/ Прочитано:

1.403

ПРЕДЛОГ ЗА ДРЖАВЕН ИСПИТ: Испитот да се снима во живо, пасош за идентификација, државни службеници да „чуваат“ на испит, парични надоместоци

Вторник, 16 декември 2014 – Министерството за образование и наука го објави сетот закони од областа на образованието, именувани како „Пакет реформи за унапредување на образовниот систем“.

Во сетот на предложени закони се наоѓаат и измените и дополнувањата на Законот за високото образование, во кои е инкорпориран и модалитетот за реализација на „Концептот на државан испит“.

Зошто е потребен државен испит?

„Државниот испит е потребен заради проверка на стручната оспособеност на студентите за самостојна примена на стекнатите знаења, способности и вештини пропишани во самата студиска програма, во текот на студирањето и на крајот на завршната година се изведува и државен испит за студенти запишани на прв, односно втор циклус на студии“, се вели во измените и дополнувањата на Предлог-законот за високото образование, кој понатаму низ законскиот текст државниот испит го регулира на следниот начин:

Кој го реализира државниот испит?

Државниот испит за студенти го реализира Одборот за акредитација и евалуација на високото образование.

Кога се полага државниот испит?

Државниот испит студентот го полага по завршување на втората студиска година, но може и порано доколку студентот има положено најмалку 50% од вкупниот број на предмети предвидени за конкретната студиска програма и на крајот на завршната година на студии, пред одбрана на дипломската работа, доколку студиската програма предвидува изработка и одбрана на дипломска работа. Државниот испит студентот го полага само еднаш во кварталот на академската година при што првите две полагања се бесплатни. Студентите запишани на втор циклус на студии државниот испит го полагатна крајот на последната студиска година.

Колку се плаќа за државниот испит?

Првите две полагања на државниот испит за студенти се бесплатни. Доколку студентот не успее да го положи државниот испит двапати по ред, наредните пријавувања за полагање се на товар на студентот, и тоа за трет пат 1.000,00 денари, за четврт пат 6.000,00 денари и за секое наредно пријавување 12.000,00 денари.

Колку прашања содржи испитот?

Државниот испит за студенти содржи пет прашања со различна тежина од секој предмет поединечно од секоја наставна година со четири понудени решенија, од кои едното решение е точен одговор на понуденото прашање.

Каде се чуваат прашањата?

Прашањата содржани во тестовите за полагање на државнот испит и нивните одговори, се чуваат во единствениот електронски систем за полагање на приемниот испит. Електронскиот систем содржи и јавно достапна база на прашања од областа на клучните предмети за потребите на државниот испит.

Различно ниво на сложеност на прашањата

Прашањата од секој предмет поединечно кои ќе им се достават, по случајен избор, на секој студент за време на полагање на државниот испит, преку посебен софтверски систем, ќе бидат од различно ниво на сложеност и тоа две прашања ќе бидат од најсложен вид на прашања, а останати три прашања ќе бидат составени со пониски нивоа на сложеност. Државниот испит се полага во просторија за полагање на испит, посебно опремена со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето. Студентите се информираат за датумот и времето на полагањето на државниот испитот најмалку три дена пред одржувањето на државниот испит.

Полагањето ќе се снима во живо

Полагањето на испитот се снима и во живо се емитува на веб страницата на министерството надлежно за високото образование, а ако поради технички причини снимањето се прекине, сминката од целиот испит се поставува на веб страницата на министерството надлежно за високото образование.

И државни службеници ќе „чуваат“ на испит

Критериумите во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на просториите за полагање на државниот испит ги пропишува министерот надлежен за високото образование на предлог на Одборот. Во просторијата за полагање на државниот испит, за време на полагање на државниот испит, се присутни еден претставник од високообразовната установа, двајца претставници од Одборот и двајца претставници од министерството надлежно за високото образование, од кои еден е информатичар.

Лична карта и патна исправа за идентификација

Пред почетокот на полагањето на државниот испит, претставникот од Одборот го утврдува идентитетот на студентот со увид на лична карта или патна исправа.

Забрана за користење на мобилен телефон

На студентот за време на полагањето државниот испит не му се дозволува користење учебни помагала, мобилен телефон, преносни компјутерски уреди и други технички и информатички средства, претходно подготвени предмети и слично.

 Забрането разговарање со другите студенти, освен со информатичарот

На студентот за време на полагањето на државниот испит не му се дозволува да контактира со други студенти или лица освен со информатичарот од став 15 на овој член, во случај доколку има технички проблем со компјутерот. Ако техничките проблеми со компјутерот бидат отстранети за пет минути испитот продолжува, а дококу не бидат отстранети во овој рок испитот само за тој студент се прекинува и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на државниот испит.

Кога има проблем со повеќе од пет компјутери

Ако има проблеми со повеќе од пет компјутери и тие не бидат отстранети во рок од пет минути испитот се прекинува за сите студенти кои го полагаат државниот испит и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на државниот испит. Во случаите од ставот 18 на овој член доколку студентот не се јави на државниот испит во рокот од најмногу три дена, се смета дека студентот не го положил државниот испит и истото се констатира во записникот за полагање нa државниот испит. Овластените претставници од став 15 на овој член, за време на полагањето на испитот, не смеат да се задржуваат подолго од пет секунди во непосредна близина на студентот кој го полага испитот, освен во случај на отстранување на технички проблем кога не смеат да се задржат подолго од пет минути.

Што во ситуација ако студентот не може оправдано да го полага испитот?

Ако во текот на полагањето на државниот испит настанат оправдани причини поради кои студентот не може да го продолжи полагањето на испитот (болест, породилно отсуство, школување во странство и слично), ќе се прекине државниот испитот за определено време, кое не може да биде подолго од шест месеци. Ако студентот не поднесе молба за продолжување на државниот испит во рокот определен во ставот 23 на овој член ќе се смета дeка испитот не го положил.

Лозинка

На денот на полагањето на државниот испит, претставникот на одборот му дава на студентот пристапен код, односно лозинка со кој му се одобрува пристап во електронскиот систем. По одобувањето на пристапот, студентот добива прашања, компјутерски генерирани, чија содржина по случаен избор ја одредува софтверот на електронскиот систем.

Ако не функционира електронскиот систем испитот се прекинува

Во случај на спреченост на спроведување на државниот испит поради причини што доведуваат до техничка неможност на функционирање на електронскиот систем, полагањето на државниот испит се прекинува. Доколку причините што доведуваат до техничка неможност на функционирање на електронскиот систем се отстранат во рок од 60 минути од прекинувањето на државниот испит, истиот продолжува веднаш по нивното отстранување. Доколку причините што доведуваат до техничка неможност на функционирање на електронскиот систем не се отстранат во рок од 60 минути државниот испит се презакажува за друг термин. Вкупното траење на времето определено за одговарање на прашањата од државниот испит изнесува 180 минути.

Кога студентот се смета дека го положил испитот?

Државниот испит за студенти се смета за положен доколку студентот постигнал најмалку 70% од вкупниот број предвидени позитивни поени од секој предмет поединечно. Посебните услови за начинот и постапката за изведување на државниот испит за студенти, на предлог на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование ги пропишува министерот надлежен за работите на високото образование, по претходна согласност од Владата на Република Македонија.

>>>Предлог на Закон за изменување и дополнување на законот за високото образование

М.В/veljanoskim@akademik.mk