/ Прочитано:

3.067

Во собраниска процедура

ПРЕДЛОЖЕН Е ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ : „Присуство на адвокати при постапката за расправање на оставина, составување на нотарски и изготвување на приватни исправи“

Предлог-законот за нотаријатот денеска е предложен во Собранието на Република Македонија. Причините за донесувањето на Предлог на Законот за нотаријатот произлегуваат од неговата практична примена.

advokat-pravosudstvo-e1418201421227.jpg

Во Предлог-законот за нотаријатот се вели дека со унапредувањето на функционирањето на нотаријатот во Република Македонија ќе се овозможат услови за успешна примена на законот во пракса,  ќе се овозможи воедначена примена на законските одредби од страна сите нотари во Република Македонија, ќе се обезбеди побрз пристап на граѓаните до правдата, ќе се зголеми степенот на правната сигурност во правниот промет, ќе се остане во чекор со современите текови во поразвиените латински нотаријати, а истовремено ќе се влијае и врз понатомошно намалување на бројот на судските предмети и растоварувањето на судството.

„Новина е присуството на адвокати при составувањето на нотарски исправи и изготвувањето на приватни исправи од адвокати со адвокатски печат и потпис кои потоа ќе се потврдуваат од нотар, кое учество на адвокати зависи од вредноста на предметот на службеното дејствие кое се презема, изготвување на предлозите за донесување на решение за нотарски платен налог како и редовните правни лекови од страна на адвокати,како и присуството на адвокати во постапката за расправање на оставина пред нотар. Ова се воведува со цел зголемување на правната сигурност на странките во постапката пред нотар“, се вели во законското образложение.

Член  147 од Предлог-Законот за нотаријатот  Расправање на оставина: „Овластувањата на нотарите за расправање на оставина се уредуваат со законот кој ја уредува таа постапка. При расправањето на оставината задолжително е присуство на адвокат во својство на полномошник за секоја од странките“

Во Предлог -законот за составување на нотарскиот акт, се пропишува дека  нотарскиот акт се смета дека е составен откако ќе го потпишат сите учесници, адвокатите како полномошници, странки и нотарот, приватната исправа од ставот 1 на член 55, задолжително треба да биде составена од адвокат, а, меѓудругото, предлогот за донесување на решение за издавање на нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа задолжително ќе ги составува адвокат и тие треба да содржат адвокатски печат и потпис.

Член 54, став 2: „При составувањето на нотарскиот акт, кога вредноста на предметот на службеното дејствие го надминува износот од 20.000 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија, задолжително е учество на адвокат во својство на полномошник за секој од странките, како и употреба на адвокатски печат и потпис на нотарскиот акт. Доколку една од странките е Република Македонија, банка, осигурително друштво или лизинг компанија задолжително е присуство на адвокат во својство на полномошник само за останатите странки. Доколку некоја од странките не обезбеди адвокат во својство на полномошник, нотарот ќе побара од Адвокатската комора на Република Македонија да назначи адвокат од листата на адвокати која ја составува Адвокатската комора на Република Македонија“

Член 55, став2: „Приватната исправа од ставот 1 на член 55, задолжително треба да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис доколку се работи за правна работа со вредност над 10.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Македонија“

Член 68, став 2, Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог: „Предлогот за донесување на решение за издавање на нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговорот против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлогот за укинување на клаузулата на правосилност и извршност, приговорот против решението на нотарот за укинување на клаузулата за правосилност и извршност, приговорот против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, жалбата против решението на судот, задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис“

Во законското образложение,  понатаму се опишуваат и конкретните новини во Предлог-законот:

„Со новиот текст на Законот за нотаријатот ќе се надминат констатираните слабости на постојниот закон, номотехнички и содржински ќе се преуреди структурата на законот кој што моментално е во примена преку допрецизирање на законските одредби, како и преку измена на најголемиот дел од постоечките законски одредби, а водено ќе се уреди и надлежноста на нотарите во делот на постапувањето по предлозите за донесување на решенија со кои се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа (нотарски платен налог) и ќе се воведе значајна новина со давањето на можноста нотарите да составуваат и издаваат електронска нотарска исправа и електронски да ги архивираат нотарските списи.

Новиот закон со кој се уредува нотаријатот како јавна служба во Република Македонија ќе понуди и решение на проблемот на архивирањето и чувањето на нотарскиот архивски материјал преку неколку алтернативни можности за чување на истиот, и тоа во специјализирана лиценцирана институција за чување на архивски материјал, во заедничка архива која ја води Комората или пак во друга соодветна просторија за чување на архивски материјал.

Исклучително значајна новина, а воедно и голема придобивка кон ефикасноста во нотарското работење е новото законско решение кое ја предвидува можноста уписниците како деловни книги нотарите да ги водат во електронска форма, што досега не беше случај и ваква можност се предвидуваше само за Заедничкиот именик и Именикот за извршни предмети, што значително ќе го олесни работењето на нотарите имајќи ги предвид нивните големи надлежности. По однос пак на ставањето на своерачните потписи на учесниците кои што се појавуваат како странки во постапките пред нотар, предложениот текст на законот нуди ново решение, пропишувајќи нова деловна книга – ,,Книга за потписи”, за која се предвидува исклучива писмена форма во која ќе се потпишуваат учесниците во постапката пред нотар, а не како што досега беше случај учесниците да се потпишуваат во Општиот деловен уписник во кој се заведуваат нотарските акти и солемнизации изготвени од нотарите или пак во Уписникот за заверки и потврди во кои се заведуваат сите потврди, заверки, преводи и преписи кои ги издаваат нотарите. Во делот на организационата поставеност на нотаријатот во Република Македонија, посебна придобивка е пропишувањето на законската можност во рамките на Нотарската комора на РМ да може да се основа Нотарска академија, која би била одлична подлога и основа за иден избор на што подобро и поквалитетно обучени нотари. Се врши и промена на составот на Дисциплинскиот совет при Нотарската комора, кој ќе биде составен од двајца судии, обвинител и двајца нотари и нивни заменици, со што се зајакнува стручноста и компетентноста на овој орган за водење на дисциплинските постапки против нотарите.

Новина е воведувањето на нотарскиот платен налог односно се пропишува постапката која ја спроведува нотарот за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојни исправи, како и правата на странките во постапката пред нотарот за издавање на решение за нотарски платен налог. Се уредува и доставата која ќе ја вршат нотарите за доставување на нотарскиот платен налог.

Новина во законската регулатива на нотаријатот во Република Македонија е и воведувањето на испитот за заменик-нотар, помошник-нотар, нотарски стручен соработник и стручен испит за проверка на знаењата на нотарите како и новиот начин на полагање на нотарскиот испит, испитот за заменик-нотар, помошник нотар, нотарски стручен соработник и стручен испит за проверка на знаењата на нотарите по електронски пат заради поголема објективност во оценувањето како и на посебна глава за прекршочни одредби, во кој што се предвидуваат прекршочни казни за сторени прекршоци од страна на претседателот на Нотарската комора, и други лица кои не ги почитуваат одредбите од законот“.

БРИШКОСКА – БОШКОВСКИ: „Ги поддржуваме измените на Законот за нотаријатот и немаме дилеми за адвокатската тарифа“

НИКОЛА ДОДЕВСКИ: „Непријателот на адвокатурата е менталниот склоп кој ги смета адвокатите за нужно зло!“

ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА ВО ИНТЕРЕС НА АДВОКАТУРАТА: Активности, предлози и констатации

ЗАШТИТА НА АДВОКАТУРАТА: Адвокатската тарифа не се менува на „обуки“ на судии – таа е во исклучива надлежност на УО на АКРМ

М.В / veljanoskim@akademik.mk