/ Прочитано:

2.368

ПРЕДЛОЖЕНИ ИЗМЕНИ НА ЗКП: Да се зајакнат правата на одбраната на осомничените

Со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка ќе се зајакнат правата на одбраната на осомничениот во кривичната постапка, се вели во законското образложение на предложените измени на Законот за кривичната постапка, кои ги предлагаат пратениците Светлана Јакимовска и Муса Ибраими. Се предлага измените да се применуваат и за постапките започнати пред влегувањето во сила на овој закон.

PRAVOSUDSTVO

„Основната цел поради која се предлага овој закон е да се создадат претпоставки за ефикасно остварување на правата на одбраната на осомничените во кривичната постапка. Законот се заснова на начелото на правично судење, односно обезбедување на еднаквост на оружјата во текот на кривичната постапка“, се вели во образложението на предложените законски измени.

Со предложените измени се предлага менување на рокот, од 15 дена на 90 дена, во кој осомничениот има право од приемот на известувањето на јавниот обвинител за завршување на истражната постапка, да поднесе исправи или други докази, списи од дејствијата на одбраната или да бара од јавниот обвинител да собере определени докази.

„Овие измени се предлагаат врз основа на начелото на правично судење, односно еднаквоста на оружјето, што не е целосно обезбедено, особено споредувајќи ги роковите на одбраната да поднесува докази и исправи и роковите на јавниот обвинител за спроведување на истрагата“, се вели во законското образложение.

Во членот 301 од Законот за кривичната постапка се пропишани роковите за завршување на истражната постапка. Во овој член од Законот е пропишано дека ако не се заврши истражната постапка во рок од шест месеци од денот на донесување на наредба за спроведување на истражна постапка, јавниот обвинител е должен за тоа да го извести вишиот јавен обвинител, кој во сложени предмети може да го продолжи овој рок за уште шест месеци. По исклучок, овој рок може да се продолжи уште за три месеци од страна на јавниот обвинител на Република Македонија. Исто така, за кривични дела од областа на организираниот криминал рокот може да биде продолжен од страна на јавниот обвинител на Република Македонија за уште шест месеци.

„Од анализата на роковите дадени на јавниот обвинител, со сите механизми со кои располага, и роковите на одбраната, со лимитираните можности за собирање докази, може да се заклучи дека рокот од 15 дена е недоволен. Исто така, овој рок не кореспондира со роковите пропишани во членот 311 од Законот за кривичната постапка, каде што е утврдено дека бранителот за потребите на одбраната, во согласност со закон, може да бара податоци и известувања од државни органи, од органите на единиците на локалната самоуправа, од правни и физички лица што вршат јавни овластувања и од други правни лица и да бара да му се достават документи, списи и известувања.  Субјектите се должни да постапат по барањето на бранителот во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето, а доколку во постапката е определена мерка притвор, во рок од седум дена од денот на приемот на барањето, доколку со друг закон поинаку не е определено“,се вели во Предлог-законот.

Членовите за кои се предлагаат измени

 Член 302

Известување на осомничениот за завршување на истражната постапка

(1) Пред истекот на рокот предвиден во членот 301 од овој закон јавниот обвинител е должен на осомничениот и бранителот да им достави известување за завршување на истражната постапка од страна на јавниот обвинител.

(2) Пред завршувањето на истражната постапка јавниот обвинител, ако тоа не го сторил претходно, е должен да го испита осомничениот.

(3) Известувањето содржи краток опис на кривичното дело за кое било постапувано, правната квалификација, со назначување дека сите списи од спроведената истражна постапка се дадени на чување во архивата на јавното обвинителство и дека осомничениот и неговиот бранител имаат право да ги прегледуваат списите и доказите и да составуваат препис.

(4) Известувањето содржи поука дека осомничениот има право во рок од 15 дена од приемот на известувањето да поднесе исправи, или други докази, списи од дејствијата на одбраната, или да бара од јавниот обвинител да собере определени докази.

(5) Јавниот обвинител е должен да го запознае обвинетиот со доказите што во истражната постапка ги прибавил против него, како и да му ги открие доказите за кои дознал, а кои можат да бидат од полза за одбраната.

(6) Во случај кога јавниот обвинител по барање на осомничениот или неговиот бранител собира определени докази, е должен тоа да го заврши во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето.

Со предложените измени се предлага менување на рокот од 15 дена во 90 дена во кој осомничениот има право од приемот на известувањето на јавниот обвинител за завршување на истражната постапка, да поднесе исправи или други докази, списи од дејствијата на одбраната, или да бара од јавниот обвинител да собере пределени докази. 

 Член 468

Дела за кои се води скратена постапка

Во постапката пред судот што суди во прв степен за кривични дела за кои како главна казна е пропишана парична казна или затвор до пет години, ќе се применуваат одредбите на членовите 469, 470, 471, 472, 473, 474, 475, 476, 477, 478, 479, 489 и 481 од овој закон, а доколку во овие одредби не е предвидено нешто посебно, согласно ќе се применуваат другите одредби на овој закон.

Предложените нови 3 става на овој член:

2) Пред поднесување на обвинителниот предлог јавниот обвинител е должен во смисла на членот 302 ставовите (1) и (5) од овој закон да го извести осомничениот за преземените истражни дејствија и прибраните докази.

(3) По известувањето од ставот 2 на овој член, одбраната има право во рок од 90 дена да преземе дејствија на одбрана согласно членовите од 305 до 311 од овој закон.

(4) Пред поднесување на обвинителен предлог може да се применат одредбите за донесување пресуда врз основа на спогодба на јавниот обвинител и осомничениот во текот на претходната постапка.

M.B