/ Прочитано:

2.919

ПРЕСУДА НА ЕСЧП: Следењето на електронската пошта на работникот од страна на работодавачот како повреда на човековите права

Европскиот суд за човековите права донесе пресуда за случајот „Bărbulescu vs. Romania“ во корист на романскиот работник кој бил отпуштен од работа откако фирмата во која бил вработен му соопштила дека ја користел службената електронска пошта за лични потреби.

Како што образложуваат од ЕСЧП, 38-годишниот Богдан Михау Барбулеску работел во приватна компанија како инженер, а работниот однос го засновал во  2004 година кога во оваа компанија се вработил во секторот за продажба и комуникација со клиентите.

Веднаш по вработувањето, приватната фирма на Барбулеску му отворила и електронска пошта, чија цел била да обезбеди олеснет пристап до клиентите.

Во 2017 година, Барбулеску добил забелешка од приватната фирма дека тој електронската пошта, покрај за службени цели, ја користел и за лични потреби. Ова било и причината за неговиот отказ.

За да го „докажат“ тоа, од приватната компанија на Барбулеску му претставиле документација во која се наоѓале негови приватни разговори, меѓу кои и разговор со неговиот брат. Документацијата со разговорите, образложиле од компанијата, била обезбедена преку системот за мониторирање на електронската пошта.

Убеден дека приватната фирма ги прекршила неговите човекови и работнички права, Барбулески почнал правдата да ја бара пред романските судови. Откако не успеал да го добие случајот, електроинженерот пред Судот во Стразбур се жалел дека домашните судови не ги заштитиле неговите права и дека приватната компанија како негов работодавач, со тоа што ги следела неговата електронска пошта и комуникации, го прекршила членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Ценејќи ги аргументите за овој случај, Европскиот суд за човековите права смета дека судовите не го заштитиле правото на приватен живот и кореспонденција, а со актот на следење на електронските комуникации бил повреден членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

„Во овој случај постои повреда на членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права. Националните авторитети не успеале да ги заштитат правата на жалителот“, се вели во пресудата на Европскиот суд за човековите права.

Во членот 8 од Европската конвенција за заштитата на човековите права, образложуваат од Судот, се пропишува дека секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.

М.В