/ Прочитано:

4.125

Предучилишното воспитание клучно за правилниот развојот на децата

Родителското право го вршат родителите заедно во согласност со потребите и интересите на децата и интересите на општествената заедница. Во оваа насока, семејството е основната средина во која треба да се обезбедат оптимални услови за правилен раст и развој на детето, но, како што денеска истакна министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, дополнително на ова, на децата мора да им се обезбеди квалитетно образование.

Развојот на критичкото мислење, на самодовербата, на способноста за пресретнување на проблемите и на капацитетот за воспоставување релации со останатите лица во околината, се вештини кои се создаваат уште во најраниот период на детскиот развој, а за сето тоа е потребно квалитетно образование на децата уште од најрана возраст.

Во согласност со членот 8 од Законот за семејство, родителите спрема своите деца имаат еднакви права и должности. Односите на родителите и децата се засноваат на права и должности на родителите да се грижат за подигање, чување, воспитание и образование на своите деца и да ги развиваат нивните работни способности и навики. Родителското право го вршат родителите заедно во согласност со потребите и интересите на децата и интересите на општествената заедница. Во оваа насока, семејството е основната средина во која треба да се обезбедат оптимални услови за правилен раст и развој на детето, но, како што денеска истакна министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, дополнително на ова, на децата мора да им се обезбеди квалитетно образование.

„Потребно е зголемување на капацитетите за згрижување деца од предучилишна возраст. Токму затоа, во изминатите години посветивме големо внимание на отворање нови установи за згрижување и воспитание на децата. Потребата од нови градинки се зголеми со процесот на намалување на невработеноста, па така сè повеќе има семејства каде што и двајцата родители имаат работа и постои потреба да го згрижат детето во градинка. Но, капацитетот на овие установи е ограничен поради тоа што вакви објекти не се градат веќе со децении. Практично имавме децениска стагнација на овој план, како во деведесеттите така и во првите години од минатата деценија. Речиси сите градинки до 2006 година беа изградени во времето на поранешната Југославија и функционираа во согласност со законските и подзаконските акти од тој период“, истакна министерот Ибрахими на конференцијата посветена на состојбите во предучилишното воспитание.

Инаку, како што истакна Ибрахими, од 2006 година, па досега, бројот на деца во предучилишните установи е зголемен за повеќе од три пати.

„Во изминатиов период се поттикнуваше и финансиски се помагаше отворањето на приватни градинки. Поволностите се однесуваат на продажба на градежно земјиште по почетна цена од 1 евро за метар квадратен, намалување на цената на комуналните такси за изградба на градинки за 95 проценти, кредитирање преку Македонската банка за поддршка на развојот, Агенцијата за поттикнување на претприемништво и Агенцијата за вработување на Македонија, доделување на неповратни средства, грантови во висина од 600 000 денари“, рече Ибрахими.

При претставување на новата сеопфатна Стратегија во образованието, министерот за образование и наука, Пиштар Лутфиу, нагласи дека имплементирањето на Стратегијата ќе придонесе кон зајакнување на социјалната кохезија.

„Лично верувам дека предучилишното образование и обезбедувањето на поттикнувачка средина за најмладата популација се дел од начините да се зајакне социјалната кохезија и да се придонесе кон поконкурентно општество засновано врз знаење“, истакна Лутфиу.

Во наредниот период, нагласи Лутфиу, ќе се преземаат активности кои ќе бидат насочени кон остварување на приоритетите и очекуваните резултати предвидени во Стратегијата за образование 2017–2020.

„Првенствено ќе се работи на подобрување на содржината, условите за учење и квалитетот на предучилишното образование, зголемување на опфатот на децата и подобрување на инклузивноста во предучилишното образование. Исто така, ќе се посвети посебно внимание на подобрување на капацитетите на човечките ресурси во предучилишните установи и на подобрување на законодавството, организацијата и управувањето со предучилишното образование“, рече министерот Лутфиу.

А. Б.