/ Прочитано:

3.071

ПРЕДЛОГ-ЗАКОН ЗА ЗАНАЕТЧИСТВО: 500 евра глоба за вршителот на занаетчиска дејност ако на видно место не го истакне работното време

Петок, 2 октомври 2015 – Предлог-законот за занаетчиство се наоѓа на прво читање во Собранието на Република Македонија. Со овој закон се уредуваат условите за вршењето на занаетчиска дејност и за издавање на занаетчиската дозвола, водењето на Занаетчиски регистар, организирањето на чирачката работа, како и организирањето и финансирање на коморски систем, се посочува во образложението на Предлог-законот.

Електронски занаетчиски регистар

„Со новото законско решение се регулира начинот на издавање и одземање на јавните овластувања од страна на министерот како и условите за вршење на јавните овластувања од страна на коморите. Исто така, се воведува занаетчиска дозвола, која се издава за занаетчиските дејности и важи како гаранција за квалитет на производите и услугите кои ги нудат вршителите на занаетчиската дејност. Понатаму, се дефинира финансирањето на занаетчиските комори и се воведува електронски занаетчиски регистар кој покрај регистрацијата на физичките лица-занаетчии и евиденција на трговците поединци и трговските друштва ќе служи и како централна база на податоци со што институциите за развој и поддршка на занаетчиството. Се воведува чираштвото кое овозможува невработено лице да биде ангажирано од страна на  работодавач со цел да се стекне со вештини, компетенции и знаења  за изучување на определен занает“, се посочува во законското образложение.

Занаетчиска дејност

Во законското решение занаетчиска дејност се дефинира како производна или услужна профитна дејност за која важат следните карактеристики: производствo или услуги врз основа на индивидуални нарачки; производство во мали серии каде сериското производство не е претежен дел од дејноста и вршење на дејноста со користење на машини, алат и технички уреди соодветни за дејноста согласно претходната алинеја и немаат особина на  автоматизиран работен процес.

Во Предлог-законот „Занаетчија“ се дефинира како физичко лице кое врши занаетчиска дејност и е запишан во Занаетчиски регистар, додека пак, „Вршител на занаетчиска дејност“ е занаетчија, трговец поединец друштво со ограничено одговорност и друштво со ограничена одговорност основано од едно лице  кое врши занаетчиска дејност. Се пропишува дека занаетчиите можат да се стекнат со титула мајстор.

Титула мајстор и чирак

„Со титула мајстор можат да се стекнат и физички лица кои се вработени кај  вршителот на занаетчиска дејност. Титула мајстор се стекнува согласно Законот за стручно образование и обука“, се вели во членот 42 од Предлог-законот.

Исто така, во Предлог – законот се уредува и организиарањето на чирачката работа. Се дефинира дека „Чиракување“ е период кој невработено лице го поминува на работно место кај вршителот на занаетчиска дејност со цел да се стекне со вештини, компетенции и знаења  за изучување на определен занает.

1.000 евра казна за неистакнување на ценовник на видно место

Во законското решение се предвидува глоба во износ од 500 евра за прекршок на вршителот на занаетчиска дејност, ако ја врши својата дејност надвор од просториите за работа или ако на видно место не го истакне своето работно време и не се придржува на определеното работно време. За овој прекршок се предвидува глоба во износ од 50 до 75 евра и за занаетчијата.

Глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на вршителот на занаетчиска дејност, ако на видно место не истакне ценовник на своите производи, односно услуги или ако не поседува соодветна документација за набавените стоки и материјали. За овој прекршок предвидена е глоба и за занаетчијата во износ од 100 до 150 евра.

М.В