/ Прочитано:

1.746

ПРЕПОРАКИ ЗА НОВИОТ ЗАКОН ЗА БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ: Еднаков пристап до правда и усогласување со ЗПП, со ЗКП и со Законот за нотаријатот

„Пристап до правда во Македонија“ детектира повеќе слабости во системот на бесплатната правна помош во Република Македонија.

akad 7

Со цел подобрување на системот за заштита на човековите права во земјата и на постојниот систем за бесплатна правна помош на граѓаните, „Пристап до правда во Македонија“ дава насоки и можни решенија за нивно надминување и за обезбедување на еднаков пристап до правдата за сите граѓани. Насоките и препораките за подобрување на Законот за бесплатна правна помош и на системот за бесплатна правна помош се следните:

  1. Поширок опфат на правни прашања за кои може да биде одобрена правна помош и олеснување на условите кои треба да ги исполнат барателите на бесплатна правна помош

– Правните потреби на граѓаните треба да бидат целосно отсликани во опфатот на новиот Закон за бесплатна правна помош со цел обезбедување еднаков пристап до правда. Притоа, правните области, наместо да бидат таксативно наброени и исклучувачки, треба да ги опфатат сите правни прашања и проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Понатаму, за да се опфатат сите граѓани на кои им е потребна правна помош, потребно е олеснување на условите кои граѓанинот треба да ги исполни за да добие бесплатна правна помош.

  1. Трошоци кои треба да бидат опфатени со правото на бесплатна правна помош

– Во однос на трошоците, од досегашната пракса се јавува потребата правото на бесплатна правна помош да ги опфати сите трошоци кои произлегуваат од одреден правен спор за кој е одобрена бесплатна правна помош.

  1. Проширување на опфатот на претходна бесплатна правна помош и финансирање на работата на здруженијата

– Претходната правна помош која им ја даваат овластените здруженија и подрачните одделенија на Министерството за правда на граѓаните по теркот на правните системи кои се предмет на компаративна анализа во овој документ, покрај правните совети и пополнувањето на барање за бесплатна правна помош, потребно е да вклучи и составување на едноставни писмена за управна постапка.

– Авансното финансирање, односно давањето грант на здруженијата, претставува најдобар механизам за да се обезбеди одржливост и ефикасно работење на здруженијата.

  1. Децентрализација на донесувањето одлука по барањата за бесплатна правна помош

– Децентрализацијата е клучна кога се работи за кратки рокови кои треба да се запазат, а во исто време преку повеќестепеноста на постапката ќе се обезбеди и поголема правна сигурност на граѓаните.

  1. Законот за бесплатна правна помош мора да биде усогласен со останатите закони со кои е поврзан

– Законот за бесплатна правна помош е дел од правниот систем на Република Македонија и може да биде целосно имплементиран само доколку е во согласност со сите материјални и процесни закони, притоа меѓу оние со кои е тесно поврзан се вбројуваат: Законот за парничната постапка, Законот за кривичната постапка, како и Законот за нотаријатот.

  1. Формирање на независно тело за набљудување и оцена на имплементацијата на Законот за бесплатна правна помош

– Клучниот елемент кој треба да се опфати со новиот Закон за бесплатна правна помош е формирањето на независно тело кое ќе го гарантира еднаквиот пристап до правда на сите граѓани, ќе одлучува во втор степен по жалба за донесено решение и ќе има други надлежности опфатени со законот, а опфатени подолу во овој документ. За сите предлози кои се објаснети подолу потребна е широка дебата на која тие ќе бидат разгледани и презентирани пред сите засегнати страни, при што ќе има простор за нивно дополнување.

Потребна е итна промена на Законот за бесплатна правна помош со цел негово усогласување со Законот за нотаријатот за да се избегне изигрување на ранливите категории граѓани на кои им е потребен адвокат.

Овој закон содржи одредби што се директно поврзани со Законот за бесплатна правна помош. Според новиот Закон за нотаријатот, при распределувањето на оставината, односно при наследувањето, задолжително е присуство на адвокат во својство на полномошник за секој од учесниците – странките. Ова значи дека при оставинската постапка странките ќе имаат и нотарски и адвокатски трошоци. Загриженоста кај организациите од мрежата „Пристап до правда во Македонија“ се однесува на начинот на кој Министерството за правда ќе ги одвои нотарските од адвокатските трошоци и кои трошоци од постапката ќе им ги признае на сиромашните граѓани што ги исполнуваат условите за добивање бесплатна правна помош?! Во досегашната пракса на мрежата „Пристап до правда во Македонија“ регистрирани се случаи во кои на сиромашни и неуки странки им се потребни средства за да платат адвокатска награда за составување предлог за поведување на оставинска постапка, а врз основа на ваквиот предлог оставината ќе биде распределена од страна на нотар. Министерството за правда ги третира целокупните трошоци (и нотарски и адвокатски) при оставинските постапки како нотарски трошоци, со што на странките не им се признаваат адвокатските трошоци во имотноправна постапка, гарантирани со Законот за бесплатна правна помош.

Писмото со препораки,  Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со партнерските здруженија го доставија до Министерството за правда, а со цел подобрување на Законот за бесплатна правна помош. Проекот е финансиран од Европската Унија, кој се спроведува од страна на Фондација Отворено општество – Македонија, во партнерство со Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Едукативно – хуманитарна организација – ЕХО од Штип, Национален ромски центар од  Куманово, Младински културен центар од Битола и Избор од Струмица.

Целосниот текст на документот

M.В