/ Прочитано:

2.145

Премиерот Зоран Заев го претстави Планот 3-6-9: Реформски документ за приближување на РМ до евроатлантските интеграции

Планот 3-6-9 отвора перспективи на Република Македонија и на граѓаните кон Европската Унија и кон НАТО, кој значително ќе го подигне квалитетот на живот во државата, изјави денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев. Овој реформски документ, како што нагласи тој, е значаен за иднината на Македонија, појаснувајќи притоа дека Планот 3-6-9 ги означува мерките и активностите што треба да се спроведат во наредните три, шест и девет месеци за придвижување на евроинтегративниот процес.

Владата на Република Македонија го прави првиот чекор за сериозен пробив кон евроатлантските интеграции, по големиот долгогодишен застој на државата. Планот 3-6-9 отвора перспективи на Република Македонија и на граѓаните кон Европската Унија и кон НАТО, кој значително ќе го подигне квалитетот на живот во државата, изјави денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев.

Овој реформски документ, како што нагласи тој, е значаен за иднината на Македонија, појаснувајќи притоа дека Планот 3-6-9 ги означува мерките и активностите што треба да се спроведат во наредните три, шест и девет месеци за придвижување на евроинтегративниот процес.

„Планот го насловивме 3-6-9 затоа што ги означува наредните временски точки на нашето заедничко придвижување напред. За три месеци треба да ги заокружиме првите реформи. Целта ни е до одржувањето на локалните избори да обезбедиме аргументација за Европската комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на пристапните преговори. За 6 месеци планираме да го заокружиме вториот реформски круг. Целта ни е до Советот на ЕУ во декември 2017 да покажеме сериозни резултати во повеќе области што ќе ја зацврстат перцепцијата за Македонија како сериозна земја кандидатка на Европската Унија.

За 9 месеци имаме намера да го имплементираме третиот круг реформи, за до следниот извештај на ЕК за Македонија да ги насочиме  земјите членки на Унијата кон дискусија за утврдување на датум за претпристапни преговори на Европската Унија со Република Македонија. Ова очекувам во брзо време да ги обезбеди и перспективите на Македонија во НАТО алијансата“, потенцираше Заев. 

Премиерот најави демократски Парламент, реформи во судството, во медиумите, во јавната администрација, како и во безбедносните служби, борба против организираниот криминал и корупцијата, услови за фер и демократски избори според препораките на ОБСЕ/ОДИХР и сите други релевантни меѓународни организации и соработка со претседателот на државата.

„Ќе овозможиме опозицијата да се вклучи во спроведувањето, надзорот и консултациите околу мерките во Планот, како и сите други поединци, групи, партии, организации. Сите реформи сакаме да ги направиме врз принципиелна основа, низ темелно согледување на состојбите и системско решавање на проблемите, а не со избрзани или половични решенија. Тоа ќе бидат суштински промени во корист на секој граѓанин и затоа подаваме рака кон сите. Одлучни сме да работиме низ принципите на вклученост, правда и правичност. Овие реформи за кои зборувам се потребни, пред сè, поради нас, како граѓани и како држава“, изјави Заев.

Владата ќе продолжи да соработува со граѓанското општество како рамноправен партнер и коректор на нејзините одлуки, дополни премиерот, со целосно право, како што рече, да учествува во градење на политиките, да сугерира и да критикува.

„Имаме намера дијалогот на Владата со граѓанското општество да биде континуиран, транспарентен и целосно инклузивен. Имаме вистинска шанса Македонија конечно да ја извлечеме од долгогодишната криза и суштински, еден по еден, да ги решиме длабоките проблеми. Тоа води кон заеднички напредок. Тоа води кон квалитетен живот на сите во Република Македонија“, рече Заев.

На денешната прес-конференција вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, презентираше дел од областите, како и дел од содржината на планот 3-6-9:

Во делот на правосудството

Забелешките и препораките на Европската комисија и на Советот на Европа, поконкретно на Венецијанската комисија и ГРЕКО, како и сите други релевантни документи со кои се предвидува на краток, среден и долг рок да се изгради независен, непристрасен, професионален и ефикасен судски систем – Владата ги прифаќа.

На краток рок, Владата ќе направи ревизија на Нацрт-стратегијата за реформа на правосудниот систем и ќе започне да гради атмосфера на слободно судство, без политички притисоци, со цел да обезбедиме простор и за неопходните законски измени на среден и долг рок.

Во тој дел, некои од активностите се: укинување на Законот за утврдување факти и дисциплинска одговорност на судии и во таа насока, измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет; формирање нова работна група за ревидирање на Нацрт-стратегија за реформа на правосудниот сектор во согласност со препораките на ЕК, Венецијанска комисија и ГРЕКО; зајакнување на кадровските капацитети на Народниот правобранител; целосна поддршка на работата на СЈО итн.

Во делот на медиумите

Препораките содржани во извештаите на ЕК, експертите на Советот на Европа и слично за отворање на информациите кои се од јавен интерес на слободен увид на јавноста; за изградба на партнерски однос со медиумските асоцијации и граѓанскиот сектор; за регулирање на комерцијалното рекламирање на Владата, како и за професионализација на јавниот радиодифузен сервис – Владата ги прифаќа.

Дел од активностите предвидуваат: Одлука за стопирање со владините реклами на комерцијалните радиодифузери, објавување на сите трошоци за рекламирање на Владата и објаснување на критериумите за избор на медиумите за периодот 2008-2017 во форматот доставен од Европската комисија; одржување јавна консултација со медиуми, медиумски здруженија и граѓански организации; одржување неделен брифинг на Владата со медиумите итн.

„Спроведувањето на овие реформи не претставува само обврска која ја имаме преземено пред нашите меѓународни партнери, туку и неопходен предуслов за да изградиме функционална демократија, стабилно општество и компетитивна економија. Долгото чекање пред вратите на Унијата нè влече назад и како што видовме во изминативе две-три години, нè однесе во длабока политичка и институционална криза. Овој прозорец на можности што сега ни се отвора, овој нов моментум на севкупен оптимизам, како во земјава, така и во земјите членки на Европската Унија, мора да го искористиме и мора да испорачаме“, истакна Османи.

А. Б.