/ Прочитано:

959

Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за следење на комуникациите – II читање

Понеделник, 3 септември 2012 –  Целта на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за следење на комуникациите е усогласување на одредбите на Законот за следење на комуникации со новиот Закон за кривична постапка, а паралелно и постапување согласно забелешките на Европската Комисија  во однос на улогата на министерот за внатрешни работи во постапката за следење на комуникации. Според предлагачот, Министерството за внатрешни работи преку ова законско решение ќе се надминат определени проблеми констатирани при практичната имплементација на овој Закон. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за следење на комуникациите е на второ читање на Комисијата за одбрана и безбедност.

Како што се наведува во предложеното законско решение, покрај наведените интервенции со кои се надминуваат забелешките на Европската комисија изнесени во однос на инволвираноста на министерот за внатрешни работи во постапката за следење на комуникациите, извршени се и интервенции во однос на:

  • рокот за одлучување на судијата на претходната постапка за барањето  за следење на комуникациите;
  • обезбедување законска гаранција за комисијата на Собранието на Република Македонија во вршењето на надзорот над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана, со овозможување на истата во полн состав и без претходна најава, да има право на пристап до просториите на органите овластени за следење на комуникациите и до информациите поврзани со следењето на комуникациите;
  • предвидување контрола над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите која ја врши надлежниот јавен обвинител согласно посебен закон;
  • зголемување на глобата предвидена за правно лице доколку произведува, нуди на продажба, продава, врши увоз, извоз, реекспорт или држи средства за следење на комуникации без одобрение на Министерството за внатрешни работи, како и предвидување глоба за физичко лице ако произведува, нуди на продажба, продава, врши увоз, извоз, реекспорт или држи средства за следење на комуникациите без одобрение на Министерството за внатрешни работи.