/ Прочитано:

2.646

Предложени измените на Законот за персоналниот данок на доход

Група пратеници од владејачкото мнозинство во Собранието на Република Македонија поднесоа измени на Законот за персоналниот данок на доход по скратена постапка.

Со Законот за персоналниот данок на доход  е воведен персоналниот данок на доход и е уредeн начинот на оданочување на доходот на граѓаните. Персоналниот данок на доход се плаќа годишно на збирот на нето-приходите од сите извори, освен на приходите што се изземени од оданочување со овој закон.

„Со оглед на потребата од понатамошно допрецизирање, појаснување и разработка на одредбите на законот во насока на олеснување на практичното спроведување на законските одредби и намалување на административниот товар на даночните обврзници и на Управата за јавни приходи, како и унапредување и олеснување на начинот на плаќање на персоналниот данок на доход, се предлагаат измени и дополнувања на дел од одредбите на законот. Имено, со Предлогот на Законот се врши допрецизирање на одредбите кои ги уредуваат: видовите приходи кои подлежат на оданочување со персонален данок на доход; видовите примања кои се ослободени од обврската за плаќање на овој данок; пресметувањето и плаќањето на персоналниот данок на доход, како и роковите за донесување на решенија за утврдениот данок“, се посочува во законското образложение.

Во насока на намалување на административниот товар на даночните обврзници и на Управата за јавни приходи, како и унапредување и олеснување на начинот на плаќање на персоналниот данок на доход, се предлагаат повеќе измени на законот во согласност со проектот на Управата за јавни приходи „Поедноставување на процедурите за известување и плаќање на персонален данок на доход за физички лица“, финансиран од ИПА-фондовите.

„Имено, се предлага исплатувачите на приходите, преку електронски систем до Управата за јавни приходи, да доставуваат пресметка на аконтациите на данокот на доход коишто треба да ги платат при исплата на приходите на граѓаните. Управата за јавни приходи ќе врши контрола на точноста на пресметката на персоналниот данок на доход пред исплатата на приходот, ќе ги генерира налозите за плаќање на данокот и по електронски пат ќе ги доставува до носителите на платен промет“, се вели во образложението.

Исто така, се додава во законското образложение,  се предлага Управата за јавни приходи врз основа на податоците со кои располага за остварените приходи на даночните обврзници и пресметаниот данок,  да изготвува пополнета годишна даночна пријава за секој даночен обврзник. Обврската на даночниот обврзник ќе биде само да ја потврди или коригира пополнетата годишна даночна пријава.

Целта на предложените законски измени и дополнувања е да се олесни начинот на пресметување и плаќање на персоналниот данок на доход и да се скрати времето за утврдување на годишниот данок на доход, така што исплатувачите на приходи ќе поднесуваат пресметка до Управата за јавни приходи по пат на пренос на податоци во електронска форма за исплатените приходи и данок, а Управата ќе генерира и ќе доставува пополнета годишна даночна пријава до даночните обврзници.

Предложените законски измени имаат за цел допрецизирање, појаснување и разработка на одредбите на Законот во однос на: видовите приходи кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход, особено во делот на оданочување на приходите од продажба на земјоделски производи; видовите приходи кои се ослободени од оданочување; начинот на пресметување и плаќање на персоналниот данок на доход, како и роковите за донесување на решенија за утврдениот данок и за враќање на повеќеплатениот данок.

Предложените измени и дополнувања ги содржат следниве решенија:

– дефинирање на приходите од продажба на сопствени земјоделски производи  како посебна категорија на приходи кои подлежат на обврската за плаќање на персонален данок на доход и оданочување на овие приходи по одбивка;

– доуредување на одредбата од законот во која се наведени видовите примања на кои не се плаќа персоналниот данок на доход;

– пропишување обврска за исплатувачот на приходите, пред секоја исплата, по електронски пат до Управата за јавни приходи да поднесе пресметка (пресметка по лица-приматели на приходи за бруто износот на приходите, пресметаниот персонален данок на доход и нето-износот на приходи), врз основа на која Управата за јавни приходи ќе генерира налог за плаќање на персоналниот данок на доход;

– пропишување обврска за Управата за јавни приходи да изготви пополнета  годишна даночна пријава за секој даночен обврзник и да ја достави до обврзникот најдоцна до 30 април наредната година;

– пропишување обврска за даночниот обврзник да ја потврди или коригира пополнетата годишна даночна пријава најдоцна до 31 мај;

– укинување на обврската за исплатувачите на приходи за поднесување на годишни извештаи за исплатените приходи и данок во годината;

– доуредување на видовите капитални добивки кои се ослободени од плаќање на персонален данок на доход;

– уредување на начинот на пресметување на месечните аконтации за обврзниците кои за првпат ќе започнат да остваруваат приходи од вршење на самостојна дејност;

– допрецизирање на употребената терминологија и начинот на користење на правото за намалување на пресметаниот данок за набавените фискални апарати;

– доуредување на законските одредби поврзани со „другите приходи“ како еден од видовите приходи кои подлежат на оданочување; и

–  доуредување на законските одредби во делот на роковите за плаќање на утврдениот данок.

Предлог-законот се заснова врз истите начела врз кои се заснова Законот за персоналниот данок на доход.

М.В