/ Прочитано:

1.209

ПРЕПОРАКИ ЗА РЕФОРМА НА ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС

Понеделник, 17 август 2015 – Граѓанската асоцијација МОСТ како набљудувач во изборниот процес, смета дека преговорите за реформа на истиот мора да ги земат предвид меѓународните стандарди и компаративните искуства за изборите, за чија цел е подготвен и документот „Препораки за реформа на изборниот процес“.

Документот е подготвен врз база на 13-годишното искуство на МОСТ во набљудување на изборните процеси во РМ и во странство – како дел од набљудувачки мисии на ОБСЕ/ОДИХР и ЕНЕМО, како и преку градење на капацитетите на граѓанските организации за домашно набљудување на избори. Документот е поделен на поглавја кои ја следат хронологијата на изборниот процес.

„Секое од поглавјата дава кус опис на сегашните законски одредби за таа област, хронологија и анализа на нивното спроведување, како и препораки, можни решенија и алтернативи за идентификуваните предизвици и проблеми. Препораките се подготвени имајќи ги предвид меѓународните стандарди и компаративните искуства за изборите“, истакнуваат од граѓанската асоцијација.

Извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов, истакнува дека препораките кои ги содржи овој документ се однесуваат само на најважните аспекти од изборниот процес, како што се изборниот систем, гласањето во странство, Државната изборна комисија, Избирачкиот список, изборната кампања и нејзиното финансирање и заштитата на избирачкото право.

„Тие не претставуваат замена за препораките кои се содржани во извештаите на МОСТ за досегашните избори, туку треба да се читаат комплементарно со нив. Дел од нив се предмет на преговорите помеѓу политичките партии, а дел од нив претставуваат долгогодишни заложби на МОСТ за кои политичките партии треба да постигнат консензус“, нагласува Алексов.

МОСТ се надева дека овој документ ќе ги поттикне и останатите чинители во изборниот процес да ги изнесат своите идеи за реформа во една поширока дебата, како и дека ќе им служи на политичките партии како ресурс во поставувањето на основи за изборен процес со висок степен на доверба.

„Сепак, мора да се истакне дека не постојат совршени решенија кои може да се применуваат во сите држави и затоа при дизајнирањето на идните решенија мора да се имаат предвид спецификите на Република Македонија како држава и нејзиниот политички систем, минатите искуства, потребите на граѓаните, како и политичката култура.МОСТ, исто така, се надева дека конечно ќе започне да се гради одржлив систем кој ќе биде во интерес на институциите, процесите и граѓаните. Како и досега, МОСТ им стои на располагање на сите учесници во овој процес за понатамошни анализи и дебати за сите прашања поврзани со изборите“, посочуваат од МОСТ.

ИЗБОРЕН СИСТЕМ

Да се разгледа можноста за воведување на модел со отворени листи, каде освен за политичкиот субјект ќе може да се гласа и за кандидатите од листата.

Пропорционален изборен систем со отворени листи

Пропорционалниот изборен систем со отворени листи на граѓаните им дава можност покрај гласот кој го даваат за политичката партија да гласаат и за поединечните кандидати од листата на таа партија. Со тоа тие можат директно да влијаат на распоредот на кандидати на листата предложен од политичките партии.

– Комбинирање на придобивките и на мнозинскиот и на пропорционалниот изборен систем.

– Кандидатите ќе бидат помотивирани во исполнувањето на ветувањата на граѓаните

– Точно лоцирање на одговорноста

– Зголемување на внатрепартиската демократија

– Кандидирање на поквалитетни кандидати и кандидати од сите области и слоеви на општеството

– Зголемување на одѕивот и зголемување на бројот на гласови кои партиите може да ги освојат

ГЛАСАЊЕ ВО СТРАНСТВО

Да се ревидира системот за гласање во странство, со оглед на нееднаквата можност за остварување на правото на глас и нееднаквоста на гласот во РМ и во странство.

Гласањето во странство да се суспендира за следните избори, а потоа да се отвори широка дебата за сите негови аспекти, со цел изнаоѓање на најсоодветните решенија.

 ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Да се преиспита начинот на предлагање и избор на членовите на ДИК, со оглед на тоа што тој има негативно влијание врз работата и донесените одлуки на овој орган.

ДИК да биде конзистентна во носењето на одлуките и да реагира во сите случаи кога постои прекршување на одредбите од Изборниот законик и другите закони поврзани со изборниот процес. МОСТ се надева дека конечно ќе започне да се гради одржлив систем кој ќе биде во интерес на институциите, процесите и граѓаните.

Да се појаснат одредбите во Изборниот законик во врска со изборот на членовите на ДИК.

Да се елиминира можноста членовите на изборните органи да гласаат воздржано.

ИЗБИРАЧКИ СПИСОК

Да се изврши детална теренска проверка на податоците во Избирачкиот список, во согласност со заклучоците на Работната група за проверка на Избирачкиот список.

Да се разгледаат алтернативни решенија за ажурирање и водење на Избирачкиот список, како на пример активна регистрација на гласачи.

Да се разгледа можноста Избирачкиот список да се направи подостапен за јавноста со соодветна заштита на личните податоци на граѓаните.

ДИК да ги надмине административните и техничките предизвици, и да објавува сеопфатни информации за резултатите од јавниот увид во Избирачкиот список.

ИЗБОРНА КАМПАЊА  

Да се регулира кои дејствија се дозволени во периодот од распишувањето на изборите до потврдувањето на кандидатските листи.

ФИНАНСИРАЊЕ НА ИЗБОРНАТА КАМПАЊА  

Да се предвиди рок во кој треба да се затворат финансиските сметки за изборната кампања затоа што непостоењето на ваков рок може да создаде проблеми при ревизијата на финансиските извештаи.

Да се преиспита можноста медиумите да даваат донации за политичките партии преку овозможување на попусти во платеното политичко рекламирање, затоа што на овој начин се заобиколува правото на учесниците во изборниот процес на рамномерен пристап во платеното политичко рекламирање.

Да се воведе одредба со која ќе се предвиди дека стоките и услугите коишто се фактурирани, а до денот на поднесувањето на конечниот финансиски извештај не се наплатени, ќе се сметаат за донација.

ЗАШТИТА НА ИЗБИРАЧКОТО ПРАВО

Постапката на одлучување по приговорите треба да содржи јасни стандарди кои ќе претставуваат основа за решавање по приговорите.

Да се вратат одредбите во членовите 159-161 од Кривичниот законик кои предвидуваа дека обидот за извршување на кривични дела против изборите и гласањето е казнив.

ЧУВАЊЕ НА ИЗБОРНИОТ МАТЕРИЈАЛ

Во Изборниот законик да се регулира како се постапува со изборниот материјал по завршувањето на изборите и референдумите.

ЦЕЛОСЕН ТЕКСТ НА ДОКУМЕНТОТ „ПРЕПОРАКИ ЗА РЕФОРМА НА ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС“

М.В