/ Прочитано:

1.603

Предложените законски решенија во измените на Законот за персоналниот данок на доход

Министерството за финансии го објави текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход.

Целта на предложените законски измени и дополнувања, посочуваат од Министерството, е да се олесни начинот на пресметување и плаќање на персоналниот данок на доход и да се скрати времето за утврдување на годишниот данок на доход, така што исплатувачите на приходи ќе поднесуваат пресметка до Управата за јавни приходи, по пат на пренос на податоци во електронска форма за исплатените приходи и данок, а Управата ќе генерира и ќе доставува пополнета годишна даночна пријава до даночните обврзници.

Исто така, предложените законски измени имаат за цел допрецизирање, појаснување и разработка на одредбите на Законот во однос на: видовите приходи кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход, особено во делот на оданочување на приходите од продажба на земјоделски производи; видовите приходи кои се ослободени од оданочување; начинот на пресметување и плаќање на персоналниот данок на доход, како и роковите за донесување на решенија за утврдениот данок и за враќање на повеќе платениот данок.

„Во насока на намалување на административниот товар на даночните обврзници и на Управата за јавни приходи, како и унапредување и олеснување на начинот на плаќање на персоналниот данок на доход се предлагаат повеќе измени на Законот во согласност со проектот на Управата за јавни приходи „Поедноставување на процедурите за известување и плаќање на персонален данок на доход за физички лица“, финансиран од ИПА-фондовите. Имено, се предлага исплатувачите на приходите, преку електронски систем до Управата за јавни приходи, да доставуваат пресметка на аконтациите на данокот на доход кои треба да ги платат при исплата на приходите на граѓаните. Управата за јавни приходи ќе врши контрола на точноста на пресметката на персоналниот данок на доход пред исплатата на приходот, ќе ги генерира налозите за плаќање на данокот и по електронски пат ќе ги доставува до носителите на платен промет. Исто така, се предлага Управата за јавни приходи врз основа на податоците со кои располага за остварените приходи на даночните обврзници и пресметаниот данок,  да изготвува пополнета годишна даночна пријава за секој даночен обврзник. Обврската на даночниот обврзник ќе биде само да ја потврди или коригира пополнетата годишна даночна пријава“, се вели во законското образложение.

Предложените измени и дополнувања, појаснуваат од Министерството за финансии, ги содржат следниве решенија:

–  дефинирање на приходите од продажба на сопствени земјоделски производи како посебна категорија приходи кои подлежат на обврската за плаќање на персонален данок на доход и оданочување на овие приходи по одбивка;

– доуредување на одредбата од Законот во која се наведени видовите примања на кои не се плаќа персоналниот данок на доход;

– пропишување обврска за исплатувачот на приходите, пред секоја исплата, по електронски пат до Управата за јавни приходи да поднесе пресметка (пресметка по лица-приматели на приходи за бруто-износот на приходите, пресметаниот персонален данок на доход и нето-износот на приходи), врз основа на која Управата за јавни приходи ќе генерира налог за плаќање на персоналниот данок на доход;

– пропишување обврска за Управата за јавни приходи да изготви пополнета  годишна даночна пријава за секој даночен обврзник и да ја достави до обврзникот најдоцна до 30 април наредната година;

– пропишување обврска за даночниот обврзник да ја потврди или коригира пополнетата годишна даночна пријава најдоцна до 31 мај;

– укинување на обврската за исплатувачите на приходи за поднесување на годишни извештаи за исплатените приходи и данок во годината;

– доуредување на видовите капитални добивки кои се ослободени од плаќање на персонален данок на доход;

– уредување на начинот на пресметување на месечните аконтации за обврзниците кои за првпат ќе започнат да остваруваат приходи од вршење на самостојна дејност;

– допрецизирање на употребената терминологија и начинот на користење на правото за намалување на пресметаниот данок за набавените фискални апарати;

– доуредување на законските одредби поврзани со „другите приходи“, како еден од видовите приходи кои подлежат на оданочување; и

–  доуредување  на законските одредби во делот на роковите за плаќање на утврдениот данок.

Tекстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход.

М.В