/ Прочитано:

1.533

ПРЕДЛОГ-ПЛАН ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ ВО МАКЕДОНИЈА: Предлози за законски измени, идни акции, практични проекти

Во Советот на Град Скопје на 7 ноември 2016 година се дискутираше за Предлог-планот за управување со загадувањето на воздухот во Македонија, изработен од организациите „Еко-свест“, „Аналитика“, „Македонски зелен центар“, „ОРТ“, „Реактор“, „Центар за климатски промени“ и Александра Бујароска, правник специјализиран за еколошко право.

akademik foto 1

Невладините организации „Еко-­свест“, „Аналитика“, „ОРТ“, „Центар за климатски промени“, „Македонски зелен центар“, „Реактор“, со поддршка од Александра Бујароска, правник, започнаа иницијатива за идентификација на проблемите во системот поврзани со управувањето на квалитетот на воздухот во Македонија. Во првата половина на 2016 година тие организираа серија работни средби и испитаа повеќе закони со цел да подготват сумарен извештај кој понатаму би можел да се користи од страна на сите засегнати и вклучени страни во решавање на проблемот со аерозагадувањето.

Во Предлог-планот за управување со загадувањето на воздухот во Македонија се обработуваат повеќе прашања кои се однесуваат на транспонирање и спроведување на одредбите за намалување на загадувањето на воздухот, на координацијата меѓу институциите во управувањето со загадувањето на воздухот во Македонија, на механизмите кои недостасуваат за успешно справување со загадувањето на воздухот во Македонија. Во Планот, исто така, се дава и преглед на други закони и регулативи кои влијаат врз управувањето со квалитетот на воздухот

Воедно, Предлог-планот дава и насоки за идни акции, законски дополнувања и измени и практични проекти кои ќе придонесат за намалување на загадувањето на воздухот. Документот, истакнуваат организациите што го подготвија, е во процес на консултација и е отворен за пошироката и стручната јавност. Планот може да се најде на следниот линк:

Предлог-план за управување со загадувањето на воздухот во Македонија

„Македонија има најзагаден воздух во Европа, ова го потенцираше Светската банка во најновиот извештај за зелен раст на Македонија. Македонија е на петтото место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух, односно ПМ10 честичките. Според извештајот на Светската банка, цврстите честички се одговорни за 1.350 смртни случаи годишно, но и за илјадници изгубени работни денови – што претставува економски трошок од 253 милиони евра годишно или 3,2 % од БДП. Суспендираните честички, попознати како ПМ10, се еден од најголемите загадувачи на воздухот во Скопје. Тие претставуваат мали честички со дијаметар од 10 микрони кои лесно навлегуваат во белите дробови и содржат метали и прашина од индустријата и патиштата, како и честички создадени при согорување“, се вели во Предлогот.

Според организациите што го подготвија Планот, најчести извори на загадување се индустриските капацитети, моторните возила, градилиштата и користењето неквалитетни горива за затоплување на домаќинствата.

„Македонија, особено градот Скопје, мора да ја намали емисијата на суспендирани честички под граничната вредност од 50 µg/m3 или да ја сведе во согласност со маргината на толеранција чија часовна вредност изнесува само 25 µg/m3. И покрај напорите кои ги вложуваат единиците на локалната самоуправа за справување со загадениот воздух, граѓаните не забележуваат подобрување. Напротив, свесноста за загадениот воздух е сѐ поголема, а во декември 2015 година се организираше и граѓански протест за чист воздух, досега прв во Скопје“, се истакнува во Предлог-планот.

Организациите нагласуваат дека едни од основните начела на просторното и урбанистичкото уредување на просторот се: рамномерниот просторен развој, рационално уредување и користење, одржлив развој, заштита и унапредување на животната средина и природата. Унапредување на просторот со зеленило, преку планско и одржливо подигање и одржување на зеленилото заради зачувување на квалитетот и разновидноста на зеленилото, подобрување на квалитетот на воздухот, подобрување на квалитетот на живот во градските подрачја и унапредување на животната средина е цел на Законот за зеленило.

„Имплементацијата на Законот беше предвидена да започне во септември 2016 година, со претходно усвојување на неопходните подзаконски акти. За жал, тоа не се случи. Дополнително, самиот Закон има неколку пропусти кои го доведуваат во прашање неговото спроведување. Наспроти јасно дефинираните обврски за тешката и загадувачка индустрија (30 % од парцелата), обврските за подигање и одржување зеленило, кои се однесуваат на општините и приватните сопственици на простор, се нецелосно уредени. На пример, за општините предвидена е обврска за подготвување развоен план за три години и годишна програма за подигање и одржување на зеленило за јавна употреба, во согласност со Законот за комунални дејности, а во него постојат само одредби за плаќање комунални услуги за одржување на зеленилото од каде што тоа се финансира заедно со другите услуги. Што значи, Законот за зеленило не предвидува задолжителен или минимален процент на зеленило за општините. Истото се однесува и на приватните парцели. Подигање и одржување на зеленило за приватна употреба е должност на сопственикот на објектот кој своеволно предвидува процент на зеленило во согласност со неговата планска документација. Доколку се работи за градежно неизградено земјиште, ова го утврдува сопственикот на градежното земјиште. Овој пропуст ја доведува во прашање целисходноста на усвојувањето на Законот“, се посочува во документот.

М.В