/ Прочитано:

1.588

ПРЕДЛОГ ВО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ: Да се укине поместувањето на часовникот двапати годишно, штетно влијае врз здравјето на граѓаните

Според научните истражувања, 20 проценти од населението има здравствени проблеми поради промената на часот, смета Павел Свобода, чешки пратеник во Европскиот парламент кој ја предводи групата од 70  европарламентарци кои стојат зад иницијативата и предлогот за укинување на поместувањето на часовникот двапати годишно.

Европратениците во иницијативата истакнуваат дека, покрај негативното влијание врз човечкиот организам, промената на стрелките на часовникот влијае и врз сообраќајната безбедност, продуктивноста на работното место, но и врз економијата.

„Поместувањето на стрелките на часовникот предизвикува повеќе сообраќајни несреќи, како и пад на продуктивноста на работното место. Студијата на непристрасната служба на ЕП за истражувања јасно покажа дека укинувањето на промената на времето е добро за нашите 510 милиони граѓани“, образложува Свобода, нагласувајќи дека иницијативата и предлогот имаат силна поддршка меѓу земјите членки на ЕУ.

Полска, истакнува Свобода, веќе ги направи првите законодавни чекори по тоа прашање. Во таа насока, и работната група за укинување на промената на времето ќе достави предлог-резолуција до Европскиот парламент со која се бара од ЕК да упати предлог за укинување на оваа практика.

Наскоро, посочува Свобода, како европарламентарци очекуваме да има  гласање за ова прашање во рамки на Европскиот парламент, прецизирајќи дека работната група брои над 70 пратеници од Европскиот парламент од сите осум политички групации.

Инаку, прашањето за промена на стрелките на часовникот, освен во Полска, на законодавен план беше дискутирано и во Германија и Шведска. Во ЕУ има сè повеќе петиции за поддршка на иницијативата. Како што пренесуваат медиумите, предлогот наидува на сѐ поголема поддршка преку петиции потпишани од повеќе десетици илјади граѓани, на пример, во Финска 100.000, над 55.000 во Германија и 40.000 во Холандија.

Минатата година на  научна конференција во Брисел, професори по неврологија и психологија, меѓу кои и Расел Фостер од Универзитетот Оксфорд, претставија наоди за тоа како поместувањето на часовникот влијае врз луѓето, особено на спиењето. Нивниот заклучок е дека враќањето на часовникот не донесува заштеда на енергијата, туку претставува голем здравствен ризик и многу ја чини економијата.

Промената на времето има „драстични ефекти“ на физичките и менталните функции кај човекот, а на децата и повозрасните им се потребни недели за да се навикнат на промената. Истовремено, во тоа време се забележува зголемен број сообраќајни несреќи и компликации по хируршки интервенции.

Во врска, пак, со економскиот и енергетскиот аспект на прашањето за поместувањето на часовникот, европратениците велат дека поместувањето на часовникот имало за цел заштеда на енергија, но дека таа цел никогаш не била исполнета. Експертите го објаснуваат тоа со фактот дека кога во зимските месеци се применува летното сметање, се стемнува подоцна и на тој начин се заштедува електрична енергија.

Овој месец, светските медиуми објавија вест дека Турција заштедила повеќе од еден милион и триста илјади мегават часови електрична енергија од задржувањето на летното сметање на времето преку целата година. Ова го покажаа пресметките на Техничкиот универзитет во Истанбул, презентирани од Министерството за енергетика. Целогодишната примена на летното време ѝ заштедило на Турција меѓу 540 и 802 милиони турски лири (од 125 до 186 милиони евра), како и потребата од инвестиции во вредност од две милијарди долари за изградба на електрани, кои би ги компензирале зголемените потреби за електрична енергија, се вели во извештајот. Во септември, турскиот Државен совет, кој е највисок административен суд во земјата, го запре спроведувањето на решението на Советот на министри од март 2016 година, за запазување на летното сметање на времето во текот на целата година.

M.В