/ Прочитано:

3.392

Предлози за надминување на пресметковната неусогласеност за бројот на корисници кои се или не се приклучени на централно градско греење

Работејќи подолг период на правната проблематика со никогаш неприклучените сопственици на станови на системот на централно парно греење, од гледна точка на адвокат, можам да увидам дека овој проблем не е ни малку лесен и едноставен.

Според Законот за енергетика, како и неговите измени и дополнувања, на сите енергетски компании им е дадена законска можност да вршат увид, корекции и соодветно приспособување на базите на податоци со кои располагаат. Ова нивно право дополнително го потврдува и Кривичниот законик на РМ, кој од своја страна го зајакнува ова нивно право. Но, вака поставеното право е и нивна обврска.

За какво право и обврска се работи?

Базите на податоци кои се водат во енергетските компании се променлива категорија. Тие зависат од повеќе фактори, како што се нововоспоставените линии на снабдување, новите приклучени корисници на системите за снабдување со енергија, исклучувањето на дел од постојните корисници и слично. Сето ова треба да бидат соодветно и редовно ажурирано.

Најголем проблем се јавува во оној момент кога на пазарот со енергенси се повлекува една компанија и на нејзино место стапува друга. Во таков случај, во согласност со Законот за заштита на личните податоци, се врши соодветен трансфер на овие бази на податоци од првата енергетска компанија кон втората која стапува на нејзиното место.

До тука сѐ е во ред. Проблемот настанува во моментот кога доставените бази на податоци се нецелосни, или пак некои делови од нив се случајно или намерно изоставени. Такви примери имам сретнато во моето работење со енергетските компании.

Во еден таков експлицитен случај, каде што како тужен се јавува сопственик на стан во стара станбена зграда во Центар, кој се има исклучено од системот, наеднаш почнуваат да му пристигаат сметки кои во голем дел го надминувале износот кој претходно бил наплатуван по основ на фиксен надоместок за ангажирана моќност. Работејќи на предметите и при приемот на доказите од страна на тужителот, констатиравме дека недостасуваат дури 2 (два) стана кои воопшто не им се водат во системот за наплата на фактури! Загриженоста на мојот клиент се покажа како оправдана, поради разликата на грејната површина од најмалку 165 м2 од доставените фактури за топлина до вистинската фактичка состојба на самото место.

Во друг случај, во станбена зграда во Карпош на сметките кои се доставувани до сопственик на стан кој воопшто не е приклучен на системот на централно греење, му се доставуваат сметки каде што 58 стана се наведени во графата на вкупен број потрошувачи на топлинска енергија. За волја на вистината, вкупниот број станови во станбената зграда е 76 стана, при што два од нив се споени. Во овој случај, непресметувањето на потрошена топлинска енергија за приклучени, исклучени и неприклучени сопственици на станови се разликува за цели 18 станови!

Вака презентираните примери можат лесно да се увидат и од самата документација која во соодветните судски постапки е доставена од страна на адвокатите на тужителот. Во нивните евиденциски листови јасно постои оваа пресметковна неусогласеност. Таа неусогласеност е јасно забележлива кога ќе се изврши споредба помеѓу бројот на евидентирани станбени единици од Изводот за потрошувачи на мерно место кој го издава РЕ за анализа, прием и контрола на корисници и квалитет на услуги при тужителот и бројот на потрошувачи наведени во доставените фактури.

Постојат и други неусогласености за станбени згради во кулите во Градски ѕид во Скопје или постарите згради во Аеродром, но тука разликата е за еден до три неевидентирани станови во самата пресметка. Проблемот со старите згради изградени во Аеродром е поголем поради доградбите и надградбите кои ги има на веќе постојните згради. Овие доградби и надградби дополнително ја зголемуваат грејната површина на самите станови, што од своја страна значи и зголемена корисна површина за загревање која треба да биде поделена помеѓу истиот број сопственици на станови.

Предлози за надминување на оваа неусогласеност

Во конкретната ситуација, проблемот е многу чист и јасен – сите неевидентирани станови кои според општите законски норми се сметаат за потрошувачи треба да влезат во системот за наплата на топлинска енергија.

Со ваквото целосно внесување на сите станови во пресметковната евиденција, ќе се надмине проблемот во делот на неправилното наплаќање на топлинската енергија, која според Правилата за снабдување со топлина, треба да биде поделена според соодветно утврдената грејна површина на сите станови кои се потрошувачи во системот. Исклучок од ова правило, според мене, се сите оние сопственици на станови кои никогаш не ни биле приклучени на системот за снабдување со топлина. А да биде проблемот поголем, во зградата во Карпош не се евидентирани дел од оние станови кои се приклучени или исклучени корисници на парно греење додека се допишани оние сопственици на станови кои никогаш не се ни приклучиле на системот на градско парно!

Доколку деловната политика на компанијата за снабдување со топлина е да се евидентираат сите потрошувачи на топлина на територијата на Град Скопје, тогаш нивната Служба за наплата на потрошувачите треба да изврши дополнителни проверки во согласност со нивните законски надлежности и да ги евидентира сите потрошувачи кои ги користат нивните услуги.

Со вака спроведената операција, ќе се воведе праведност во системот на наплата на фактурите за потрошена топлина, компанијата нема да има загуби на профит поради неевидентирани корисници, како и фактот дека самите сметки за потрошена топлинска енергија за граѓаните драстично ќе се намалат.

Во делот на судските постапки кои се веќе правосилно завршени или се во тек, предлагам тужителот да ги согледа своите очигледни грешки во наплатата на побарувањата, да ги повлече тужбите и да изработи нови, изменети фактури за наплата на овие трошоци. Дополнително, со воведување на новите потрошувачи во системот, ненаплатените фактури ќе можат да ги намират од новоевидентираните корисници кои досега немаат извршено никаква уплата за топлинската енергија која поминува низ нивните станови.

Само со правилна примена на законските прописи и овластувања, ќе се избегнат неоснованите судски постапки против граѓаните и дополнително ќе се осигури уставното начело на владеење на правото.

 Адвокат

Владимир Кацарски