/ Прочитано:

3.898

Предложени законски измени за дистинкција меѓу поимот коноп за индустриска употреба и канабис за медицински цели

Група пратеници од владејачкото мнозинство во Собранието на РМ предложија измени на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, по скратена постапка. Целта на измените и дополнувањата на Законот, се посочува во законското образложение, е да се направи јасна дистинкција меѓу поимот коноп наменет за индустриска употреба и поимот канабис кој се користи за медицински цели.  Воедно, во согласност со наведеното, и да се направи дистинкција меѓу надлежностите на Министерството за здравство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Со измените, меѓу другото, се дефинира дека „Канабис за медицински цели се сите надземни свежи или суви делови на растението, вклучувајќи го и семето од видовите Cannabis  sativa,  Cannabis  indica  и  Cannabis ruderalis.“ Воедно, се додава нова дефиниција дека „Коноп за индустриски цели се сите надземни свежи или суви делови на растението, освен  семето од видот Cannabis  sativa.“

Со измените се менуваат и одредби што се однесуваат на одгледување коноп кој е наменет за производство на опојна дрога за медицински цели. Во членот 29-а од постојниот закон се вели дека е дозволено одгледување на коноп во медицински и/или научни цели. Одгледување на коноп е дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на коноп, издадено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија.

Со предложените законски измени се предлага менување на постојниот член 29-а, така што во насловот зборот „коноп“ се менува со зборот „канабис“. Воедно, со истиот член во ставот 1 од постојниот член 29-а зборот „коноп“ се менува со зборот „канабис“, а ставот 2 се менува на начин што дозволува одгледување на канабис само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на канабис издадено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија.

Исто така, со измените се предвидува дека надзор со контрола кај овластениот производител на семенскиот материјал од афион и/или коноп, контрола во прометот на семенскиот материјал од афион и/или коноп во однос на декларираноста, контрола на сеидбата на афионот, конопот и/или канабис, контрола на самото производство, контрола пред и по жетвата, како и контрола во делот на откупот на афионовата слама (Papaver somniferum), коноп и/или канабис врши Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Инспекциски надзор над производството на семенскиот материјал од афион и/или коноп, контрола во прометот на семенскиот материјал од афион и/или коноп во однос на декларираноста, контрола на сеидбата на афионот, конопот и/или канабис, контрола на самото производство, контрола пред и по жетвата, како и контрола во делот на откупот на афионовата слама (Papaver somniferum), коноп и/или канабис  врши Државниот инспекторат за земјоделство.

М.В