можеле да приговараат за некој дел од работата која била предмет на нивниот деловен однос.

Денес адвокатите сè повеќе и повеќе се натпреваруваат меѓу себе дури и околу клиентите кои веќе имаат свои адвокати. Тие се натпреваруваат со својот квалитет, со односот, со специјализацијата, со цената на услугите, со достапноста и надвор од работното време, со користењето на современата технологија и на други разни начини. Сè почести се ситуациите кога еден клиент користи услуги на различни адвокати, односно на различни адвокатски фирми, распоредувајќи им еден негов предмет на повеќе делови.

Исто така, како играч од сенка многу често се појавува друг вид на конкуренција во давањето на правни услуги од страна на надриписарите, кои според позитивните прописи, секако, работат нелегално, а честопати знаат да ги измамат неуките странки дека можат да им „завршат работа” во судот или за некоја друга правна услуга. Македонскиот Кривичен законик е многу јасен кога станува збор за надриписарството. Како потсетување, во членот 381-а се вели: „Тој што без регистрирана дејност за надомест дава стручна и правна помош на граѓани и правни лица, а не е адвокат, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.”

Покрај сите наведени работи, како дополнителни предизвици на адвокатурата во светот се јавуваат: рекламирањето, определување на процент од успешно завршениот спор, алтернативното финансирање на парницата, мултидисциплинарната пракса на адвокатските фирми итн. Адвокатурата, правосудството во целина и државата како стожер на едно општество, треба да понудат вистински одговори на сите тие предизвици.

За да се пронајдат некои одговори, најпрво треба да се разбере дека е поминато времето на застарената адвокатура. Таа денес претставува бизнис од кој може добро да се заработи, но со оглед на природата на односот клиент – адвокат и моќта што ја има адвокатот во однос на предметот кој го води, од круцијална важност е да се воспостави и да се зачува максималната одговорност на адвокатот за евентуалната штета која може да им ја причини на своите клиенти.