/ Прочитано:

1.541

ПРЕДЛОГ- ЗАКОН за јавнообвинителска служба: „Јавнообвинителски службеници се лица со статус на административен службеник и стручните лица“

Петок, 20 март 2015 – Уредувањето на правата, должностите и одговорностите на лицата вработени во јавните обвинителства за вршење на стручни работи, како и дефинирањето на нивниот статус, ја наметна потребата од донесување на нов закон кој поблиску  ќе го регулира конкретното прашање, се вели во образложението на Министерството за правда за новиот Предлог-закон за јавнообвинителска служба кој се наоѓа во собраниска процедура.

Предлогот на Законот за јавнообвинителска служба се заснова врз начелата на законитост, професионалност, одговорност, ефикасност, економичност и транспарентност.

Со предложениот закон се предлага системско уредување на правата, обврските и одговорностите на на јавнообвинителските службеници. Предлогот на Законот за јавнообвинителска служба содржи 128 члена, кои се систематизирани во седумнаесет глави.

Член 2

(1) Јавнообвинителската служба ја сочинуваат јавнообвинителските службеници вработени во јавните обвинителства и лицата вработени во јавните обвинителства кои вршат технички и помошни работи .

(2) Јавнообвинителската служба ја сочинуваат и стручните  лица вработени во јавните обвинителства за вршење на стручни работи поврзани со следење, откривање и истражување на криминалитетот.

Член 3

(1) Јавнообвинителски службеници се лица со статус на административен службеник кои во јавните обвинителства вршaт стручни, административни, технички, извршни, статистичко-аналитички, материјално-финансиски, информатички и други работи  согласно овој и друг закон.  Јавнообвинителските  службеници  правата  од  работен  однос  ги остваруваат  согласно  овој  закон,  колективните  договори  и други  закони  што  ги уредуваат правата од работен однос.

(2) Јавнообвинителски службеници се и стручните  лица (јавнообвинителски истражители) вработени во јавните обвинителства кои вршат стручни работи поврзани со следење, откривање и истражување на криминалитетот.

(3) Лицата вработени во јавните обвинителства кои вршат технички и помошни работи немаат статус на јавнообвинителски службеници и за нив важат општите прописи за работните односи.

(4) Обезбедувањето на објектите, имотот, лицата и одржувањето на редот во јавното обвинителство го вршат припадници на полицијата на Република Македонија.

Со Главата I од предложениот закон се содржани основните одредби, односно предметот на Законот, со кои се дефинира поимот на јавнообвинителската служба и јавнообвинителски службеник, опфатот на јавнообвинителската служба, начелата врз основа на кои јавнообвинителските службеници ги извршуваат работите утврдени со закон.

Со Главата II се регулира класификацијата на работните места на јавнообвинителските службеници, при што истата се врши на четири категории, и тоа : генерален секретар, односно секретар, раководни јавнообвинителски службеници, стручни јавнообвинителски службеници и помошно-стручни јавнообвинителски службеници. Во рамките на категориите, службениците се делат на четири нивоа, при што во целост се утвдени условите за секое ниво.

Во Главата III е уредено формирањето на Советот на јавнообвинителски службеници  заради остварување и заштита на нивните права, неговиот состав и надлежности, како и дефинирањето на надлежноста на Генералниот секретар и секретарот во јавното обвинителство.

Во Главата IV и V се уредуваат видовите на вработување и начинот на пополнување на работните места на јавнообвинителските службеници, кое може да се изврши прку постапка за вработување преку јавен оглас, унапредување преку интерен оглас, мобилност преку распоредување или преземање, а пропишани се и условите за пополнување на работните места.

Во Главата VI е уредена постапката за вработување на  јавнообвинителските службеници, при што детално е уредена постапката за вработување, почнувајќи од обврската за планирање на вработувањата, објавувањето на јавниот оглас, формирањето на Комисијата, постапката за селекција, тестирањето, интервјуто и сите други елементи од постапката за вработување.

Во Главата VII е уредена постапката за унапредување на јавнообвинителските службеници, почнувајќи од интерниот оглас за унапредување, условите за унапредување и текот на постапката.

Во Главата VIII во целост се уредува постапката за мобилност на јавнообвинителските службеници преку распоредување во исто јавно обвинителство на работно место во исто ниво, односно звање, преку преземање во друго јавно обвинителство на работно место во исто ниво или преземање од друг орган на државната управа, државен орган или друга институција.

Во Главата IX се дефинирани одредбите со кои се уредуваат правата и должностите на јавнообвинителските службеници. Со нив се регулира: работното време;  паузи, одмори и отсуства; платеното и неплатеното отсуство; стручното усовршување; мирувањето на работниот однос; работата во услови на штрајк како и должностите на јавнообвинителските службеници.

Обезбедувањето и составот на платите на јавнообвинителските службеници, вреднувањето на додатокот на плата за звање, како и предвидувањето на надоместоци на плата и нивната висина е предмет на уредување на Главата X од Законот за јавнообвинителска служба.

Во Главата XI се уредува стручното усовршување на јавнообвинителските службеници, како нивно право и обврска, програмата за стручно усовршување, обуките, менторството и други прашања кои се однесуваат на стручното усовршување.

Во Главата XII се уредува управувањето со ефектот, односно оценувањето на јавнообвинителските службеници кое се врши еднаш годишно врз основа на постојано следење на нивната работа, односно врз основа на податоци кои се однесуваат на резултатите од нивната работа и личните квалитети што ги покажале во текот на работењето. Оценувањето го врши непосредно претпоставениот раководен јавнообвинителски службеник.

Одговорноста на јавнообвинителските службеници за вршењето на службените работи е регулирана со одредбите од Главата XIII од Законот. За повреда на службената должност јавнообвинителските службеници одговараат дисциплински. Материјалната одговорност ги покрива случаите на причинета штета која на работа или во врска со работата, намерно или од крајна небрержност јавнообвинителскиот службеник му ја предизвикал на јавното обвинителство. Одредбите за дисциплинската и материјалната одговоност од овој закон соодветно се применуваат на јавнообвинителската полиција и на лицата вработени во јавнообвините обвинителства кои вршат технички и помошни работи.

Главата XIV ги предвидува начините за престанок на  вработувањето на вработените во јавнообвинителската служба.  Вработувањето престанува по спогодба, по лично барање, по сила на закон како и во други случаи предвидени со Законот за јавнообвинителска служба. Решението за престанок на вработувањето го донесува генералниот секретар, односно секретарот или јавниот обвинител каде што нема секретар против кое вработениот има право на жалба до Советот на јавнообвинителската служба во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението.

Во Главата XV од Законот се е утврдена заштитата на јавнообвинителските службеници во втор степен и пред надлежен суд. Имено, доколку со решение му е повредено право од работен однос истиот има право на жалба до Советот во рок од осум дена од приемот на решението, освен кога со овој закон не е поинаку утврдено. Јавнообвинителскиот службеник кој не е задоволен од конечната одлука на Советот или ако Советот не одлучил во рок од 15 дена, има право во рок од 15 дена од приемот на решението да бара заштита на своите права пред надлежен суд. Јавнообвинителскиот службеник не може да бара заштита на правото пред надлежен суд ако претходно не барал заштита на правото пред Советот, освен за правото на парично побарување.

Водењето на Регистар на јавнообвинителските службеници како единствена база на податоци од страна на стручната служба во Јавното обвинителство на Република Македонија е уредено со Глава XVI од Законот.

Во Главата XVII од Законот се сместени преодните и завршни одредби со кои се утврдени роковите за носење на подзаконските акти и формирањето на Советот на јавнообвинителска служба, се пропишува дека вработените во јавните обвинителства кои имаат статус на државни службеници, а кои се вработени на соодветни работни места кои одговараат и ги исполнуваат условите за работните места според овој закон, се распоредуваат како јавнообвинителски службеници. Исто така, е пропишан начинот на продолжување на веќе започнатите постапки, како и неговото влегување во сила и започнувањето со примена на законот.

>>>ПРЕДЛОГ- ЗАКОН за јавнообвинителска служба