/ Прочитано:

1.282

Предлози и препораки на Хелсиншкиот комитет за правосудството

По објавен повик до граѓанскиот сектор за придонес во подготвувањето на Програмата за работа на Владата на Република Македонија за 2018 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ достави документ кој ги содржи предлозите и препораките за областите во кои Хелсиншкиот комитет активно работи, и тоа за следниве области: бесплатна правна помош, правосудство, социјална заштита, образование, здравствена заштита, бегалци, баратели на азил и мигранти, говор на омраза, дела од омраза и заштита на правата на ЛГБТИ. Дадените предлози и препораки се темелат врз спроведени истражувања и изготвени анализи по одделните области, кои се приложени кон документот. Документот со предлозите доставени до Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија е достапен на следниов линк.

Правосудство. Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека владината програма треба да биде изготвена на начин што ќе ги вклучи клучните сугестии на граѓанските организации содржани во „Предлогот за итни демократски реформи“. Во насока на реформите во правосудството, Комитетот ги дава следниве препораки:

  1. Зајакнување на стабилноста и воедначеноста на судската практика преку овозможување на Врховниот суд на Република Македонија да ја исполнува својата уставна надлежност – обезбедување единствена примена на законите
  2. Да се воведе можност граѓаните и другите правни субјекти да покренуваат иницијативи за преиспитување на неусогласеноста на судската практика пред Одделот за судска практика на Врховниот суд
  3. Воспоставување практика на цитирање веќе утврдена судска практика од Европскиот суд за човековите права, Врховниот суд на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, како и од повисоките судови
  4. Воспоставување практика за задолжително давање можност на Врховниот суд да дава мислења по предлози на закони од значење за работата на судовите
  5. Да се изврши проценка на оптималноста на постојната судска мрежа, како и на оптималноста на бројот и видот судски службеници, водејќи сметка за почитување на пристапот до правда на граѓаните, но и за потребата од рационализација на мрежата и изедначување на судската норма
  6. Воспоставување нов систем за менаџирање со судовите во насока на зголемена економичност, ефикасност и квалитет на правдата
  7. Воспоставување објективни и мерливи критериуми за утврдување на одговорност на судиите и јавните обвинители, плурализација на санкциите, разрешување само за потешки и континуирани дисциплински повреди
  8. Воведување правна заштита во постапувањето на ССРМ и СЈОРМ
  9. Разработка на прецизна методологија за мерење на квалитетот на правдата, во рамки на транспарентен процес, со вклученост на граѓанскиот сектор и академската заедница
  10. Преиспитување на потребата од постоење на четири апелациски судови со можност за спојување на нивните надлежности во еден апелациски суд – пред сè, поради несразмерноста на обемот на судски предмети и работа на Апелациониот суд во Скопје со другите три, како и поради ефективност, ефикасност и правна сигурност
  11. Преиспитување на потребата од постоење на Вишиот управен суд, односно обезбедување право на жалба на граѓаните пред жалбен совет во рамките на Управниот суд или воспоставување надлежност за вонредни правни лекови на Врховниот суд
  12. Воспоставување механизам и практика за мерење на перформансите на работата на судовите – преку мерење на перцепцијата на работата на судиите, судската администрација, Судскиот совет, Академијата за судии и јавни обвинители итн.
  13. Воспоставување нов модел на Судскиот совет во насока на де-професионализација на функцијата член на Судскиот совет, така што членовите од редот на судиите да продолжат да ја извршуваат судиската функција, додека членовите од редот на истакнати правници да продолжат да ја извршуваат својата професија, а со одреден процент од работното време да ја вршат функцијата – членови на Судскиот совет, како преиспитување на составот и траењето на мандатите на членовите на Судскиот совет
  14. Ревидирање на моделот на избор на судии и јавни обвинители, во насока на проширување на можноста освен од редот на кандидатите од Академијата за судии и јавни обвинители судиите и обвинителите да се избираат и од редот на адвокати, јавни обвинители, нотари, извршители, државни правобранители, вработени во Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП, универзитетски професори, поранешни судии и правници во ЕСЧП и други регионални меѓународни судови и други претставници од правосудството, според критериуми и начин детално утврдени со закон
  15. Доследна примена на Законот за судски буџет преку обезбедување на законски утврдениот процент од БДП
  16. Зголемување на платите на судиите и стручните соработници сразмерно на процентот утврден со Законот за судски буџет
  17. Зголемена транспарентност на постапката за избор, оценување и разрешување на судиите и можност за реакција, односно поднесување правен лек против одлуката донесена од страна на Судскиот совет
  18. Натамошно продолжување на надлежноста на Специјалното јавно обвинителство, по спроведено детално ревидирање на неговиот статус со можност за евентуално присоединување како посебен оддел во рамките на ЈОРМ или, пак, целосно задржување на неговиот досегашен, самостоен статус
  19. Отпочнување сеопфатен процес за евалуација за утврдување на достигнувањата и слабостите на Академијата и да се предвиди подобрување или промена на системот за почетна или континуирана обука
  20. Преземање мерки во насока на јакнење на финансиската и функционалната независност на Народниот правобранител од извршната власт, кадровско зајакнување на средишната и регионалните канцеларии и/или преиспитување, односно рационализација на мрежата на регионални канцеларии, како и да се осигури дека државните органи како и единиците на локалната самоуправа постапуваат во согласност со препораките на Народниот правобранител
  21. Вклучување на граѓанските организации во работата на одделите за стратешко планирање во сите правосудни органи, почнувајќи од Врховниот суд на Република Македонија, Судскиот совет, Јавно-обвинителски совет, Министерството за правда и други
  22. Целосно усогласување на ЗКП со другите релевантни закони, особено со Законот за Јавното обвинителство
  23. Формирање истражни центри на Јавното обвинителство во согласност со членот 45 од ЗКП, како и воспоставување систем за комуникација и вмрежување на податоците помеѓу јавните обвинителства и другите органи на истрагата, како што се царината, полицијата и финансиската полиција
  24. Целосно реформирање на системот на бесплатна правна помош, меѓу другото и преку усвојување на целосно нов закон кој ја регулира оваа материја, а во согласност со меѓународните стандарди и соодветните препораки
  25. Менување на практиката на Управниот суд во насока на одржување усна расправа, секогаш кога е тоа навистина неопходно, а на линија на доследна примена на соодветната одредба од Законот за управните спорови, како конечно вршење на полна јурисдикција на Управниот суд
  26. Исклучување на можноста државни органи кои се јавуваат како тужени органи во Управен спор да поднесуваат жалба против одлуки на Управниот суд – со ова ќе се уважи уставното право на жалба на граѓаните и ќе се намали можноста за интервенционизам од страна на извршната власт, во случаи кога Управниот суд ќе донесе одлука која не е во согласност со нејзините политики
  27. Воспоставување ефикасен механизам за ефективно извршување на одлуките на управните судови
  28. Реформа на парничната област во насока на унапредување на можноста за алтернативно решавање на споровите по пат на медијација
  29. Воведување на уставната жалба како механизам за заштита на слободите и правата загарантирани со Уставот и со Европската конвенција за човековите права и последен филтер пред поднесување на тужба (апликација) против државата пред ЕСЧП
  30. Унапредување на процесот на извршување на пресудите на ЕСЧП донесени во однос на Република Македонија преку зголемена одговорност и отчетност на министерот за правда, како претседавач на Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на ЕСЧП
  31. Воспоставување советодавно тело составено од претставници на правосудните институции и професии и правните факултети, кое ќе има за цел да придонесе за подобрување на квалитетот на студиските програми за правни студии, во контекст на специфичните потреби на правосудните институции и професии, како и во однос на одредувањето на бројот на слободни студиски места
  32. Воспоставување соодветни критериуми заради подигање на квалитетот на наставата на високообразовните институции акредитирани за организирање на правни студии.

М.В