/ Прочитано:

1.945

Предложени измени на Законот за Владата на Република Македонија

Во Собранието на Република Македонија, група пратеници предложија измени на Законот за Владата на Република Македонија по скратена постапка.

фото

Законот за Владата на Република Македонија содржи одредби кои се однесуваат на организацијата и начинот на работа на Владата на Република Македонија. Со овој предлог се предвидуваат одредби за Владата на Република Македонија во функција на организирање на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, кои ќе се одржат во 2016 година.  Целта на Предлог-законот е предвидување на одредби за Владата на Република Македонија за организирање на предвремени избори за пратеници.

Објаснување на содржината на одредбите на Предлог-законот

Со членовите 1 и 2  се уредува организацијата на Владата на Република Македонија сто дена пред одржувањето на предвремените избори за пратеници во Собранието, а со членот 3 се уредува постапувањето по престанокот на мандатот на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика избрани во оваа Влада.

Членот 4 е завршна одредба и предвидува овој закон да  влезе во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а да се применува до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија кои ќе се одржат во 2016 година.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија:

Член 1

            Во Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14 и 196/15), членот 44 став (1), се менува и гласи:

„(1) Заради организирање на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија кои ќе се одржат во 2016 година, Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија, сто дена пред денот на одржувањето на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, на предлог на опозицијата со мандат кој трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што мандатот им престанува по сила на закон.“

Во членот 44 ставот (4), се менува и гласи:

„(4) Министерот за внатрешни работи може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во министерството, во согласност со закон.

Министерот за внатрешни работи може да изврши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10% од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година “

По ставот (4) се додава нов став (5) кој гласи:

„(5) Министерството за финансии и другите органи на државната управа и правни субјекти, веднаш по изборот на министерот за внатрешни работи од ставот (1) од овој член, ги одобруваат постапките за ангажирање на лица за потребите на кабинетот на министерот за внатрешни работи“.

Ставот (5) станува став (6).

Во ставот (6) кој станува став  (7) бројот „(5)“ се заменува со бројот „(6)“.

Ставот (7) станува став (8).

Член 2

            Во член 46 ставот (1) се менува и гласи:

„(1) Мандатот на дополнителниот заменик на министерот трае од денот на неговиот избор до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија кои ќе се одржат во 2016 година по што мандатот му престанува по сила на закон.“

Член 3

             (1) По престанувањето на функцијата на министерот за внатрешни работи и министерот за труд и социјална политика согласно член 44 став (1) на овој закон, заменикот на министерот во Министерството за внатрешни работи и заменикот на министерот во Министерството за труд и социјална политика, ја преземаат надлежноста односно ја вршат функцијата министер за внатрешни работи односно министер за труд и социјална политика наредниот ден по денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија кои ќе се одржат во 2016 година.

(2) Сите евентуални одлуки донесени од страна на министерот за внатрешни работи и министерот за труд и социјална политика избрани согласно член 44, став (1) на овој закон, по денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија кои ќе се одржат во 2016 година, се ништовни по сила на закон и не произведуваат правно дејство.

Член 4

            Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија кои ќе се одржат во 2016 година.