/ Прочитано:

1.175

Предлогот за уставни измени пред Комисијата за уставни прашања

Вторник, 15 јули 2014 – Во Собранието на Република Македонија заседава Комисијата за уставни прашања, со единствената точка на дневен ред – предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија. За 23 години самостојност Уставот е менуван 7 пати.

Дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена, прецизирање на фискалните правила во рамките на Буџетот, и тоа за буџетскиот дефицит и јавниот долг, промена на називот на Народната банка на Република Македонија, воведување на институтот Уставна жалба, промена на составот на Судскиот совет, промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд, создавање на уставна можност за формирање на финансиска зона, пристапување кон измени на Уставот со цел дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија се предлозите за уставни измени што минатиот месец ги соопшти Владата на Република Македонија како иницијатор на уставните измени.

Потребата за измени на Уставот, Собранието со двотретинско мнозинство треба да ја утврди на седницата закажана во среда на 16 јули. Потоа уставните измени ќе бидат вратени во Владата, која во рок од седум до десет дена треба да изготви нацрт-амандмани за кои во текот на следните триесет дена треба да се гласа во Собранието.

Според процедурата, откако ќе го поминат собранискиот филтер, нацрт-амандманите се враќаат во Владата.

Се очекува овие нацрт-предлози да се изгласаат до крајот на август, по што ќе бидат дадени на јавна дискусија. Сите засегнати во периодот на јавна дискусија ќе имаат можност да дадат свои предлози, по што Владата ќе треба во рок од 30 дена да изготви предлог-амандмани и да ги врати во Собранието. За секој предлог-амандман ќе се гласа поединечно со двотретинско мнозинство. Доколку во првата фаза не се изгласа потребата за уставни измени, целата постапка се запира. За вака предложени амандмани не е потребно Бадинтерово гласање.

Последните измени на Уставот беа донесени на 12 април 2011 година, а најавените измени на Уставот  ќе бидат осми по ред.