/ Прочитано:

1.023

Предлог-закон за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, по скратена постапка ( СОБРАНИЕТО ГО ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ)

Четврток, 6 јуни 2013 – Предлог-законoт за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост што се носи по скратена постапка е на второ читање на собраниска комисија. Дали новото законско решение ќе биде од корист на земјоделците или пак на богатите бизнисмени е прашањето кое го предизвика Предлог-законот.

Предмет на продажба, согласно Предлог-законот, е земјоделско земјиште кое не е под договор и за кое концесионерот ќе даде согласност тоа да се продава. Почетната цена на земјиштето ќе се утврдува од страна на Бирото за судски вештачења. Земјоделците ќе имаат можност да го откупат земјиштето во готово или на рати во период од пет години со можност за негово продолжување на уште пет години

Дел од земјоделците сметаат дека законот треба да се донесе, но под јасни и прецизни услови, додека други побараа негово повлекување бидејќи, како што рекоа, финансиски не се подготвени да го откупат земјиштето кое го зеле под концесија. Сите се согласни дека рокот од пет години за отплата на земјиштето е премал. Сметаа дека при утврдувањето на цената за продажба на земјиштето треба да се води сметка и за неговата местоположба, инфраструктура.

Земјоделците имаат забелешки и во однос на членот од законот кој дозволува по 8 години земјоделското да се прeнамени во градежно земјиште.

Повлекување на законот на минатата комисиска расправа, побараа пратениците од опозицијата бидејќи, според нив, законот не нуди заштита на малите земјоделци кои ќе останат без земја. Од опозицијата предупредуваат дека носењето на овој закон ќе овозможи земјиштето да заврши во рацете на моќниците, а вистинските земјоделци ќе останат без основниот извор на егзистенција.

Финансиските средства кои треба да се обезбедат од Буџетот на РМ за спроведување на законот, годишно изнесуваат  4.800.000 денари.