/ Прочитано:

1.609

Премиерот Заев: Ќе ги промениме состојбите во затворите согласно препораките

„Нам ни се исклучително важни стандардите на Советот на Европа во однос на човековите права и оваа Влада нема да направи ништо за да ги наруши. Но, нам исто толку ни се важни реформите поради нас, поради нашите граѓани“, рече премиерот Заев на средбата со претставници на Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа. Делегацијата од овој Комитет беше запознаена со сите активности што досега ги презеде Владата за реформи во сите одделни сегменти на системот за спроведување истраги, на мерката притвор, како и на судските процеси и во делот на извршување на затворските санкции, во кои досега се констатирани забелешки за тортура, злоупотреба на овластувања и нехуман однос на претставниците на институциите кон осомничените или осудените лица.

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министрите за внатрешни работи и за правда, Оливер Спасовски и Билен Саљији, како и со заменик министерот за правда Оливер Ристовски и директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ оствари средба со претставници на Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа.

Тие ги запознаа претставниците од овој Комитет со сите активности што досега ги презеде Владата за реформи во сите одделни сегменти на системот за спроведување истраги, на мерката притвор, како и на судските процеси и во делот на извршување на затворските санкции, во кои досега се констатирани забелешки за тортура, злоупотреба на овластувања и нехуман однос на претставниците на институциите кон осомничените или осудените лица.

Делегацијата на Комитетот за превенција од тортура беше предводена од претседателот на ова тело, Микола Гњатовскиј, кој беше придружуван од раководителот на еден од секторите во ова тело на Советот на Европа, Хју Четвинд.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ги информираше членовите на Комитетот за превенција од тортура дека неговата неодамнешна посета на најголемата казнено-поправна установа во земјата, затворот „Идризово“, била поттикната од желбата на самото место да се запознае со сите сериозни забелешки за условите и третманот на затворениците што ги констатираа и на кои предупредуваат со години наназад домашните и меѓународните организации што ги мониторираат овие области.

„Во соработка со институциите надлежни за оваа сфера и особено со граѓанските организации и независните институции за човековите права, какви што се Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човековите права, ги поставивме приоритетите и роковите. За некои од нив се договоривме да ги решиме уште во првите шест месеци од нашиот ‘План 3-6-9’, и ние нема да отстапиме од овие одредници“, нагласи премиерот Заев на средбата, нагласувајќи дека Владата на Република Македонија и надлежните мнистерства и управи ги имаат предвид и препораките од извештаите на ова тело на Советот на Европа.

Претседателот на Комитетот, Микола Гњатовскиј, на средбата изрази задоволство за преземените позитивни чекори и мерки за промени во истражните и затворските постапки и процедури во Република Македонија.

„Гледаме дека имате јасна претстава што ви претстои и што треба да се направи. За нас во Комитетот во Стразбур е многу важно да воспоставиме и да ги одржуваме отворениот дијалог и соработка за овие прашања“, нагласи претседателот на Комитетот за превенција од тортура.

Гњатовскиј ги информираше премиерот, министрите и другите претставници на средбата дека поради односот на претходната влада, Република Македонија во март оваа година била соочена со можноста да добие таканаречена „јавна изјава“, која по препорака на Комитетот ја испорачува Советот на Европа на земјите што одбиваат да соработуваат или континуирано одбиваат да ги имплеменираат препораките на ова тело, со што се ставаат во редот на земјите што не ги почитуваат човековите права. Ваква „јавна изјава“ досега им била испорачана на 7 европски земји.

„Нам ни се исклучително важни стандардите на Советот на Европа во однос на човековите права и оваа Влада нема да направи ништо за да ги наруши. Но, нам исто толку ни се важни овие реформи поради нас, поради нашите граѓани“, рече Заев.

Средбата на премиерот Заев и на владините министри за внатрешни работи и за правда се остварува како редовна практика на Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа, пред објавување на редовниот годишен извештај кој оваа година се очекува во ноември.

А. Б.