/ Прочитано:

601

Преку дијалог и транспарентност до реалната пазарна вредност на авторските права

Стопанската комора на Македонија преку Здружението на угостителството и туризмот и Здружението на информатичко-комуникациските технологии, во соработка со Американската стопанска комора во Македонија, подржана од твининг-проектот на ЕУ „Зајакнување на заштитата на правата од интелектуална сопственост”, информираше за заклучните согледувања од страна на бизнис-заедницата кои беа усвоени по Тркалезната маса на тема „Реалната пазарна вредност на авторските права”.

slika

„Во дискусијата на тркалезната маса беа вклучени повеќе од  40 учесници, претставници на бизнис-секторот кои плаќаат високи цени за користење на авторски права, институции, правни застапници, здруженија, застапници на специфични видови сродни права, како и претставници на Министерството за култура од секторот за авторското право и сродните права, меѓународни експерти и претставници на дипломатскиот кор, информираше Даниела Михајловска-Василевска од Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија. На тркалезната маса, претставниците на бизнис-секторот ја потврдија својата одлуката дека треба да се плаќа надомест за авторското право и сродните права, во насока на негување на авторските дела, но при тоа се забележува на висината на трошоците кои ги имаат во врска со оваа обврска и бараат изработка на Правилник со тарифа за користење авторски музички дела, кој ќе обезбеди соодветен надомест за авторите, од една страна, и економски одржливи трошоци за другата страна“, вели Даниела Михајловска-Василевска од Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Во таа насока, додава Михајловска-Василевска, со цел да се направи паралела и согледување дали се реални трошоците во согласност со висината и методологијата по која се утврдуваат, и како е тоа дефинирано во други земји слични по одредени карактеристики на нашата, беше организирана и тркалезна маса на која учествуваа меѓународни експерти од Ерменија, од Полска и од Србија.

Според дискусијата, меѓународните експерти потврдиле дека процесот на поставување тарифи се соочувал, а некаде и се уште сè соочува, со слични или идентични проблеми.

Во Ерменија, Здружението за заштита на авторски музички права е непрофитна организација и сите средства кои ќе се соберат мора и да им се распределат на авторите. Системот на колективно управување со авторските права во Ерменија е релативно нов, од пред десетина години, но сепак го приспособиле на вкупниот деловен амбиент на функционирање на општеството. Во Србија, постојат повеќе од десетина здруженија за заштита на авторски музички права, но секој со посебни ингеренции во делот на обезбедување наплата од корисниците.  Клучен акцент се става на системот на преговарање, но многу повеќе и на транспарентноста на самиот процес, имајќи предвид дека станува збор за здруженија кои имаат јавни овластувања од државата и кои во име на авторите и уметниците прибираат средства од компании претставници на повеќе дејности.

Во Полска, постојат повеќе здруженија за заштита на авторските права, а правните субјекти имаат право на избор со кое од нив ќе склучат договор. Но и овој модел покажува слабости од аспект на докажување на компетентноста кое здружение треба да има право да наплатува од корисниците. Како и да е, во суштината на целиот процес клучен акцент се става на сегментот на преговарање.

Во таа насока, а имајќи го предвид фактот дека процесот на преговарањето кога се случува само како резултат на добра волја на двете страни, без оглед за која земја и да станува збор, многу често е долг процес без позитивен исход, Европската Унија ја пропишала Директивата за колективно остварување на авторското право, која е обврзувачка за сите членки на Унијата и, во согласност со Директивата, процесот на дефинирање на реалната пазарна вредност на авторските права треба да биде резултат на претходно реализирани преговори меѓу засегнатите страни, врз основа на издржани аргументи,  со цел да се дојде до вредност која ќе биде прифатлива за двете страни.

Благој Христов, претседател на Здружението на информатичко-комуникациските технологии при Стопанската комора на Македонија, истакнува дека по обемната дискусија, на крајот на тркалезната маса биле донесени заклучни согледувања од страна на бизнис-заедницата.

  1. Транспарентност во процесот на утврдување на обврските врз основа на авторските права, обврска што за земјите членки од Европската Унија е веќе дефинирана и е во согласност со постојната Директива за колективно остварување на авторското право.
  2. Континуирана информираност од страна на Здружението за заштита на авторски музички права за што се трошат парите, кој ги собира од правните субјекти, во согласност со законската обврска, кои сè правни субјекти плаќаат.
  3. Да постои процес на преговарање и дијалог на засегнатите страни со Здружението за заштита на авторски музички права, но при тоа процесот да има утврдени рокови во кои треба да се најде решение на одредени проблеми. По тие рокови, да постои јасно дефинирана постапка како ќе бидат надминати проблемите.
  4. Да постои соодветна методологија за пресметка и за утврдување на висината на тарифите, предвидени во Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела, која ќе ги земе предвид и економските параметри, односно висината ќе зависи и од економскиот амбиент во државата.
  5. Претставник од бизнис-секторот да биде дел од Управниот одбор на Здружението за заштита на авторски музички права со цел да даде реален придонес во утврдувањето на висината на тарифите и моделот по кој се утврдуваат.

М.В