/ Прочитано:

2.355

ПРЕДЛОГ- ЗАКОНОТ ЗА АМНЕСТИЈА ПУШТЕН ВО ВЛАДИНА ПРОЦЕДУРА: „Израз на добра волја на државата кон одредена група на правосилно осудени лица“

Владата на Република Македонија го разгледа и усвои Предлог-законот за амнестија и им препорача на Министерството за правда и на службите во Владата да ги обезбедат условите за увид во предлог текстот на законот до засегнатите министерства, како и до пошироката јавност.

Владата донесе одлука усвојувањето на законот да оди во редовна постапка. Во соогласност предвидената процедура за усвојување на законите во редовна постапка, текстот на предлог-законот ќе биде поставен на увид на јавноста во Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија и на тој начин до него ќе имаат пристап експертите од стручната јавност, од граѓанскиот сектор, како и сите други засегнати страни.

Предлог-законот на ЕНЕР ќе биде достапен 20 дена, согласно одлуката на Владата на РМ, која на една од претходните седници го зголеми бројот на денови за јавна расправа на законите што се донесуваат во редовна постапка.

Првиот драфт на предлог-законот ја опишува целисходноста од донесувањето на овој закон кој е времен и ќе се однесува на точно определени временски одредници.

Министерот за правда, Билен Саљији напоменува дека предлогот за донесување на нов закон за амнестија е израз на добра волја на државата кон одредена група на правосилно осудени лица, со цел за нивна ресоцијализација и за растоварување на затворите од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна воедно, како и условите во казнено-поправните установи во државата.

„Со предложениот текст на закон не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело Убиство од член 123 од Кривичниот законик, на сторители на кривични дела против избори и гласање (член 158-165-в) од Кривичниот законик, за кривични дела против половата слобода и половиот морал и тоа: (член 186, член 187, член 188, член 189, член 191, член 191-а, член 193, член 193-а, член 193-б и член 194 од Кривичниот законик, за кривични дела против државата (член 305-327) од Кривичниот законик, за кривични дела злосторничко здружување (член 394-394-г), од Кривичниот законик, како и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право (член 403-418-а, 418-в до 422 од Кривичниот законик на Република Македонија“; истакнува Саљији.

Предлог-законот за амнестија го најави и заменик министерот за правда, Оливер Ристовски, во интервјуто за Академик.

„Законот за амнестија премиерот веќе го најави при посетата на Идризово каде што увиде дека условите се страшно лоши. Овој закон е подготвен и набргу, по владината процедура и изборите, ќе биде пратен во парламентарна процедура. Би требало до нова година да се затвори ова прашање. Со овој Закон за амнестија сите казни до 6 месеци се простуваат со што се изземени одредени кривични дела и тие нема да влезат во амнестијата“, вели заменик министерот за правда.

М.В