/ Прочитано:

1.053

Препораки за работодавачите да не објавуваат дискриминаторски содржини во огласите за вработување

Петок, 7 август 2015 – Дискриминација е секое неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење разлика или нееднакво постапување, односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба или врз која било друга основа. Како едно од прашањата што се однесуваат на заштитата од дискриминација од Комисијата го посочуваат објавувањето на дискриминаторски содржини во огласите за вработување.

За таа цел од Комисијата за заштита од дискриминација ги упатуваат следните препораки до работодавачите во врска со објавувањето на  дискриминаторски содржини во огласите за вработување:

1. Дискриминацијата не се јавува само во рамките на работната организација, туку и при процесот на вработување (огласувањето, интервјуирањето, селектирањето и изборот на кандидати);

2. Доколку направите некакви ограничувања, односно доколку на некоја категорија на лица им оневозможите да се јават на огласот вие правите тројна штета: прво, на лицата што припаѓаат во таа категорија не им овозможувате да се јават на огласот и на тој начин ВРШИТЕ ДИСКРИМИНАЦИЈА. Второ, вашата фирма ГУБИ ОД ИМИЏОТ кај сите што ги читаат огласите. Трето, вие ГУБИТЕ, ЗАТВОРАЈЌИ ЈА ВРАТАТА ЗА НЕКОГО затоа што и меѓу оние што условно „не ви се потребни“ можеби е вистинскиот што го барате, многу подобар од останатите.

 3. Многу често вие барате не постар од 25 години. Сте ја затвориле вратата на пример на оној што има 30 години, а тој има и повеќе искуство, а може да има и повеќе енергија за работа. Барате девојка, а заборавате дека некое момче може да биде исто толку шармантно, паметно и работливо и да придонесе многу повеќе за вашата фирма. А дали знаете дека лице со инвалидитет, доколку само малку му ги приспособите условите за работа, може да биде многу покреативно и попродуктивно од останатите. Дополнително, на ваков начин вие им покажувате на останатите дека ги прифаќате овие лица и имиџот на фирмата расте. Размислете само колку може да биде од корист вработувањето на некој што припаѓа на друга етничка заедница различна од вашата. Тоа е непроценливо богатство – во секое време имате некој што ќе ви помогне во преводот, да креирате нови бизнис-соработки со припадници на други заедници, внатре во фирмата создавате дух на меѓусебно почитување и повторно имиџот – секој ќе ја цени вашата фирма, и од другите етнички заедници и од вашата Затоа не дискриминирајте врз ниту една основа (кои се основите на дискриминација прочитајте подолу);

4. Потребно е, пред да го пуштите огласот за објавување, да проверите ДА НЕ ГИ СОДРЖИ СЛЕДНИВЕ ЕЛЕМЕНТИ:

a.) Исклучување на одредени категории, односно да не се бара одредена возраст, пол, да не биде во брак, да има или да нема деца, да припаѓа или да не припаѓа на одредена етничка заедница и сл.;

б.) Да се бара познавање на одреден јазик, а тоа не е неопходно за работата. Исто така, барањето на „солидно“ или „одлично“ познавање на јазик, а тоа не е неопходно. На ваков начин може да се дискриминираат припадници на заедници што не го знаат на највисоко ниво јазикот што се бара, а тоа не е неопходно за работата;

в.) Барање фотографија. На ваков начин индиректно можете да дискриминирате некого што припаѓа на некоја етничка заедница, возрасна категорија или, пак, некого со одреден видлив инвалидитет;

г.) Барање возачка дозвола, без реално да има потреба од неа за работното место што го огласувате. На ваков начин индиректно ги дискриминирате лицата со инвалидитет или, пак, лицата што поради одредено заболување не биле во можност да добијат возачка дозвола. Добро проценете дали за работното место што го огласувате навистина има потреба од возачка дозвола;

д.) Барање на уверение за здравствена состојба. Доколку работното место има своја специфика, која наметнува лицето да нема одредени заболувања, тогаш потребно е да наведете кои видови заболувања/попречености не треба да ги има лицето што се јавува на огласот. Многу е релативна категоријата општа здравствена состојба. Имајте предвид дека со соодветно приспособување на работното место можете да вработите и лице кое има одредена попреченост, а со приспособувањето таа се надминува. Исто така, имајте предвид дека и кај лица што имаат одредени заболувања кои не им пречат во остварувањето на работните обврски, таквите заболувања немаат никакво значење;

ѓ.) Барање на жителство на одредена општина. Имајте предвид дека на ваков начин оневозможувате да се јави на огласот некој/некоја што решил/а да работи во општината за каде што е наменет огласот.

5. Направете систематизација во која ќе ги наведете спецификите на ограничувањата што не треба да ги има работникот на тоа работно место. Доколку може да се направи приспособување на условите, тогаш ограничувањата немаат никакво значење. Бидете внимателни во дефинирањето на ограничувањата, односно дали навистина не треба да ги има наведените заболувања, односно инвалидитет, работникот за соодветното работно место.

 6. Создадете внатрешна процедура во организацијата. Определете лице што ќе ги составува огласите, кое ќе внимава на елементите на недискриминацијата. Исто така, развијте процедура да бидат прегледани и одобрени огласите од повисоко ниво во рамките на организацијата;

 7. Доколку имате нејасност дали нешто е дискриминација или не, контактирајте со Комисијата за заштита од дискриминација. Дискриминација е секое неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење разлика или нееднакво постапување, односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба или врз која било друга основа.

М.В