/ Прочитано:

1.394

Предложени измени на Законот за просторно и урбанистичко планирање: Поефикасни постапки за донесување на урбанистички планови

Владата на Република Македонија во Собранието на Република Македонија поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање по скратена постапка.

slika

„Измените на законското решение се одговор на потребата од скратување на времетраењето на постапките за донесување на урбанистичките планови, за таа цел се пропишуваат услови за изменување и дополнување на генералните урбанистички планови и урбанистичките планови за села во делови, во зависност од реалните потреби и можности на донесувачот. Предложените измени ќе придонесат за поефикасно и поедноставно спроведување на постапките за донесување на урбанистички планови и одобрување на урбанистичко плански и проектни документации“, се посочува во законското образложение.

Во измените се предвидува можност за избор на поврзување во еден вид на урбанистички план на две постапки кои во согласност со постојното законско решение е определено да се водат независно и одвоено, а се однесуваа на урбанистичките планови за села и урбанистичките планови во населено место.

Исто така, како што се посочува во законското образложение, со измените се прецизираат условите под кои се издаваат овластувања за изработување на урбанистички планови и овластувања за ревизија на урбанистички планови.

„Во насока на поедноставување на постапките за уредување на просторот со намена индустрија и производство, се воведува можност според потребите на инвеститорите да се изврши спојување на градежни парцели преку изработување на архитектонско урбанистички проект. Со архитектонско урбанистички проект како урбанистичко проектна документација се определува и можност за преуредување на граници на две соседни парцели со намена семејно домување, во насока на нивно усогласување со сопственичките односи, а со цел остварување на правото за градење“, се вели во образложението.

Понатаму, со одредба од Предлог-законот се пропишува уредување на содржината на степенот на ажурирање на дигитализираните ажурирани геодетски подлоги, во зависност од тоа за каква цел служат и се уредуваат подетално условите под кои детален урбанистички план донесен во согласност со генерален урбанистички план кој престанал да важи, може да се применува со цел остварување на правото за градење.

М.В