/ Прочитано:

1.232

Предлози за законски измени за похуман третман на животните

Здружението „Анима мунди“, поддржано од здруженијата за заштита на животни ЕДЕН (Скопје), Мали херои (Битола), Гласот за животните (Велес), Анималиа (Охрид), Анимал ворлд (Струга), Втора шанса (Кочани), Спаси живот (Штип), Срце за животните (Кавадарци) и Прифатилиштето за мачки (Скопје) во пресрет на парламентарните избори со кои ќе се дефинира нова четиригодишна агенда, истакнува неколку предлози и барања за подобрување на состојбата на животните, а во насока на заштитата и остварувањето на нивните права.

akad 4

Унапредување на Законот за заштита и благосостојба на животните, во поглед на животните користени за експериментирање, животните од фармите, како и да се донесе забрана за ритуалното колење.

Унапредување на Законот за заштита и благосостојба на животните во однос на третманот на бездомните животни и воведување на законска забрана за еутаназија (освен на неизлечливо болни единки), затоа што непостоењето на децидна забрана дава можност за произволност, нехуманост и масовно усмртување, што во Република Македонија се испостави како практика. За решавање на проблемот со прекумерната бројност на бездомните кучиња ќе се применува исклучиво стратегијата на масовна стерилизација (во светот позната како залови – стерилизирај – врати) заедно со низа други мерки кои подразбираат одговорно сопствеништво на миленици и контролирана трговија со истите.

Позитивна национална кампања во соработка со здруженијата за заштита на животни и нивно инволвирање во управувањето и работењето на стационарите за животни во РМ.

Континуирани програмиза промоција на концептот на одговорно сопствеништво, важноста од стерилизација, вакцинација, идентификација и регистрација на домашните миленици. Со ова  ќе се превенира неконтролираното раѓање на нови единки и ќе се намали  бројот на кучиња и мачки кои сопствениците ги произведуваат, односно неконтролирано ги размножуваат, а од кои најголем дел завршуваат на улица, а потоа се убиваат како мерка за запирање на нивната прекубројност.

Согласно со европските најуспешни практики предлагаме оданочување на оние што продаваат миленици и кои неконтролирано ги размножуваат, оданочување на сопствениците кои купиле миленик и го чуваат некастриран/нестерилизиран,  а  ослободување од данок за  оние кои ќе вдомат миленик затоа што помагаат во заедницата да се намали бројноста на бездомни животни и привилегии за сите кои ги стерилизираат сопствените миленици.

Собраните средства од оданочувањето на невдомените неојаловени миленици да бидат наменети за заштита, лекување, стерилизација/кастрација на бездомни животни и субвенционирање на кастрации/стерилизации за сопствениците кои ќе вдомат бездомно животно.

Во рамки на Законот за заштита и благосостојба на животните бараме да се даде можност за оформување/авторизирање на посебна служба, т.н. служба за заштита на животните која би  се  занимавала  со едукација на населението, потоа превенција, евиденција, санкција за  малтретирање, занемарување и напуштање на животните.

Со  оглед  на  постојната состојба, под  покровителство  на  Министерство  за  земјоделство, шумарство и водостопанство, ќе се овозможи авторизирање на ваква специјализирана служба која произлегува од граѓанскиот сектор, т.е. од здруженијата за заштита на животни кои имаат адекватни човечки  ресурси, постојат успешно и во континуитет дејствуваат и се пасионирани да дејствуваат и понатаму во овој домен, исто  така,  добро  го  познаваат  законот и се испоставило дека само тие вршат истраги на случаи на насилство врз животните и истото го пријавуваат.

Бараме најстрого да се ограничи и да се контролира слободната продажба на високотоксични материи, кои се злоупотребуваат за труење на животни и со чија примена силно се загрозува и безбедноста на граѓаните.

Бараме да се адаптираат/изградат адекватни паркови за шетање на миленици и дружење на граѓаните, љубители на животни.

Да се овозможи простор за пог­ре­бу­ва­ње до­маш­ни ми­ле­ни­ции на тој начин да бидат помогнати сите оние граѓани кои го загубиле својот миленик.

Бараме конечно да биде надминат проблемот со злоупотреба  и суровост врз коњите во урбани средини преку спроведување на повеќе чекори: одземање на оние коњи кои ќе се проценат како изнемоштени, стари, болни, повредени и нивно сместување во наменски живеалишта (прва фаза) и одземање и сместување на сите останати коњи (втора фаза) со  обесштетување на лицата кои го користеле коњот како превозно средство со соодветни превозни средства, кои ќе одговараат за непречено движење во градот и ќе го помогнат/унапредат нивното живеење и нивната работа во селектирањето на отпадот.

Унапредување на спроведувањето на член 233 (Мачење животни) од Кривичниотзаконик на РМ. Задолжително е да стане практика сторителите на кривични дела кои резултирале со мачење и/или убиство и/или каква било друга форма на злоупотреба на животно да бидат соодветно казнети.

Во време кога во глобални рамки е ставен фокусот врз важноста од зачувување на екосистемите, водата за пиење, обработливата почва и генерално природните ресурси и уникатните природни богатства со кои располага секое национално подрачје, бараме промени во аграрната политика на Р Македонија, односно запирање на субвенционирањето, а со тоа и поттикнувањето на сточарството и индустриското фармерство, а во интерес на поттикнување и субвенционирање на еколошко земјоделство и производство на растителни култури. Сточарството е екстремен загадувач на околината и неодржлива производствена гранка.

Ловот да биде препознаен како бескрупулозна форма на насилство врз животните, но и насилство и узурпација на природата, човекот, екосистемот во целост. Од ловот не страдаат само животните. Ловот го негува култот кон оружјето и дава директна можност насилството врз животните директно да ескалира врз луѓето. Конечно, бројни научни истражувања, психолошки, социолошки студии потврдуваат дека индивидуи на кои им претставува задоволство да убијат друго живо битие, се потенцијални насилници и кон луѓето. Такви примери се потврдени и во Република Македонија. Од тие причини бараме најстроги санкции за криволов, забрана за лов во национални паркови, како и забрана за издавање дозволи за формирање нови ловишта во РМ.

Бараме да се започне процес на затворање на зоолошките градини во Р Македонија. Зоолошките градини се непрофитабилни, скапи, несоодветни и неповолни, декадентни и неетички, како за едукација така и за забава.

Целата програма може да се преземе од следниот линк.

АДВОКАТ НАТАЛИЈА РАДИВОЈЕВИЌ-МИЛЕНКОВА: Создавањето на Служба за заштита и контрола на животните мора да биде што поскоро регулирано

Активистите за правата на животните со забелешки за најавените измени на Законот за заштита и благосостојба на животните

М.В