/ Прочитано:

1.155

Предлог-закон за јавно обвинителска служба за екипирање на Специјалното обвинителство доставен до Владата

Понеделник, 23 ноември 2015 – Специјалното обвинителство  во сорабока со Министерството за правда изготви Предлог-закон за јавно обвинителска служба, кој е неопходен за екипирање на обвинителството со стручен, истражен и административен кадар, информираа од Специјалното обвинителство.

„Предлог-законот е изготвен врз основа на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со целосно искористување на компаративните искуства за организираност на вакво обвинителство.

Предлог-законот е доставен до Владата на Република Македонија, а како предлагач се јавува Министерството за правда. Очекуваме Предлог Законот да биде ставен на дневен ред на првата седница на Владата на Република Македонија, по што во итна постапка ќе биде ставен на дневен ред и во Собранието на Република Македонија и ќе се пристапи кон негова целосна имплементација“, се вели во соопштението.

Се утврдува кој од предметите поврзани со прислушувањето е приоритен

Од Специјалното обвинителство посочуваат дека ги добиле бараните податоци од ЈОРМ и моментно тие се анализираат за да се утврди кој од предметите е приоритен.

„Во овој момент ги анализираме доставените податоци со цел да утврдуваме кој од предметите има приоритет и веднаш треба да се превземе. За сите детали околу преземањето на предметите дополнително ќе бидете известени на 26.11.2015 година (четврток)“, истакнуваат оттаму.

Обуки, оперативен план, простории и фејсбук страница

Во соопштението воедно се наведува дека  веднаш по изборот на јавните обвинители во тимот се започналo со спроведување на обуки, имајќи ја предвид природата на предметите со кои се соочува ова Јавно обвинителство. Обуките се спроведувале во периодот од 09.11 до 20.11.2015.

„Во исто време додека траеше процесот на обуки, донесовме оперативен план за делување на ова Јавно обвинителство, при што пристапивме кон изготвување на сите административни акти неопходни за непречена работа“, истакнуваат од Специјалното обвинителство.

Во однос на просторот каде треба да работи Специјалното обвинителство, како и податоците за контакт се наведува:

„Организиравме и активности поврзани со средување на просторот каде обвинителството ќе биде сместено.Со оглед дека активностите околу средување на просторот бараат одреден временски период, а имајќи ја предвид итноста од наше предметно постапување, закупивме простор во кој привремено ќе бидеме сместени. Сепак, официјалните постории на ова Јавно обвинителство остануваат во Министерството за правда и во оваа насока Ве известуваме дека седиштето на Министерството за правда (ул.Димитрие Чуповски бр.9, Скопје) е адреса за кореспонденција со ова Јавно обвинителство, додека електронска пошта на обвинителството е: onsk.info@gmail.com. Во овој контекст со цел доследното почитување на начелото на транспарентност и покажувајќи почит кон интересот на јавноста, оформена е и фејсбук страница, каде редовно ќе бидат објавувани нашите соопштенија и ставови околу одредени актуелни прашања.  Линк до фејсбук страницата: https://www.facebook.com/Специјално-јавно-обвинит…/timeline…“, се вели во соопштението.