/ Прочитано:

2.967

ПРЕДЛОЖЕН ЗАКОН ЗА ТРГОВИЈА НА ЗЕЛЕНИТЕ ПАЗАРИ: „Да се реши работниот статус на лицата кои работат на зелените пазари“

Група пратеници од владејачкото мнозинство во Собранието на РМ предлагаат Закон за трговија на зелените пазари по скратена постапка. Предлог-законот за трговија на зелени пазари, истакнуваат пратениците, има за цел во законска рамка да ги уреди сите прашања со кои се прецизираат условите и начинот на вршење трговија на зелените пазари во Република Македонија, субјектите кои може да вршат трговија, условите и начинот на организирање, евиденцијата на трговците, правата и обврските на трговците и организаторите на зелените пазари.

„Имено, со овој Предлог-закон статусот на лицата кои досега работеле на зелените пазари ќе се уреди и нивниот работен однос ќе биде законски нормиран. Со Предлог-законот ќе се постигне намалување на бројот на невработеност во Република Македонија и со него на голема категорија лица – трговци на зелени пазари што вршат трговија на мало на тезги и пазари и кои се занимаваат со земјоделска дејност ќе им се реши работниот статус“, се вели во законското образложение.

ОБЈАСНУВАЊЕ НА СОДРЖИНАТА НА ОДРЕДБИТЕ НА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ

Предлогот на Законот за трговија на зелени пазари содржи 48 члена. Со членот 1 е уреден предметот на законот односно дека со него ќе се уредуваат условите и начинот на вршење трговија на зелените пазари во Република Македонија, субјектите кои може да вршат трговија на зелените пазари, условите и начинот на организирање на зелените пазари, евиденцијата на трговците на зелени пазари и правата и обврските на трговците и организаторите на зелените пазари.

Во членот 2 се прецизирани поимите што ќе се користат во законот. Членот 3 уредува дека трговија на зелен пазар е купување и продавање на стоки на организиран пазар и дека на зелен пазар не може да се врши трговија во смисла на давање услуги.

Членот 4 уредува дека организирањето трговија на зелен пазар е комунална дејност од јавен интерес од локално значење и изградбата, одржувањето и обезбедувањето на условите се вршат во согласност со развојните и урбанистичките планови од страна на општините, општините во град Скопје и градот Скопје преку јавни претпријатија и/или да се вршат преку доделување договор за јавно приватно партнерство во согласност со одредбите од Законот за концесии и јавно приватно партнерство и прописите за комунална дејност под услов да ги исполнуваат минималните здравствено-санитарни и технички услови. Кога дејноста или дел од активностите на дејноста на организатор на зелен пазар се вршат со договор за јавно приватно партнерство, таквиот договор е непренослив за целиот период на неговото времетраење и не може да трае подолго од 15 години од денот на неговото склучување. Изградбата, одржувањето и обезбедувањето услови за организирање трговија на зелен пазар може да се вршат како трговска дејност од страна на трговци регистрирани во согласност со Законот за трговски друштва со нивни сопствени средства и имот под услов да ги исполнуваат минималните здравствено-санитарни и технички услови, општите и посебните барања за безбедност на храна при пуштање во промет. Со членот се уредени и минимално здравствено-санитарни и технички услови за изградбата, одржувањето и обезбедувањето услови за организирање трговија на зелен пазар. Надлежноста за пропишување на поблиски услови и прописи од членот 4 ја има  министерот за економија во согласност со министерот за здравство и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, како и обврската на организаторите на пазарите во рок од 15 дена пред започнувањето на вршењето на работите да ги известат Државниот пазарен инспекторат и Државниот здравствен инспекторат дека се исполнети условите од членот 4.

Членот 5 уредува дека на зелените пазари се врши трговија на мало на стоки под услови пропишани со овој закон, Законот за трговија, Законот за безбедност на храната, Законот за квалитет на земјоделските производи, како и Законот за здравјето на растенијата.

Стоките кои ќе се продаваат на зелените пазари ги определува Владата на Република Македонија по предлог на министерот за економија, во согласност со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Трговецот на зелени пазари во секое време треба да поседува документација со која ќе го докажува потеклото на производот, како и тоа дека земјоделските производи кои се продаваат на зелениот пазар мора да поседуваат пасош за растенијата наведени во Листа V дел А од листите на штетни организми, растенија, растителни производи и други објекти и предмети.

Членот 6 ги уредува работното време и условите кои е должен да ги исполни организаторот на зелен пазар. Членот 7 уредува кој може да врши трговија на зелени пазари.

Членот 8 уредува дека трговецот на зелени пазари одговара за своите обврски со целиот свој имот. Во членот 9 се регулира уписот во Регистарот на кој начин и под кои услови, во кој рок, како и правото на жалба на невработеното физичко лице.

Во членот 10 се регулира дека Комората преку воспоставен веб- сервис со Централниот регистар без надоместок презема податоци за упис на основање, промена и бришење на трговец поединец, во согласност со Законот за Централен регистар, а врз основа на претходно склучен договор меѓу два субјекта.

Членот 11 регулира кога, во кој рок, како се издава и колку време важи легитимацијата.

Членот 12 уредува кога престанува да важи легитимацијата. Членот 13 регулира прашања за договор за вршење на трговија на зелен пазар на трговецот со организаторот.

Членот 14 прецизира дека седиштето на трговци на зелени пазари е местото во кое тој има живеалиште. Фирмата на трговецот на зелени пазари се состои од неговото име и презиме до кои задолжително стојат зборовите: „трговци на зелени пазари”. Фирмата на самостојниот вршител на дејност со седиште во единица на локална самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот може да гласи и на тој јазик.

Престанокот на дејноста е уреден во членовите 15,16 и 17. Упис на промена е регулиран во членот 18. Регистарот на трговците на зелените пазари се уредува во членот 19.

Од член 20 до член 29 е уреден коморскиот систем. Јавните овластувања на Комората се прецизирани во членовите 30, 31, 32, 33 и 34. Во членовите 35, 36, 37 и 38 се уредени прашањата за  финансирање на Комората.

Прекршочните одредби се регулирани во членовите 39, 40, 41, 42, 43, 44, 45 и 46. Членовите 47 и 48 се преодни и завршни одредби на законот.

М.В