/ Прочитано:

1.141

Предвремени избори и специјален обвинител за снимените разговори

Среда, 15 јули 2015 – Предвремени избори, нова влада, заменици-министри со право на вето, специјален обвинител за снимените разговори се дел од Договорот за решавање на политичката криза, кој доцна синоќа го постигнаа партиските лидери.

Што предвидува Договорот?

Во Договорот е предвидено СДСМ да се врати во Собранието на 1 септември оваа година, како што е предвидено во вториот параграф од членот 6, од Договорот од 2 јуни. Следниот месец, на 20 октомври, ќе се изберат нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, кои ќе бидат предложени од страна на  СДСМ. Новиот министер за внатрешни работи ќе биде избран по консултации со ВМРО-ДПМНЕ и со ДУИ.

Исто така,  на 20 октомври ќе бидат избрани нови заменици-министри: за Министерството за внатрешни работи, заменик-министер предложен од ВМРО-ДПМНЕ, за труд и социјална политика, предложен од ВМРО-ДПМНЕ, за финансии, предложен од СДСМ, за земјоделство, водостопанство и шумарство, предложен од СДСМ и за информатичко општество, предложен од СДСМ.

Според договореното, замениците-министри ќе имаат право на надзор и ќе имаат право да ставаат вето на сите правни, финансиски или кадровски одлуки кои се во врска со организацијата на изборите.

Сегашната влада ќе поднесе оставка во Собранието на Република Македонија во време кое е доволно да се овозможи новата влада да положи заклетва на 15 јануари 2016 година, 100 дена пред парламентарните избори што треба да се одржат на 24 април 2016 година. Ова правило ќе биде применето на изборите во април, по усвојувањето на неопходните законски измени, и ќе се применува и за идни избори.

Новата влада ќе биде предводена од премиер предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а нејзината програма ќе биде ограничена на организација на предвремените парламентарни избори.

Груевски: Политичката криза е решена

Според премиерот Никола Груевски, политичката криза е решена и задоволен е од договореното, со што остануваат отворени европските перспективи за земјата

„Правеа напори да нема избори во април затоа што се свесни дека ќе ги загубат. Денес СДСМ беше приклештена да не може да избега од избори. ВМРО-ДПМНЕ не им остави ни најмал простор да избегаат од изборите. ВМРО-ДПМНЕ и јас како нејзин претседател, како и секогаш досега, интересите на држава и народот ги ставивме пред личните и партиските“, вели  Груевски.

Заев: Граѓаните на фер избори ќе изберат нова власт

Од постигнатиот договор задоволен е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој истакна дека се потврдило сето она што неговата партија и коалициските партнери го посочиле во проектот „Вистината за Македонија“. 

„На 24 април 2016 година ќе се одржат предвремени парламентарни избори што ги бараше опозицијата, на коишто граѓаните на Македонија на слободни, фер и демократски избори ќе ја изберат новата власт“, вели Заев. 

Нов специјален јавен обвинител

Како што се предвидува во Договорот, во согласност со договорните страни, до 15 септември 2015 година ќе се именува специјален обвинител. Специјалниот јавен обвинител  ќе има со целосна автономија да ги води истражните дела во врска со објавувањето на снимените разговори.

Јавниот обвинител, во врска со делот од Договорот за именување специјален јавен обвинител за снимените разговори, нема коментар.

„Немам коментар. Сѐ уште го немам погледнато Договорот и немам коментар за тоа што било договорено. Не знам за што точно се работи“, вели Зврлевски.

 М. В.