/ Прочитано:

3.458

(ФОТО) ПРЕСУДА: Една година затвор за скопскиот офталмолог Дејан Ставриќ

Понеделник, 26 мај 2014 – Скопскиот Кривичен суд денеска го прогласи за виновен и му изрече една година затвор на офталмологот Дејан Ставриќ за примање награда за противзаконито влијание. Судењето кое почна и заврши во еден ден се водеше по скратена постапка согласно новиот ЗКП. Според одбраната, се работи за монтиран процес, каде оштетениот, кој тврди дека Ставриќ му барал награда од 2.000 евра за посредување за добивање на инвалидска пензија, всушност е „провокатор“ кој е уценуван за да го оствари своето право. Бранителот Светлана Савиќ инсистираше на доказот дека оштетениот уште пред да му се обрати на Ставриќ поднел барање за добивање на ивалидска пензија и истиот добил позитивно решение на денот кога обвинетиот е уапсен. Според Обвинителството, пак, од сите изведени докази, како и од исказот на сведокот се докажало дека Ставриќ го сторил кривичното дело. Судот донесе одлука за укинување на мерката притвор на обвинетиот и замена со привремено одземање на патната исправа до изрекувањето на правосилната пресуда, но согласно новиот ЗКП, обвинителството во рок од 24 часа може да ја обжали оваа одлука пред повисокиот суд. 

Главната расправа почна со читање на обвинителниот предлог, според кој познатиот скопски офталмолог примил паричен износ од 2.000 евра од оштетениот Ладо Кузманоски со цел да му посредува за добивање на инвалидска пензија, односно Кузманоски да добие мислење за намалена работна способност.

„Обвинетиот ја примил ветената награда од 2.000 евра во угостоителски објект лоциран кај железничката станица и со таквите дејствија сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание“, потенцираше обвинителот Трајче Пеливанов.

Ставриќ, накратко се изјасни дека го разбира, но дека не го прифаќа обвинението. Со оглед дека предметот се водеше по новиот ЗКП веднаш се пристапи кон доказна постапка, односно во улога на сведок беше повикан оштетениот Ладо Кузманоски.

Тој најпрвин директно беше испитуван од застапникот на обвинителниот предлог. Според одговорите на Кузманоски, тој бил подлежен на операција спроведена од Ставриќ на Клинката во Скопје откако го повредил едното око. По операцијата, како што истакна, обвинетиот му кажал дека видот на ова око му е оштетен 98 отсто. По неколку прегледи, според неговите раскажувања, го прашал лекарот Ставриќ што да прави со оглед дека поради здравствената состојба не бил во можност да работи.

„Ми рече дека чаре се 2.000 евра за да добијам инвалидска пензија, односно по 500 евра за Ставриќ и за тројцата лекари од комисијата. Господ да ми го земе другото око ако не ја зборувам вистината“, потенцираше Кузманоски.

„По ова, кога се вратив дома во Прилеп размислував и по Велигден му се јавив на Ставриќ и му кажав дека ќе се снајдам со пари“, додаде оштетениот.

На 24, април, пак како што наведе, на телефон му се јавил Ставриќ за да го праша дали успеал да собере пари.

„Тогаш имав само 1.000 евра, бев многу револтиран и истиот ден го пријавив во полиција“, рече Кузманоски.

Според неговите кажувања,  на 5 мај му се јавиле од полицијата и му соопштиле дека ги обезбедиле парите и дека сега тој треба да ја договори средбата. По ова, како што рече, тоа и го сторил и со Ставриќ на 6 мај сретнале во угостителски објект лоциран кај Железничката станица во Скопје.

„Парите му ги дадов под маса, ги зеде и ги стави во задниот џеб“, истакна Кузманоски.

Во текот на вкрстеното испитување спроведено од страна на бранителот Светлана Савиќ се утврди дека оштетниот, пред да му се обрати на Ставриќ, веднаш по операцијата до Комисијата за оцена на работна способност при ПИОМ поднел конзилијарно мислење и останата документација за добивање на инвалидска пензија. Според одбраната, не е јасно како Ставриќ можел да му помогне за добивање на инвалидската пензија за која тој ги исполнувал условите, кога оштетениот ниту му кажал дека поднел барање, ниту му дал број на предмет. Од друга страна, пак,  на денот кога лекарот е приведен, 6 мај годинава, пациентот поштенски го добил решението дека му одобрена ивалидската пензија, кое пак е донесено од ревизорска комисија на 3о април 2014 година.

Кузманоски, по вкрстеното испитување, истакна оштетно побарување кое ќе го бара во парница, бидејќи, како што рече, Ставриќ му го оштетил видот.

Ставриќ: Не сме разговарале за инвладиска пензија

Преку директното испитување на обвинетиот од страна на бранителот Светлана Савиќ, пак,  беше изнесена сосема друга приказна од онаа на оштетениот.

Според Ставриќ, тој не разговарал со оштетениот за ивалидска пензија, туку Кузманоски му се јавил да му се пожали на здравјето со очите. Во времето кога се остварил овој телефонски разговор, Ставриќ веќе работел во приватна клиника. Според зборовите на обвинетиот, тој му соопштил на оштетениот дека на клиниката доаѓа светски познатиот хирург Мирослав Вукосављевиќ и дека има можност да му се направи нова операција, прва од ваков вид во Македонија, за која може да го стави на листа на чекање, но за која мора да плати минимален износ од околу 1.500 евра. Обвинетиот тврди дека ова всушност било причината за средбата кај железничката станица за која тој инсистирал да се случи во приватната клиника, но Кузманоски му рекол дека не го познава Скопје и дека мора брзо да замине за Прилеп.

Според верзијата на Ставриќ, кога му биле дадени парите под маса, тој не ги ни погледнал бидејќи мислел дека се работи за потребната документација и пари за операцијата.

„Операцијата која би ја извел Вукосављевиќ ќе беше прва од ваков вид во Македонија и мислам дека е жално што не се случи, како за државата, така и за пациентот. Јас денеска првпат слушнав дека добил инвалидска пензија“, истакна обвинетиот.

Обвинителот во текот на вкрстеното испрашување, меѓу другото, се интересираше дали Ставриќ на критичниот ден носел каса-прими со себе, на што доби негативен одговор.

Во склоп на доказната постапка беа изведени и материјалните докази по што следеа завршните зборови на обвинителството и одбраната.

„Сметам дека од сите изведени докази се докажа дека обвинетиот Дејан Ставриќ го сторил кривичното дело примање награда за противзаконито влијание. Оваа моја констатација ја темелам на исказот на Ладо Кузманоски во корелација со материјалните докази, изведените телефонски рагзовори и медицинската документација“, рече обвинителот во својот завршен збор додавајќи дека исказот на оштетениот е многу јасен и категоричен. Побара обвинетиот да се прогласи за виновен.

Одбраната, пак, го карактеризираше исказот на Кузамноски како конфузен и нереален.

„Ладо Кузманоски бил употребен за провоцирање и фингирање на кривично дело кон Дејан Ставриќ. По ова, Ладо го добил своето решение кое претставува награда за трудот кој го вложил“, истакна бранителот Савиќ.

„Како синдикален водач, Ставриќ не предизвикал симаптии кај оние кои можат да си го дозволат луксузот да провоцираат вакви ситуцаии и се негови неистомисленици“, подвлече Савиќ барајќи ослободителна пресуда за својот клиент.

Ставриќ остана на завршниот збор на својот бранител со единствено дополнение дека станува збор, како што рече, монтиран процес против него.

Со пресудата која беше изречена по десетминутно советување, лекарот Дејан Ставриќ беше прогласен за виновен и  осуден на казна затвор од една година во која ќе му се засмета и времето поминато во притвор.

Иако судот донесе одлука за укинување на притворот и замена со привремено одземање на патната исправа до изрекувањето на правосилната пресуда, согласно новиот ЗКП, обвинителството во рок од 24 часа може да ја обжали оваа одлука пред повисокиот суд.

Ставриќ, беше уапсен на 6 мај под сомнение дека противзаконски примил 2.000 евра, според кое, тој при медицински преглед на Клиниката за очни болести – Скопје дијагностицирал болест на очите кај еден пациент, за што му рекол дека со таква дијагноза повеќе не ќе можел да работи и дека за парична награда може да му посреди за инвалидска пензија.

(E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)